Лазаров: Да ја повториме играта со Португалија и против Романија!

По стартниот очекуван пораз од Данска, нашата репрезентација одигра нерешено со фаворитот Португалија и со тоа ја израдува нашата спортска и ракометна јавност, но исто така ги задржа своите шанси за пласман во главната рунда на ова Европско првенство.
На редовната средба со новинарите зборуваше селекторот Кирил Лазаров. Тој се осврна на мечот со четвртопласираната светска селекција, но го најави и дуелот со Романија.
„Треба да се подготвиме добро и да имаме правилен пристап, бидејќи Македонија ретко по квалитетна партија знаела да повтори иста добра игра во само 48 часа. Не сум загрижен бидејќи мислам дека овие момци прераснуваат во сериозни ракометни ликови, па мислам дека се свесни се и ќе одговорат на предизвикот. Денеска нема да тренираме за да се освежиме, па утре да одиграме уште една добра партија. Во изминатите години со нашата работа успеавме да дојдеме до поголем ростер во кој со својот квалитет ќе одговори на системот. Покрај повредените играчи кои имаат место во оваа група, сакам да кажам дека на пример и Марко Митев по повредата не е на нивото, а ни е многу важен. Слично е и со Никола Костески кој се враќа од повреда. Имаме простор за напредок, но имавме и работи во кои се надминавме.
Не сакам да ја потценам Романија. Таа сигурно е послаба од Данска и Португалија, ама има амбициозна федерација и селектор, со многу ресурси за да оди кон врвот. Не знам колку можат, но ќе видиме. Не смееме да ги потцениме, доста вложуваат во клупскиот ракомет. Многу е тешко да донесеш играч од Романија во Македонија поради високите плати. И тие имаат притисок, ќе брзаат и ќе имаме простор да казниме. Како колектив и системски сигурно сме поквалитетни од нив. Не сакам да направам притисок над нашите играчи, ама нема што да се крие. Мислам дека ни недостигаше малку време за да направиме систем и да играме три различни зони кои ќе ги менуваме среде меч, буквално на секои пет минути. Сè уште не сме на тоа ниво, ама се надевам дека во иднина ќе го достигнеме. Португалците играат „седум на шест“ и се подготвувавме за нив. Тешко е да се браниш со ист број на играчи, а не пак со човек повеќе“, изјави селекторот Лазаров.
Меѓу другото, селекторот Лазаров одговори и на прашањето за повредените, но и Никола Маркоски кој доби црвен картон.
„Џонов замина на преглед да видиме за што станува збор. Ситуацијата со него е 50-50%. Што се однесува до Петар Атанасијевиќ, тој дефинитивно отпадна и нема да игра. Дополнително го повикавме Гоце Ојлески кој ќе пристигне во 17:00 часот. Павле беше одличен на крило на неприродна позиција вчера и имаме опција плус. Се надеваме дека Никола Маркоски нема да биде суспендиран поради црвениот картон и ќе може да биде тука“, заврши Лазаров.
Очекуваме Македонија повторно да има добра поддршка во Хернинг од трибините, а секако дека ќе бидат по бројни од навивачите на Романија кои скоро и да ги нема во Данска.