МЛС лигата го менува системот на натпреварување

МЛС ја објави историската одлука за промена на натпреварувачкиот календар, преминувајќи на систем есен – пролет. Иако придобивките од овој чекор се значителни, лигата ќе се соочи со неколку предизвици кои ќе треба да ги надмине во транзициската фаза, известува Goal.com.
По години на шпекулации и интерни дискусии, МЛС потврди дека од сезоната 2027 натпреварите ќе се одржуваат од крајот на јули до почетокот на мај, со зимска пауза. Трансфер периодите ќе бидат усогласени со останатите делови од светот, а натпреварите повеќе нема да се играат за време на меѓународните репрезентативни паузи.
Ова е голем чекор за лигата која често беше конзервативна. Промената носи и значителни предизвици. Постоечките договори на играчите ќе треба да се изменат, а лигата ќе влезе во директна борба за публика со другите големи американски спортови.
Овој потег претставува кулминација на повеќегодишните стремежи во рамките на лигата. Комесарот на МЛС, Дон Гарбер, призна дека лигата ја одолговлекуваше промената подолго отколку што посакувале. „Повеќе би сакале да си земеме време и да го направиме тоа како што треба, отколку да бидеме брзи и да погрешиме“, изјави Гарбер.
Клучен поттик за промената е Светското првенство 2026 година, кое се смета за историска шанса за развој на фудбалот во Северна Америка. Лигата сака да го искористи тој импулс за претставување на глобалната сцена. Одлуката е донесена по обемни консултации. Според соопштението на лигата, анкета спроведена меѓу навивачите покажала дека 92 проценти од испитаниците ја поддржуваат промената за усогласување со европскиот фудбал.