кошарка

Бајиќ: „Нека размислуваат противниците за нас, а не ние за нив!“

Драган Бајиќ, селекторот на нашиот сениорски национален тим  присуствуваше на церемонијалот на одредување на квалификациските групи по кој Македонија за противници ги доби националните репрезентации на Шпанија, Грузија и Украина.

„Добивме група која не изгледа како атрактивна, но не е ниту лесна“- е првиот коментар на нашиот селектор по дознавањето на противниците во квалификациите за СК 2023. „Но мојата тренерска филозофија вели дека повеќе сакам противниците да размислуваат за нас, отколку ние за нив. Така е и овојпат. Во разговорите со колегите кои се тука во Женева, дознав дека се вложува многу. И во Грузија, и особено во Украина, тоа се сериозни селекции, за шпанската не сакам да дискутирам. Но во мојот речник не постои зборот предавање“.

Селекторот вели дека овие најмалку шест натпревари се всушност продолжение на планираните активности откако дојде на кормилото на нашиот сениорски национален тим.

„Јасна е визијата, сакаме низ овие натпревари да им дадеме уште поголем прилика на помладите. Верувајте во секој прозорец тоа ќе биде и видливо. Овие мечеви би биле само континутитет на реализација на плановите. Искрено се надевам дека во наредниот циклус ќе ги имаме на располагање и играчите кои не беа во можност да бидат дел од селекцијата, што не беше случај овој месец. И сите заедно да уживаме и да напредуваме низ овие квалификациски натпревари. Се надевам дека зад нас ќе останат проблемите со короната, дека ќе се врати оној стар систем на натпреварување. Дека публиката ќе се врати во салите, без тоа е сосема поинаку“- вели селекторот.


Мекиќ: Добивме добра група, а ќе играме и против светскиот шампион

Адем Мекиќ беше еден од најдобрите, најстандардни наши репрезентативни играчи на претквалификациите за Светскиот Куп.

Тој, исто како и неговите репрезентативни соиграчи ги чекаше исходот на ждрепката за онаа главна фаза – квалификациската, која за противници во групата „Г“ ни ги донесе селекциите на Шпанија, Украина и на Грузија.

„Онака, од прва, се чини дека добивме една добра група. Противници, што се вели по мерка. Од една страна, ќе играме против светскиот шампион, Шпанија, што несомнено е една голема чест. Да се бориш против најдобриот во светот, а во исто време, ги имаме Украина и Грузија. Селекции со кои можеме да бидеме компетитивни, каде имаме простор за резултат“ – вели крилото на нашиот национален состав.

Она што Мекиќ лично посакува е веќе од ноември, кога стартуваат квалификациите, екипата да биде комплетна.

„Посакувам да бидеме комплетни, во екипата да имаме и играчи кои не беа дел од претквалификциите преку кои и дојдовме до една ваква можност да одиграме најмалку шест натпревари против велесила како Шпанија, и силни, квалитетни репрезентации како Украина и Грузија. Да немаме проблеми со повредите. Да не се потценуваме, но ниту да ги преценуваме противниците без оглед што ја имаат фаворитската улога. И најважно од се, да веруваме во нашите способности, во нашите квалитети. Се надевам дека ќе бидеме конкуретни во ова друштво од квалификациите за Светското првенство“- посакува Мекиќ.


Рондо се врати во Лос Анџелес Лејкерс

Ветеранот во НБА лигата, Ражон Рондо, ќе го напушти Мемфис и ќе се активира во екипата на Лос Анџелес Лејкерс.

Кошаркарот  ќе се врати во редовите на „езерџиите“ за кои настапуваше од 2018 до 2020 година кога го освои вториот шампионски прстен во кариерата.

Рондо е петтиот играч кој направи кам-бек во градот на филмската и телевизиската индустрија . Пред него тоа го направија и Двајт Хауард, Кент Бејзмор, Вејн Елингтон и Тревор Ариза.


Само вакцинирани судии ќе водат натпревари во НБА лигата

НБА лигата објави дека е постигнат договор со асоцијацијата на НБА судии, и ќе бара сите судии кои ќе делат правда на натпреварите од најсилната кошаркарска лига на светот, задолжително да бидат вакцинирани со вакцина против Ковид-19. Исклучок може да се направи само ако некој судија од медицински или религиозни причини не смее да се вакцинира.

