Кајл Вокер изненадувачки потпиша за Барнли

Англискиот дефанзивец Кајл Вокер ги напушти редовите на Манчестер Сити и од следната сезона ќе го носи дресот на премиерлигашот Барнли.

Барнли не ја прецизираше вредноста на двегодишниот договор, но англиските медиуми јавија дека Вокер ја смениl клупската средина за пет милиони фунти.

„Воодушевен сум што сум тука. Кога разговарав со Скот (Паркер) и слушнав за неговите планови за следната сезона, тоа беше можност што ја искористив веднаш. Тој заврши неверојатна работа тука, враќајќи го клубот во Премиер лигата, а сега заедно се радуваме на настапите во најсилната лига во светот“, изјави Вокер.

Англискиот десен бек го носеше дресот на Манчестер Сити од 2017 година и оттогаш одигра вкупно 319 натпревари за клубот.

Со Манчестер Сити освои шест титули во Премиер лигата, четири во англискиот Лига Куп, по две во ФА Купот и Комјунити Шилд, и по една во Лигата на шампиони, Светското клупско првенство и европскиот Суперкуп.