Македонските одбојкарски клубови ги дознаа ривалите во евро-куповите

Машкиот шампион на Македонија, Струмица 47&72 ќе се соочи со романскиот првак Динамо Букурешт во првата рунда во ЦЕВ Лигата на шампионите. На денешната ждрепка во Луксембург струмичани го добија најтрофејниот романски клуб за нивни ривал на стартот на новата елитна сезона.

Првиот натпревар Струмица го игра на домашен терен, 21/23 октомври, додека реваншот е една седмица подоцна во Букурешт (28/30 октомври).

Женскиот првак Јанта Волеј Кисела Вода, пак, во најелитното европско клупско натпреварување ќе дебитира во втората рунда, каде на денешната ждрепка за противник го доби претставникот на БиХ, Гацко. Со трикратниот шампион во низа на БиХ, тимот на Јанта ќе игра во термините – 21/23 октомври пред домашната публика, односно на гости во Гацка 28/30 октомври.

Тројцата македонски претставници во третиот по квалитет европски клупски куп, Челинџ купот во новата сезона, Штип УГД во машка конкуренција, односно Наковски Волеј и Работнички Скопје кај дамите, попладнево на ждрепката во Луксембург ги добија противниците.

Штип УГД во првото коло ќе има далечно гостување кај норвешкиот клуб Кол ИЛ од Осло. Првиот натпревар освојувачот на Купот го игра на гости, 11/13 ноември, додека реваншот го игра дома една недела подоцна 18/20 ноември.

Кај дамите Наковски Волеј како освојувач на Купот беше сместен меѓу носителите и на стартот на натпреварувањето ќе се соочи со ТЈ Острова од Чешка. Првиот меч девојките на Наковски го играат 28/30 октомври, додека реваншот е 4/6 ноември.

Работнички Скопје, кој со вајлд-карта доби право за учество во Челинџ купот, ќе игра против дебитантот Рае Спортдикол Властон од Естонија. Во истите термини како и Наковски Волеј, играат и одбојкарките на Работнички, но разликата е што првиот меч го играат дома (28/30.10) додека вториот дуел го играат на гости (4/6.11).