Мареска со нови проблеми, Палмер ќе паузира уште шест недели

Играчот од средниот ред на Челзи, Кол Палмер, ќе отсуствува од теренот уште шест недели поради повредата на препоните, објави денеска тренерот Енцо Мареска пред саботниот премиерлигашки дуел против Нотингем Форест.
Палмер се повреди во август, но се врати во составот на Челзи и постигна по еден гол на натпреварите против Брентфорд и Баерн Минхен.
Сепак, повредата на 23-годишниот англиски репрезентативец се влоши во поразот на Челзи од Манчестер Јунајтед на 20 септември.
„Погрешив во врска со Палмер. За жал, тој мора да отсуствува уште шест недели“, им изјави на новинарите Мареска.
„Се обидуваме да го заштитиме Кол колку што можеме. Најважно е кога ќе се врати, да биде целосно подготвен. Медицинскиот персонал не се магионичари. Се надеваме дека шест недели се доволни. Мора да го видиме тоа чекор по чекор. Сигурен сум дека ќе биде добро“, додаде Мареска.