Пелистерци добија златници за одличната сезона во младинската ЛШ

Со официјална вечера на младинската екипа која го претставуваше клубот, градот и Македонија во ЕХФ Лигата на шампиони за млади, шампионот Еурофарм Пелистер, означи крај на уште една успешна сезона.

По повод големиот успех и пласманот на завршниот турнир на ЕХФ Лигата на шампиони за млади, сите ракометари, членови на стручниот штаб и организацијата на клубот добија златници со логото на клубот и на натпреварувањето.

Овој златник претставува уникатен спомен и награда за импресивниот успех. На ракометарите им се обрати спортскиот директор Звонко Шундовски и техничкиот директор Горан Петровски.

Младинците на битолскиот тим со победите над Динамо Букурешт и Киелце обезбедија пласман меѓу четирите најдобри во Лигата на шампионите, каде забележаа порази од ГОГ Гудме и Барселона.