Македонија до 19 години минимално загуби од Белгија на отворањето од квалификацискиот турнир за Елитна фаза

Македонската репрезентација до 19 години загуби минимално (1-0) од селекцијата на Белгија во натпреварот одигран во Порто од квалификацискиот турнир за пласман во Елитна фаза за ЕП.
Избраниците на селекторот Ерхан Селими одиграа борбен и дисциплиниран натпревар против силниот противник, а со малку повеќе среќа можеа да стигнат и до позитивен резултат.
Во 86. минута Латифи убаво продре по левата страна и на околу 7-8 метри му ја додаде топката на Дамјаниски, кој со малку подобар прием или удар од прва можеше да израмни. Неколку минути подоцна, по изведен корнер, Мурѓески ја погоди стативата.
Белгија го постигна единствениот гол на натпреварот во 72. минута преку Мисуаи и ја оправда улогата на фаворит, додека нашите младинци покажаа голема борбеност и дисциплина во тешки временски услови, натпреварот се одигра под постојан дожд.
Македонија до крајот на квалификациите ќе одигра уште два натпревари, против домаќинот Португалија (15.11.) и Естонија (18.11.) со што ќе се обиде да стигне до подобар пласман и резултат во групата.