Нејмар доаѓа во Мајами и пак ќе се формира триото МСН

Лионел Меси и Луис Суарес би можеле повторно да добијат стар познаник во соблекувалната на Интер Мајами, откако медиумите најавуваат можен трансфер на Нејмар во клубот од Флорида.
Според информации на „Дејли мејл“, кои се повикуваат на извори блиски до сопственикот Дејвид Бекам, бразилската ѕвезда е на чекор од договор со Интер Мајами, а целата приказна би можела да се реализира по истекот на неговиот договор со Сантос на крајот од декември.
Доколку трансферот се оствари, Нејмар повторно би се обединил со соиграчите од славните времиња од Барселона, каде заедно со Меси и Суарес ја чинеше легендарната напаѓачка тројка која доминираше во шпанскиот и европскиот фудбал.
Покрај клубските амбиции, Нејмар наводно ја гледа МЛС како идеална можност да ја врати формата и самодовербата пред Светското првенство 2026 година, на кое се надева дека ќе ја предводи Бразил кон титулата што му недостасува во богатата кариера.