Вилшер почнува тренерска кариера, ќе го води Лутон Таун

Поранешниот англиски репрезентативец и некогаш голема надеж на Арсенал, Џек Вилшер, официјално ја започна својата тренерска кариера откако беше назначен за нов менаџер на Лутон Таун.

Клубот од Англија денеска ја потврди информацијата, соопштувајќи дека помошник на Вилшер ќе биде Крис Пауел. На клупата на Лутон тој доаѓа како наследник на Мет Блумфилд, кој беше отпуштен по серија слаби резултати.

Интересно е што токму во Лутон Вилшер ги направи своите први фудбалски чекори, пред на деветгодишна возраст да премине во младинската академија на Арсенал.

„Ова за мене е огромна чест и привилегија. Чувството е како да сум затворил еден круг. Првпат стапнав во овој клуб како осумгодишно дете, а сега се враќам како тренер. Судбина е што токму Лутон ми ја дава првата можност како главен тренер. Навистина сум среќен и горд што сум повторно тука – овој клуб многу значи за мене“, изјави Вилшер по назначувањето.