Судии кои нема да сакаат да се вакцинираат, нема да може да судат во НБА.

Со ова, се зголемува листата на лица од кои НБА бара да бидат вакцинирани. Вакцини им се потребни и на тренерите, лекарските тимови, обезбедувањето во салите, тимовите за комуникација, раководни луѓе од клубовите. Мајами хит и Сакраменто кингс побараа од сите вработени да се вакцинираат, а некои клубови од публиката ќе бараат доказ за вакцинација при влез во нивната арена.


Бруклин се раздели со Деандре Џордан

НБА тимот Бруклин Нетс одлучи да се раздели со центарот Деандре Џордан. Според информацијата, ако Бруклин не успее да тргува со Деандре Џордан, неговиот договор може да се откупи. Забележано е дека ситуацијата е комплицирана од фактот што Нетс се соочуваат со тешкотии со потенцијална размена на кошаркар, бидејќи тимот нема вредни драфтови што може да се понудат на другата страна од договорот.

Џордан е во Бруклин Нетс од 2019 година. Неговиот просек во регуларната сезона 2020/2021 беше 7,5 поени, 7,5 скокови, 1,6 асистенции.


ФИБА го објасни системот за квалификации за Мундобаскетот

Квалификациите за Мундобаскетот ќе се играат во две фази од по три „прозорци“, во периодот од ноември 2021 до февруари 2023 година.

ФИБА одлучи малку да го промени системот, па во првата, 32 репрезентации во европските квалификации ќе бидат поделени во осум групи од по четири. Првопласираните три од секоја група одат во следната фаза каде се спојуваат со друга и ги пренесуваат бодовите од првата фаза.

Тоа значи дека во втората етапа ќе има четири групи од по шест репрезентации, но нема да се почнува од „нула“. Пласман на Мундобаскетот обезбедуваат првите три репрезентации од новоформираните групи, односно од втората фаза.

Првата етапа ќе се игра во три прозорци: од 20 до 30 ноември 2021, од 21 февруари до 1 март 2022 и од 27 јуни до 5 јули 2022 година. Во втората етапа ќе се игра од 22 септември до 30 август 2022, од 7 до 15 ноември 2022 и од 20 до 28 февруари 2023 година, со по два натпревари во секој прозорец.

Ждрепката за квалификациите за Светското првенство ќе се одржи на 31 август (12.часот), во Куќата на кошарката „Патрик Бауман“ во Мие, а на неа првпат во историјата ќе учествува и македонската репрезентација.


Формирани групите во првата фаза на БИБЛ лигата

Првата фаза од новата сезона во БИБЛ лигата е реализирана.

Во седиштето на Лигата на Балканот во Софија беше извршенa ждрепката на двете натпреварувачки групи за сезоната 2021/2022 во која Македонија ќе има три свои претставници во екипите на Куманово 2009, ТФТ и за прв пат во кратката историја на постоењето, Академија ФМП.

Согласно со системот за натпреварување, во новата сезона ќе се натпреваруваат десет екипи, поделени во две групи по пет. Со оглед на тоа дека имаме три претставници, за очекување беше дека во една од групите, во овој случај, групата „А“, ќе следиме „македонско дерби“.

За пласман во втората, елиминациска фаза ќе играат Куманово 2009 и ФМП Академија. Покрај во првиот круг ќе играат Хапоел Галил Гилбоа, Балкан од Ботевград и косовскиот Пеќ.

Екипата на ТФТ е во групата „Б“ во која ќе се натпреваруваат уште и екипите на Ирони Нахарија, Академик од Пловдив, Берое – Стара Загора и Сигал Приштина.

Менаџментот на БИБЛ лигата остави простор во групите да има уште по една екипа од некои од заинтересираните федерации како Романија и Црна Гора.

СОСТАВИ НА ГРУПИТЕ ВО БИБЛ ЛИГАТА

ГРУПА А: Хапоел Галил Гилбоа, Балкан, Куманово 2009, ФМП Академија, Пеќ

ГРУПА Б: Ирони Нахарија, Академик Пловдив, ТФТ, Берое, Сигал Приштина


Германките прв противник на македонските кошаркарки

Македонската женска кошаркарска репрезентација, на 11 ноември против Германија на гости ги почнуваат квалификациите за Европското првенство 2023 година.

