кошарка

Мајк Џејмс го засили новиот евролигаш Монако

Американскиот кошаркар Мајк Џејмс по една сезона мината во НБА лигата се враќа на европскиот континент, откако се согласи на трансфер од Бруклин во Монако.

Џејмс ќе се обиде да му помогне на францускиот тим во дебитантската сезона во Евролигата во која Американецот беше меѓу најдобрите кошаркари изминати години.

Минатата сезона Џејмс кратко престојуваше во редовите на Бруклин и зад себе во НБА лигата остави статистика од 7.7 поени и 4.2 асистенции по натпревар.

„Мојата цел е Монако да победи во што е можно повеќе натпревари во Еролигата. Сакам да бидеме конкурентни, иако сме аутсајдери во ова елитно опкружување“, изјави 31-годишниот Џејмс.


АБА 2: Познат распоредот и организаторите на „балоните“

Македонските екипи МЗТ Скопје и Пелистер го дознаа распоредот за новата сезона во АБА2-лигата.

Во исто време се објавени и градовите-организатори каде што во новата натпреварувачка сезона ќе се играат петте турнири, на кои спроед предвидениот план, ќе се играат по две односно три кола.

Македонското дерби помеѓу екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер, ќе се случи во третото коло, кое ќе се одигра во склоп на вториот турнир кој ќе се одржи во хрватскиот град Осијек (8-12 ноември).

Првите две рунди од ова натпреварување ќе бидат на Златибор. И тоа од 10. до 14. октомври, во кои МЗТ Скопје Аеродром ќе ги одмери силите со Младост и Рогашка, додека Пелистер ќе дебитира против Ловќен, а потоа ќе игра против Сутјеска.

Оваа сезона исто како и минатата, ќе се игра еднокружно, по што првите осум екипи ќе се пласираат во плејофот, каде што ќе се игра според „Фајнал ејт“-турнир на една средба а град домаќин ќе биде Белград.

Претходно, во регуларниот дел од сезоната, третиот турнир ќе се игра во Сараево (13-19 декември), потоа следуваат и турнирите во Бања Лука (17-23. јануари) и Широки Бријег (21-27. март).


Дерби во Битола во првото коло на шампионатот на Македонија во кошарка

Вчера во просториите на Кошаркарската федерација на Македонија, беше извршена ждрепката за новата сезона во Првата лига, поточно беа избрани натпреварувачките броеви за сезоната 2021/2022.

Согласно Бергеровиот систем за 12-те екипи-учесници во натпреварувањето, во првото првенствено коло од Првата лига-мажи ќе се сретнат:

МЗТ Скопје Уни Банка – Работнички

Еуро Никел 2005 – Гостивар

Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром

Куманово 2009 – Ангели

Феникс 2010 – Нaвико Академија ФМП

Кожув – ТФТ

Првото кошаркарско коло е предвидено да се одигра на 2 и 3 октомври.


По само пет дена – Мемфис го отпушти Гасол

Мемфис официјално објави дека го отпуштил Гасол, кој остана во клубот пет дена. Имено, претходно ЛА Лејкерс го испратија Гасол, со избор на втората рунда на драфтот и 250.000 американски долари во Мемфис, додека за тоа ги добија правата на Ванг.

Американските медиуми веднаш нагласија дека ниту Мемфис ниту Гасол не се за обновување на соработката бидејќи, да потсетиме, Шпанскиот центар помина голем дел од својата НБА кариера во тој клуб (од 2008 до 2019 година).

Сега Мемфис и официјално го отпушти Гасол, кој е подготвен да ја започне оваа сезона во некој шпански клуб. Иако се шпекулираше дека би можел да стави крај на кошаркарската кариера, најверојатно во овој момент повторно ќе го носи дресот на Барселона или Жирона.


ТФТ го освои првиот меморијален турнир „Анте Дуковски“

Кошаркарите на ТФТ се победници на првото издание од меморијалниот турнир „Анте Дуковски“, кој во неделата која е зад нас се играше во Скопје, а во чест на прерано починатиот тренер на МЗТ Скопје и на повеќе младински репрезентативни селекции.

Во големото финале, „црно-белите“ од Тафталиџе убедливо го совлада новиот прволигаш Феникс 2010 со резултат (106:83).

