Лацио ја продлабочи кризата на Јуве, Тудор ризикува отказ

Фудбалерите на Лацио го победија Јувентус со 1-0 во последниот натпревар од деветтото коло на италијанската Серија А. Единствениот гол на натпреварот го постигна хрватскиот фудбалер Тома Башиќ, кој беше стрелец во деветтата минута од натпреварот. Тоа беше неговиот прв гол по 907 дена.
Со оваа победа, Лацио скокна на 10-то место со 11 бода, додека Јувентус остана осми со еден бод повеќе.
Екипата на Игор Тудор на тој начин продолжи со серија од осум последователни натпревари без победа во сите натпреварувања, што е најдолгата таква серија во последните 16 години. Исто така Јувентус е во серија од четири натпревари без постигнат гол во сите натпреварувања.
Лацио, од друга страна, ја продолжи својата серија од четири натпревари без пораз.
Лацио поведе во деветтата минута. Башиќ го постигна голот по катастрофалната грешка на напаѓачот на Јувентус, Џонатан Дејвид, кој се обиде да ја врати топката кон својата одбрана со глава, но ја додаде директно до Данило Каталди.
Капитенот на Лацио веднаш ја препозна можноста и навремено го проигра Башиќ, кој шутираше по земја со левата нога од околу 20 метри. Топката отскокна од Федерико Гати и го измами голманот Матија Перин.