кошарка

Дејан Радоњиќ ја замени Црвена Звезда со Панатинаикос

Црногорскиот кошаркарски стручњак, Дејан Радоњиќ е назначен за шеф на стручниот штаб на Панатинаикос.   

Атинскиот клуб се договори за двегодишна соработка со 52-годишниот Радоњиќ кој ја мина последната година и пол на чело на Црвена ѕвезда. Во последното издание во Евролигата, српскиот клуб го зазеде 11. место со биланс 12-16 (победи-порази). Панатинаикос беше 13-ти со скор 9-19. Во последните две сезони, Црвена ѕвезда предводена од Радоњиќ ја освои Јадранската лига и првенството на Србија.


Руди Гобер ќе игра во Минесота Тимбервулвс

Медиумите во САД ја пренесуваат веста дека францускиот кошаркар Руди Гобер е нов играч на Минесота Тимбервулвс.

Центарот Гобер заминува во Минесота после трејдот во кој четири играчи ќе заминат во Јута. Гобер на трипати е прогласуван за најдобар дефанзивен играч во НБА лигата.


Кошаркарот Весели се пресели во Барселона

Чешкиот кошаркар Јан Весели својата кариера ја продолжува во екипата на Барселона. 

32-годишниот Весели претходните осум сезони ги помина во турскиот шампион Фенербахче. Тој со тимот од Барселона потпиша договор на три години.

Весели е поранешен играч на Партизан, како и на НБА тимовите Денвер и Вашингтон.


Уапсен кошаркарот на Шарлот, Мајлс Бриџис

Мајлс Бриџис, кошаркар на Шарлот Хорнетс, беше уапсен во средата во Лос Анџелес поради семејно насилство.

Според „ТМЗ Спорт“, односно нивни извори од полицијата, неидентификувана жена побарала болничка помош откако расправија во вторник прераснал во физичка пресметка.

Во текстот понатаму се наведува дека 24-годишниот кошаркар сам се пријавил и си заминал од притвор со кауција од 130 илјади долари.

Бриџис пристигна во НБА пред четири години кога беше избран на 12. место на драфтот од Лос Анџелес Клиперс, кои го проследија во Шарлот.

Во текот на претходната сезона особено се проби, со просек од 20 поени и седум скока по натпревар.


Дурант побара трејд, Мајами фаворит за неговиот потпис

Кевин Дурент предизвика тектонски потрес во НБА лигата, бидејќи еден од најдобрите играчи на ова натпреварување побара да си замине од Бруклин Нетс.

Како што пренесуваат и двајцата „инсајдери“, Шемс Чаранија од „Атлетик“ и Адријан Војнаровски од „ЕСПН“, Дурант официјално побарал и доставил барање за трејд од тимот од Њујорк. Уште не е познато каде ќе игра следната сезона, но двајца фаворити излегоа во преден план.

Првата „идеална дестинација“ за Дурент е Мајами Хит. Тимот од Флорида сака да ги спои него и Џими Батлер, што треба да биде доволно за чекор напред и борба за титулата.


Јокиќ го потпиша најголемиот договор во историјата на НБА

Рекордите на кошаркарот Никола Јокиќ досега се споменуваа само на теренот и според играчката статистика, но сега српскиот центар ги помести границите и кога се работи за паричната заработувачка.

Двократниот МВП на НБА лигата потпиша супервисок договор за продолжување на соработката со Денвер Нагетс. Тој во следните пет години ќе добие 264 милиони долари, што е најголем договор во историјата на НБА лигата.


Ивица Зубац го продолжи договорот со ЛА Клиперси

Екипата на Лос Анџелес Клиперс го продолжи договорот со хрватскиот кошаркар, Ивица Зубац за уште 3 години за сума од 33 милиони долари.

25-годишниот играч започна како стартер во 204 натпревари последните 4 сезони. Тој дојде од градскиот ривал Лејкерс во 2019 година.

Зубац претходната сезона ја заврши со просек од 10,3 поени, 8,5 скокови, 1,6 асистенции и 1 блокада.


Ирвинг ги одби сите понуди и остана во Бруклин

Кајри Ирвинг одлучи да ја активира последната година од договорот и ќе продолжи да игра за Бруклин Нетс, иако многу се зборуваше за неговото заминување, а најчесто споменуваното заминување во ЛА Лејкерс.

„Обичните луѓе го одржуваат светот. Решив да останам, да ја активирам последната година од договорот и ќе се видиме наскоро“, им порача на навивачите 30-годишниот кошаркар кој во последните три години одигра само 103 натпревари како играч на Бруклин.

Минатата сезона, Ирвинг имаше просек од 27,4 поени, 5,8 асистенции, 4,4 скока и 1,4 украдени топки на 29 натпревари.


Игор Кесар го напушти Пелистер и потпиша за Темишвар

Кошаркарскиот вицешампион на Македонија Пелистер од Битола, остана без услугите на центарот Игор Кесар. 

Српскиот кошаркар кој можеби беше и најдобриот играч на зелено-белите одлучи својата кариера да ја продолжи во Романија и тимот на Темишвар.

Екипата од Битола во наредниот период ќе мора да работи на доведување квалитетно засилување кое ќе треба да го замени Игор Кесар на центарската позиција.


Калиниќ ја менува Црвена Звезда со Барса

Кошаркарот, Никола Калиниќ, ќе го напушти составот на Црвена Звезда и ќе замине во Барселона откако се решени сите административни детали поврзани со неговиот поранешен тим Валенсија.

Имено, тој кога го напушти шпанскиот состав се обврза дека клубот ќе може да го врати назад во АЦБ-лигата.

Затоа Барса сега мораше да ја плати таа клаузула во висина од 250.000 евра за да дојде до потписот на Калиниќ.