Рафиња доби договор до 2028 година во Барселона

Шпанскиот шампион Барселона официјално објави дека една од главните фигури во тимот, Рафиња, потпиша нов договор кој ќе го обврзе со клубот до летото 2028 година, објавија Каталонците.

Бразилскиот офанзивен играч од средниот ред го парафираше новиот договор синоќа во седиштето на клубот, а на потпишувањето присуствуваа претседателот Жоан Лапорта, првиот потпретседател Рафа Хусте и спортскиот директор Деко. Така, тој го следеше тренерот Ханси Флик, кој исто така потпиша нов договор до 2027 година.

Рафиња пристигна во каталонскиот гигант во јули 2022 година од англискиот Лидс Јунајтед со амбиција да се етаблира како стартер на левото крило. Тој ја постигна својата цел во својата дебитантска сезона, придонесувајќи за титулата во Ла Лига со 10 гола и 12 асистенции. Минатата сезона, Бразилецот одржа високо ниво со десет гола и 13 асистенции во сите натпреварувања.

Сепак, тековната сезона се покажа како исклучителна – Рафиња ги надогради своите перформанси, постигнувајќи импресивни 34 гола и асистирајќи за уште 25 во 56 натпревари. Неговиот придонес беше клучен за триумфот во Ла Лига, Купот на кралот и Суперкупот на Шпанија, станувајќи еден од фаворитите за „Златната топка“, заедно со неговиот соиграч Ламин Јамал, Мохамед Салах од Ливерпул и Осман Дембеле од Пари Сен Жермен.

Се очекува и Ламин Јамал да го продолжи и својот договор ова лето, што ќе се случи откако ќе наполни 18 години во јули.