Голем скандал го тресе светот на ски-скоковите

Само неколку недели пред почетокот на Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026, скијачките скокови се најдоа во центарот на еден од најнеобичните скандали во историјата на зимските спортови.
Според пишувањето на британскиот „Дејли мејл“, дел од елитните ски-скокачи наводно прибегнале кон естетски интервенции на гениталиите, со цел да добијат предност при официјалните мерења на опремата.
Случајот веќе го доби прекарот „Пенисгејт“ и предизвика шок, но и сериозна загриженост во спортската јавност.
Наводно, спортистите користеле инјекции со хијалуронска киселина за вештачко зголемување на одредени телесни димензии кои се земаат предвид при 3Д-скенирањето.
Во ски-скоковите, секој милиметар може да биде пресуден – поголемата телесна мерка овозможува носење поголемо одело, кое во лет создава посилен подигнувачки ефект и потенцијално подолг скок.
Според сомнежите, одредени натпреварувачи се обиделе да искористат „дупка“ во правилникот, менувајќи ја формата на мекото ткиво за да добијат поповолни параметри при мерењето, без директно да ги прекршат постојните прописи.
Меѓународната скијачка федерација (ФИС) веќе реагираше и најави ревизија на мерните протоколи. Во игра се нови мерки, меѓу кои користење скелетни референтни точки, дополнителни рачни проверки и построги медицински контроли, со цел да се спречи каква било форма на манипулација.
„Работиме на заострување на правилата. Станува збор за комплексен проблем кој мора да се реши пред Олимписките игри“, соопштија од ФИС.
Дел од спортистите остро ги отфрлија обвинувањата. Норвешката ѕвезда Халвор Егнер Гранеруд изјави дека тврдењата се апсурдни и дека сите негови медицински прегледи се извршени под строг стручен надзор.
Се очекува ФИС во наредните недели да донесе дополнителни измени на правилата, со цел да се зачува интегритетот на натпреварувањето пред почетокот на Олимписките игри во Италија.