Еурофарм Пелистер херојски парираше, но Барса ги однесе бодовите од битолскиот „вулкан“

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа одличен натпревар, но претрпеја пораз во Лигата на шампионите, откако вечерва загубија од повеќекратниот европски првак Барселона со 30-34 (13-17).
Битолчани беа равноправен противник против фаворитот во поголемиот дел од првиот дел, а резултатот беше нерешен девет пати до 9-9. Во тој период македонскиот првак во четири наврати имаше водство од еден гол. По 9-9 Барселона направи серија од 6-1 за водство од 10-15, што само ја навести победата на шпанскиот тим.
Во второто полувреме Барселона во неколку наврати имаше предност од +7, а во финишот битолчани намалија на 30-33, но гостинот го задржа водството.
Најефикасни на дуелот беа Дејан Манасков и Ник Хенигман од Еурофарм Пелистер со по осум голови, а кај победничката екипа Дика Мем и Домен Макуц постигнаа по шест. Голманот на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски дуелот го заврши со тринаесет одбрани.
Во следното шесто коло следниот четврток Еурофарм Пелистер гостува кај Магдебург.