Американецот Хортон беше најдобар стрелец во победничкиот тим со 26. поени. Неговиот сонародник, Бродвеј реализираше 19 поени, а Маслинко и Ташовски постигнаа по 14 поени. Куртис Џоунс беше незапирлив во редовите на Феникс 2010 со 35 поени, а репрезентативецот Митревски додаде 17 поени.

Претходно, третото место го освои екипата на Академија ФМП, која во „малото финале“ го совлада Куманово (75:71).

Инаку на овој турнир настапија уште и екипите на Работнички и Ангели, кои не ја поминаа првата, групна фаза на овој премиерен собир, на кој настапија дури шест прволигашки екипи.


Хасани Гравет прв кошаркар од македонскиот шампионат во НБА лигата

Американецот Хасани Гравет стана првиот играч, кој од македонското кошаркарско првенство директно се пресели во НБА лигата, откако доскорешниот бек на шампионот МЗТ Скопје Аеродром стана нов член на Орландо Меџик.

Гравет минатата сезона во дресот на МЗТ Скопје настапи на 26 средби од домашното првенство со просек од 12,1 поени, 4,4 скокови и 3,7 асистенции, додека во АБА 2 лигата на 12 натпревари просечно реализираше 12,4 поени, 3,9 скокови и три асистенции.

Американецот Гравет му се приклучи на тимот на Орландо во Летната лига, каде имаше просек од осум поени и по 2,6 скокови и асистенции по што доби шанса за докажување во тренинг – кампот на „магичните“ во пресрет на новата сезона.


Ејасу Ворку најново засилување на Гостивар

Американскиот плејмејкер Ејасу Ворку и официјално е нов член на македонскиот кошаркарски прволигаш Гостивар. Ворку (22) доаѓа во Гостивар од редовите на Задар, со кој настапуваше во хрватското првенство и регионалната АБА лига.

Американскиот кошаркар претходно во кариерата одигра четири сезони во НЦЦА лигата во дресот на Ирвин Атеатерс.


Милсап потпиша за Бруклин Нетс

Бруклин официјално објави потпишување договор со Пол Милсап. 36-годишниот кошаркар на Денвер, следната сезона ќе биде дел од составот кој претендира да ја напрадне титулата во НБА лигата.

Претходно, имаше информации дека Милсап очекува да добие најмалку 5,9 милиони долари за новиот договор со Бруклин, откако одби да потпише минимален договор со Денвер.

Минатата сезона, четирикратниот Ол-стар учесник одигра 56 натпревари за Денвер со просек од 9 поени, 4,7 скокови и 1,8 асистенции.


Олимпија Милано ќе ја водат двајца капитени во новата сезона

Олимпија Милано се одлучи на необичен потег во пресрет на новата сезона. Имено, според генералниот менаџер на италијанскиот кошаркарски гигант, екипата следнава сезона ќе има двајца капитени – Николо Мели и Серхио Родригез.

Иако е практика тимовите да имаат капитен и заменик, во Милано одлучија да направат промена и Мели и Родригез ќе имаат иста титула.

„Заедно ја донесовме одлуката да именуваме двајца играчи кои значат многу за овој клуб. Николо поради неговата историја, Серхио поради сe што претставуваше неговото доаѓање за нас. Ова не е симболичен потег, тие се пример за секого поради нивната професионалност и посветеност, во која е препознаен целиот клуб“, вели генералниот менаџер на Армани Милано, Христос Ставропулос.


Ново засилување за Бруклин, повторно ќе атакува на титулата

Пол Милсап, четирикратниот Ол-стар играч, стана нов член на Бруклин Нетс.

Последните четири сезони 36-годишниот крилен центар ги помина во Денвер, а по крајот на минатата сезона стана слободен играч. Откако бираше помеѓу Голден Стејт, Чикаго, Клиперс и Бруклин, тој се одлучи за последната екипа, која минатата сезона беше еден од главните фаворити за титулата, но не успеа во конференциското полуфинале против Милвоки, кој подоцна стана и шампион.

Милсап во последната сезона во Денвер забележа просек од 9 поени по натпревар и 4,7 скокови. Пред Денвер, настапуваше и за Јута и Атланта.

Милсап е второто засилување за Бруклин, откако во клубот претходно дојде Пети Милс. Со Милсап и Милс, Нетси добија двајца одлични играчи по што се големи фаворити за титулата.