„Црвено-жолтите“ се во А групата заедно со Германија, Белгија и Босна и Херцеговина.

По Германија, Македонките ќе играат со БиХ на 14 ноември на домашен терен. Следната година гостуваат во Белгија на 24 ноември и ја пречекуваат Германија на 27 ноември. Во 2023 година се реваншите со БиХ на 9 февруари и со Белгија на 12 февруари.


Митрашиновиќ на прв тренинг со Тарбс

Капитенот на женската сениорска репрезентација на Македонија се појави на првиот собир на францускиот прволигаш.

Беше во Будуќност, сезоната, онаа ланската ја доигра како кошаркарка на Баскет Кам, ја круниса со освојување на двојната круна, изборот за најкорисен играч во плеј-офот на македонската Прва лига.

А од пред два дена, Анџелика Митрашиновиќ со нови работни обврски.

Во фрацускиот прволигаш Тарбс, екипа која и посака добредојде на нашата, во овој момент и најдобра кошаркарка.

„Анџелика е играч со кој и претходно имавме контакти. Конечно го добивме нејзиниот потпис, и сме среќни поради тоа. Таа е играч кој дефинитивно ќе биде откритие во францускиот шампионат, и убеден сум дека ќе биде способна да ги покаже сите свои напаѓачки квалитети. Очекувам тоа да се даде ефект во играта на тимот во наредниот шампионат. Добредојде Анџелика“ – изјави Франсоа Гомез, тренерот на овој француски женски прволигаш непосредно пред одработувањето на првиот тренинг, нешто како вовед во новата сезона.

Претстојната сезона во која капитенот на нашата женска сениорска репрезентација ќе биде голем предизвик. Посебно ако се земе предвид дека за прв пат во својата кариера ќе игра во една таква, уште посилна конкуренција во однос на некои претходни сезони.


ТФТ патува во Краснојарск, Куманово во Гронинген

Објавени се домаќините на четирите квалификациски турнири што ќе ја кренат завесата во сезоната 2021/22 од натпреварите во ФИБА Евро Купот.

ФИБА одлучи во улога на организатори да бидат: Гронинген, Софија, Краснојарск и Парну.

Холандскиот клуб Донар Гронинген ќе биде домаќин на турнирот „А“ во својата домашна арена. А победникот од четвртфиналето помеѓу нашиот Куманово 2009 и Свонс Гмунден од Австрија ќе ги пречекаат домаќините во едно полуфинале.

Бенфика од Португалија и романскиот Волунтари ќе се соочат во другото полуфинале. Победникот на турнирот „А“ ќе биде сместен во групата „Ц“ од редовната сезона.

Бугарската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на турнирот „Б“ во Софија. Полскиот Трефл Сопот во првото полуфинале ќе го пречека Дњипро од Украина, додека грчкиот Ираклис ќе се соочи со бугарскиот Академик Пловдив во второто. Тимот што ќе победи на турнирот „Б“ ќе обезбеди место во групата „Е“ за редовниот дел од сезоната.

Турнирот „Ц“ ќе се игра во Русија, а во улога на домаќин ќе биде Енисеј во Краснојарск. Домаќините ќе се борат против израелската Хапоел Хаифа во првото полуфинале. Германскиот Меди Бајројт во второто полуфинале го чека победникот од четвртфиналната пресметка меѓу унгарските Натуртекс-СЗТЕ-Сегед и ТФТ од Скопје. Победникот од турнирот „Ц“ ќе го заземе преостанатото место во групата А за редовна сезона.

Естонскиот клуб Парну Садам ќе биде домаќин на турнирот „Д“. Домаќините ќе се соочат со австриската ГГМТ Виена, а победникот ќе го добие за противник актуелниот шампион на ФИБА Купот на Европа, Ирони Нес Зиона во едно полуфинале. Кипарскиот тим Керавнос ќе се судри со Порто во другото полуфинале.

Победникот на овој турнир ќе се пласира во групата „Р“ од редовниот дел од сезоната.

Инаку, сите турнири ќе се играат помеѓу 28. септември и 1. октомври, со исклучок на Турнирот „Б“ во Софија, кој ќе започне на 29. септември бидејќи нема четвртфинале.