Симеоне нуди богатство за Кристијан Ромеро од Тотенхем

За тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, летниот трансфер период се сведува главно на едно име – станува збор за стоперот на Тотенхем, Кристијан Ромеро, објавија шпанските медиуми. Аргентинскиот репрезентативец има договор со „Спарс“ до јуни 2027 година и лондонскиот клуб бара за него 70 милиони евра отштета.
Преговорите помеѓу двата клуба траат веќе некое време, а медиумите тврдат дека „Колчонерите“ се подготвени да го платат тој износ. Атлетико нуди 55 милиони евра и уште 15 милиони во потенцијални бонуси. Минатото лето, Атлетико донесе од Манчестер Сити играч на цена од 75 милиони евра, Хулијан Алварез, што се покажа како правилна одлука, бидејќи аргентинскиот голгетер постигна веќе 29 голови и седум асистенции во својата прва сезона.
И додека Алварез е клучен играч во нападот на Атлетико, Ромеро би требало да биде столбот на одбраната. Неговото доаѓање силно го поддржуваат претседателот на клубот, Енрике Серезо, и извршниот директор, Гил Марин. Ромеро е во Тотенхем од август 2022 година, а дојде од Аталанта во трансфер вреден 52 милиони евра.