Гостински победи на Црвена Звезда и Партизан во Евролигата

Додека тимовите од Белград ги носеа бодовите од Монако и Минхен, фаворитите на домашен терен не дозволија изненадувања.

Црвена Звезда приреди сензација во Монте Карло, победувајќи го Монако со 96-100 по продолжение. Извонредниот Ебука Издунду со 22 поени и 12 скокови беше клучниот фактор за триумфот на тимот на Саша Обрадовиќ.

Партизан конечно ја прекина црната серија од седум порази, славејќи во Минхен кај Баерн со 63-67. Иако нашиот Нено Димитријевиќ постигна 10 поени за Баварците, Камерон Пејн и Исак Бонга беа пресилни во финишот за гостите од Белград.

Олимпијакос ја запиша својата шестта победа во последните седум меча, совладувајќи го Макаби Тел Авив со 100-93.

Иако Макаби се врати во игра во последната четвртина и намали на едноцифрена разлика, тимот на Јоргос Барцокас не дозволи пресврт. Саша Везенков одигра маестрално со 28 поени, додека Никола Милутинов доминираше во рекетот со 13 поени и 9 скокови.

Највозбудливо беше во „Палау Блауграна“, каде Барселона го победи Дубаи со 91:89. Иако домаќините прокоцкаа предност од 12 поени во последната четвртина, Дарио Бризуела со кош на 2,3 секунди пред крајот донесе големо славје за Каталонците.

Валенсија се врати на победничките патеки со триумф над Париз од 98:84. Домашните кошаркари уште од самиот старт наметнаа силно темпо и брзо стигнаа до двоцифрена предност.

Иако Париз успеа да намали на осум поени негатива до полувремето (50:42), Валенсија со силен старт на третата четвртина ја реши дилемата околу победникот.

Кам Тејлор одигра неверојатен меч постигнувајќи рекордни во кариерата 28 поени, додека Жан Монтеро одлично ја организираше играта со 9 поени и 8 асистенции.

Жалгирис Каунас стигна до важна гостинска победа кај Асвел со 77:96. Литванскиот тим го отвори мечот со фуриозна серија од 2:17, но Французите успеаја да се вратат до полувремето.

Сепак, во третата четвртина на сцена стапи незапирливиот Мозес Рајт, по чија заслуга Жалгирис направи нова серија од 2:18 и создаде недостижна предност. Силван Франциско ги предводеше стрелците со 20 поени, а Жалгирис покажа одлична реализација за два поени од дури 71.4%. Кај Асвел, Томас Ертел постигна 21 поен, но немаше вистинска поддршка од соиграчите