Луис Енрике: Реваншот со Арсенал ќе биде тежок и неизвесен

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, изјави дека неговиот тим го покажал својот вистински менталитет во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите против Арсенал и дека добриот почеток на натпреварот бил клучен за победата.

„Размислуваме колку беше тежок натпреварот, бидејќи атмосферата на стадионот беше неверојатна. Мислам дека го покажавме нашиот вистински менталитет, почнавме добро и тоа ни ја зголеми самодовербата“, рече Енрике.

Вчера, ПСЖ го победи Арсенал со 1:0 на гостински терен во Лондон, во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите.

Реваншот е закажан за 7.мај во Париз, а победникот од овој двомеч ќе игра во финалето на Лигата на шампионите против подобриот тим од дуелот меѓу Барселона и Интер.

„Ова е одличен момент за нас, но мора да се ресетираме и да размислуваме за следниот натпревар. Реваншот ќе биде тежок и тесен. Многу сме среќни и мислам дека нашите навивачи можат да бидат среќни поради нашиот менталитет и амбиција да се бориме на секој натпревар“, додаде Енрике.

Енрике изјави дека играта на неговиот тим може да биде уште подобра.