Мајк Мењан на крајот од сезоната заминува од Милан во директен конкурент

Медиумите од Италија пренесуваат дека и Интер застанал во редот за ангажман на Мајк Мењан, голманот ги одработува последните месеци од договорот со Милан.

Мајк Мењан оваа сезона игра на високо ниво и со своите одлични интервенции се покажа како клучен во неколку победи на Милан, одбрани пенали на Дибала и Чалханоглу во победите од 1-0 над Рома односно Интер.

Но неговата иднина на „Сан Сиро“ е под голем знак прашалник, тој ги одработува последните месеци од договорот, и веќе во јануари може да си подаде рака со друг клуб.

Последните информации говорат за големо предавство, и можноста да премине во лутиот ривал Интер.

Како што пренесува Кориере дела Сера, „нероаѕурите“ опипуваат терен за ангажман на Французинот, и зделка налик на онаа на Хакан Чалханоглу.

Газета дело Спорт пак пишува дека интерес за Мајк Мењан пројавува и Јувентус, и уште неколку клубови од Премиерлигата.

ГДС исто така додава дека Милан прави напори да го обнови договорот на Мајк Мењан и му нуди плата од 5 милиони евра по сезона за две или тригодишна соработка.

Во моментов голманот има примања од нешто над 3 милиони евра по сезона, а претходниот предлог на „росонерите“ тежеше околу 4 милиони евра по сезона.