Празни мрежи во дуелот на Пелистер и Тиквеш во Битола

Екипите на Пелистер и Тиквеш играа многу важен меч во Битола, но и двата колективи ја продолжија кризата во македонскиот шампионат со празно реми од 0-0 во рамки на единаесеттата рунда од Првата фудбалска лига.
Пелистер се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен и да има иницијатива, но овој таа не резултираше со голгетерска надмоќ. Тиквеш очигледно беше дојден да се брани и одбранбената тактика им овозможи да заминат непоразени од Битола.
Меѓу ретките акции кои остануваат за спомнување од првото полувреме се полушансата за домашните по шутот на Белиќ во третата минута, како и обидот за контра напад со спречен обид за шут на спротивната страна. Керим имаше два обида да го донесе Пелистер во водство, еден при крај на првото полувреме, а еден во вториот дел, но многу поопасно делуваше во вториот обид, кога биеше со глава.
Општо земено, битолчани за својата иницијатива можеа да се пофалат со неколку освоени корнери, но иако во вториот дел имаа и огромен посед на топката, ниту од прекините на игра не успеаја да создадат гол шанса. Мирко Ивановски во најголемиот дел од времето беше покриен или обидите за странични уфрлања на топката во шеснаесетникот не беа прецизни за да стигнат до него, па само еднаш успеа да влета во противничкиот простор по центаршут, но не и да реализира. Во финишот на вториот дел битолчани се обидоа со влегување на Мрмачовски и Ристиќ да освежат во нападот, но повторно без изработена акција и нафрлени топки кои беа лесни за расчистување или за интервенција на Стевковски.
Меѓу последните шанси се и двата слободни удари кои ги изведе Спировски, а само првиот од нив беше во рамките на голот, но сепак лесен „плен“ за гостинскиот голман.
Недостатокот на квалитет за соло акции или можеби инспирација го остави овој натпревар без голови и додавања без завршница, со многу прекршоци за прекинување на играта. Тиквеш ретко се обидуваше да премине во контра напад и најсериозната шанса можеби ја имаше во судиското продолжување, но и таа замина во неповрат без соодветната прецизност.
За Пелистер сега календарот ќе донесе неколку натпревари во низа на домашен терен, откако тоа беше обратно на стартот од сезоната. Во меч од 12. коло кој треба да се одиграна 5 ноември, битолчани во „вечното дерби“ го пречекуваат Вардар, а неколку дена подоцна и Брера.
 
		 
		 
		