Илиевски: Овие две победи најавуваат позитивни работи

По двете остварени победи на стартот од претквалификациите за Евробаскетот 2029, селекторот Марјан Илиевски и неговите избраници можат да бидат задоволни пред продолжението на циклусот во кој сега влегуваме со реални шанси и за првото место во квалификациската група.
„Првично, сакам да им честитам на играчите, бидејќи од една негатива и од лош почеток се вративме во втората четвртина, дури и завршивме со два поени предност за нас. Ова е голема гостинска победа. Игравме во Даблин по меч по кој бевме три дена заедно, се рехабилитиравме на тој тренинг што ни беше дозволен. Го сработивме она кое го посакувавме и среќен сум и горд на играчите, од прв до последен. За нас најважно е здравствениот биланс да биде како што треба кога повторно ќе се собереме. Ние во овие денови се соочувавме со проблеми, односно неколку играчи имаа повреда, но пак го дадоа максимумот за Македонија. Со еден збор, се создава нешто што е позитивно. Да бидеш во колектив, каде никој не се штеди, е прв показател дека се случува нешто позитивно и дека сме на добар пат. А, сето она што ќе биде резултат на самиот терен е нешто друго“, вели селекторот по успешно реализираниот план во ноемврискиот ФИБА „прозорец“.