Хулиан Алварез – можен наследник на Левандовски во Барса?

Според „Cadena SER“ претседателот на Барселона, Хоан Лапорта, ја потврди заинтересираноста на клубот за ангажирање на аргентинскиот напаѓач Хулијан Алварез како долгорочна замена за Роберт Левандовски. Во интервју со изворот, Лапорта изјави: „Идеата е да го доведеме кога ќе замине Левандовски,“ со што јасно ја изрази намерата на клубот да го засили нападот по заминувањето на ветеранот. 

Левандовски, кој има 36 години, се очекува да го напушти клубот во 2026 година откако ќе му истече договорот. Барселона веќе ги презема првите чекори во потрага по негова замена, а Алварез, кој има блескава дебитантска сезона во Атлетико Мадрид со 29 постигнати голови, се наметнува како главна цел. 

Сепак, доведувањето на 24-годишниот напаѓач нема да биде лесна задача. Поранешниот играч на Манчестер Сити има проценета цена од околу 90 милиони евра. Претседателот на Атлетико,  веќе разјасни дека Алварез не е за продажба, што дополнително ги отежнува преговорите. 

И покрај пречките, спортскиот директор на Барселона, Деко, и тренерот, Ханси Флик, наводно силно се залагаат за негов ангажман. Флик особено го цени тоа што Алварез е флексибилен играч – може да игра како централен напаѓач, во повлечена улога или по крилата, што му дава тактичка ширина на тимот. 

Финансиската состојба на клубот останува значајна пречка, но изјавите на Лапорта покажуваат дека Барселона сериозно размислува за ова засилување. За да го реализира трансферот, клубот најверојатно ќе прибегне кон продажба на играчи, реорганизација на платите и други финансиски маневри. 

Како што се приближува последната сезона на Левандовски на Камп Ноу, Барселона очигледно се обидува навреме да го обезбеди идниот лидер на нападот.