Кузмановски: Македонија е зелено-бела, Битола ќе слави титула три дена!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја одбранија титулата во домашниот шампионат откако во решавачкиот меч забележаа победа на гостувањето кај Вардар со 30-32. Во победничкиот состав Кузмановски постигна седум, а Пешевски и Тајник по пет. гола На крајот на шампионатот Еурофарм Пелистер го обезбеди врвот со два бода предност пред „црвено-црните“.
По победата своите импресии ги изнесоа капитените на Еурофарм Пелистер, Кузмановски и Митревски.
Филип Кузмановски
Верував во екипата, од почетокот до крајот и се надминавме. Ова е најдрагата титула за мене, за мојот матичен клуб, за мојот град и за нашите навивачи. Поминавме многу заедно и заслуживме да дојдеме каде што сме. Вечерва Македонија е „зелено-бела“. Ќе славиме титула три дена.
Никола Митревски
Сакам да им честитам на сите присутни во салата. Покажавме дека можеме да организираме натпревар со врвна организација и однесување на теренот и трибините. Имавме тешка сезона, големи падови, но кога требаше се издигнавме. Верувавме дека можеме, а кога веруваш сè е можно. На претходните два порази од Вардар 1961 сите ничии топки завршуваат кај нив. Денес сите тие топки завршија кај нас, имавме спортска среќа и затоа победивме. Вардар беше под притисок, ние немаше што да загубиме и покажавме карактер.
Осуммина пелистерци со трите шампионски титули во Суперлигата!
Со голема драма во сите три сезони и со различни тренери на клупата Еурофарм Пелистер комплетираше хет-трик на трофеи од домашниот шампионат. Мала е групата на ракометари и членови на стручниот штаб кои ги освоија сите три титули. Во генерациите 2022/23, 2023/24, 2024/25 учествуваа: Павле и Петар Атанасијевиќ, Цветан Кузманоски, Емилијан Ѓорговски, Ненад Костески, Павле Петровиќ и Жарко Пешевски. Исто така дел од трите шампионски генерации се тренерот на голмани Ице Соколески, спортскиот директор Звонко Шундовски, кондициониот тренер Александар Марковски и физиоперапевтот Филип Милевски.
Секако, трофеите се под палката на семејството Стерјеви и компанијата Еурофарм, која е сопственик на мнозинскиот пакет акции на Еурофарм Пелистер. Дел од акциите има и Општина Битола, која секоја година несебично го помага клубот и повеќе од потпишаниот договор. По потпишувањето на платформата за ракометна Битола има само еден трофеј кој пелистерци не го освоиле – тоа е Купот на Македонија.