Меси под лупа поради наводна уцена кон млад фудбалер

Во аргентинската репрезентација се појави контроверзија, откако Лионел Меси беше обвинет дека стои зад Педро Де ла Вега да не добие повик за сениорскиот тим. Според извештаи, тензиите се појавиле за време на финалето во амеркианскиот куп, каде Интер Мајами загуби со 3-0 од Сиетл Саундерс. 

Иако Де ла Вега беше прогласен за најдобар на турнирот, вниманието се насочи кон вербалниот судир што го имал со Меси и Родриго Де Пол на теренот. Наводно, Меси му испратил остра порака на младиот фудбалер, со предупредување дека нема да добие шанса во националниот тим додека тој е дел од него. 

Ситуацијата доби нова димензија кога поранешниот МЛС напаѓач Алан Гордон ја спомена на популарен подкаст, тврдејќи дека Меси директно инсистирал Де ла Вега да не биде повикан. Иако Де ла Вега подоцна ја минимизираше случката, нагласувајќи дека има почит кон Меси и останатите ветерани, шпекулациите не стивнуваат. 

Де ла Вега има настапи за младата репрезентација на Аргентина, но сè уште чека дебитантски повик за сениорите. Со оглед на тоа што се очекува Меси да се повлече од репрезентативниот фудбал по Светското Првенство во 2026, се поставува прашањето колку влијание сè уште има во изборот на тимот – и дали овој инцидент открива подлабоки тензии во аргентинскиот национален тим.