Пикси со емотивна порака се прости до српската репрезентација

Драган Стојковиќ – Пикси повеќе не е селектор на фудбалската репрезентација на Србија. Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Србија ја прифати неговата оставка по поразот од Албанија во квалификациите за Светското првенство 2026, со што „орлите“ останаа без кормилар.
Пикси по разделбата упати емотивно писмо во кое се заблагодари на сите со кои соработуваше во изминатите години.
„По четири и пол години, повеќе не сум на позицијата селектор на А-репрезентацијата на Србија. Прво, сакам искрено да му се заблагодарам на Фудбалскиот сојуз на Србија за довербата што ми ја покажа, беше чест и голема привилегија да ја водам репрезентацијата на мојата земја. Заедно успеавме да постигнеме историски резултат и, по 24 години, да поврземе две големи натпреварувања, односно Светското првенство и Европското првенство. Успеавме да ја постигнеме целта што си ја поставив како тренер. Секогаш ќе ги паметам сцените од Лисабон, бидејќи тоа е еден од најубавите моменти во мојот живот и еден од најголемите успеси на српскиот фудбал во поновата историја“, порача Стојковиќ.
Стојковиќ ја презеде Србија во 2021 година и ја одведе на две големи натпреварувања, Светското првенство во Катар и Европското првенство во Германија. И покрај критиките во последниот период, тој ќе остане запаметен како човекот кој успеа да ја врати репрезентацијата на најголемата сцена.