кошарка

Уапсен поранешниот НБА кошаркар Иман Шумперт

Поранешниот НБА кошаркар, Иман Шумперт е уапсен на аеродромот во Далас, бидејќи имал големо количество марихуана!

Тој завршил во затвор бидејќи марихуаната не е легализирана во Тексас, а покрај споменатата опојна дрога, поранешниот НБА шампион во багажот имал и 14 куршуми од калибар 9 мм. Сепак, не и пиштол.

„Според полицискиот извештај, обезбедувањето на аеродромот забележало сомнителна торба во неговата чанта на скенерот, тој признал дека се работи за марихуана. Тој не даваше отпор при апсењето, ниту протестираше. Доколку биде прогласен за виновен на судење, може да добие затворска казна од две години и парична казна од 10.000 долари“, пишуваат медиумите во САД.


Горан Драгиќ е нов кошаркар на Чикаго

Словенечкиот кошаркар Горан Драгиќ е нов кошаркар на Чикаго Булс.

Ветеранот ќе инкасира 2,9 милиони долари за договорот со „биковите“. Неколку франшизи се обидоа да ангажираат еден од најискусните играчи меѓу слободните играчи, а една од можностите што звучеше најверојатна беше онаа на Далас Маверикс, со идеја да го комбинираат во тимот со сонародникот Лука Дончиќ.

На крајот, националноста и пријателството меѓу двајцата не беа доволни за да играат заедно во Мавс, па играчот ќе се пресели во Чикаго, каде ќе добие шанса од клупата, а ќе му биде резерва на Лонзо Бол, иако Булси го имаат и Алекс Карузо.


Јончевски го објави поширокиот список за стартот на претквалификациите

Новиот селектор на македонската машка кошаркарска репрезентација Александар Јончевски го објави поширокиот список играчи за претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2025.   

На поширокиот список повикани се 24 кошаркари Бобан Стајиќ, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Војдан Стојановски, Дамјан Робев, Адем Мекиќ, Андреј Јакимовски, Марко Миловановиќ, Виктор Ефремовски, Ненад Димитријевиќ, Лука Савиќевиќ, Андреј Митревски, Виктор Ташовски, Бојан Крстевски, Љубомир Младеновски, Теодор Симиќ, Амар Хот, Стојан Ѓуроски, Гоце Петрушевски, Димитар Пандев, Ваљмир Какруки, Андреј Маслинко, Филип Bакоч, Резарт Мемед. 

Во претквалификациите за Евробаскетот 2025 „Црвено-жолтите“ се во група со Данска, Словачка и Норвешка. Првиот натпревар ќе биде одигран на 25 август кога избраниците на Јончевски ќе и гостуваат на Данска, а три дена подоцна на 28 август во Скопје гостува Словачка.


Кошаркарот Димитријевиќ една година на позајмица во Уникс Казан

Кошаркарскиот клуб Валенсија објави дека постигна договор со екипата на Уникс Казан во врска со позајмицата на македонскиот репрезентативец Нено Димитријевиќ. 

Димитријевиќ во следната сезона ќе игра во дресот на Уникс како позајмен играч на Валенсија. Тој е член на Валенсија од минатата година кога пристигна од Хувентуд.


Харден го продолжи договорот со Филаделфија

НБА кошаркарот Џејмс Харден ја продолжи соработката со екипата на Филаделфија. Договорот е потпишан на две години, но во истиот има опција со која му се дозволува на Харден после сезоната 2022/23, да стане слободен играч.

Договорот од финансиска страна е вреден нешто помалку од 70 милиони долари.

„Сакам да бидам во овај клуб. Посакувам победи со тимот и мислам дека ги имаме сите делови за да стигнеме до целта. Од првиот ден тука, тимот и навивачите ми помогнаа да се чувствувам како дома. Возбуден сум пред продолжението на сезоната и повторното излегување на теренот“, порача Џејмс Харден.


Синот на Шекил О’Нил ќе игра во развојната НБА лига

Шариф О’Нил, кој е син на легендата на НБА и Куќата на славните Шекил О’Нил, ќе игра во Г лигата, попозната како Лига за развој.

22-годишниот О’Нил беше меѓу кандидатите на драфтот, но не ја доби довербата од ниту една од 30-те екипи во НБА. Сепак, тој учествуваше во Летната лига со тимот на Лос Анџелес Лејкерс, со кој неговиот татко Шекил освои три титули на почетокот на новиот век.

Во Г-лигата, Шариф О’Нил, висок 208 см, ќе игра за тимот Игнајт, кој е со седиште во Лас Вегас, Невада и е управуван од самата Г-лига и не е сателит на ниту еден од НБА-клубовите. Годишната плата на О’Нил ќе биде со шест цифри.


Кевин Дурент заминува во Бостон Селтикс

Познатиот спортски новинар Адријан Војнаровски пренесува дека Кевин Дурент би можел својата кариера да ја продолжи во Бостон.

Според тврдењата на новинарот, преговорите помеѓу Бруклин и Бостон веќе започнале, а во трејдот би можел да биде вклучен и Џејлен Браун кој би заминал во Бруклин.

Дурент неодамна побара од Бруклин Нетс да биде трејдуван, а за славниот кошаркар интерес покажале и Мајами, Феникс и Торонто.

33-годишниот Дурент минатата сезона имаше просек од 29,8 поени, 7,4 скока и 6,4 асистенции.


Андреј Магдевски се врати во МЗТ Скопје

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Магдевски по едногодишниот настап во Романија, повторно ќе го носи дресот на МЗТ Скопје.

Магдевски во минатото беше еден од најдобрите играчи на клубот од Скопје, со кој ги освои титулите во 2019 и 2021 година. Претходно македонскиот кошаркар има играно за белградски Партизан, а има настапувано и за младинските категории на Реал Мадрид.


Ги продава двата шампионски прстени за помош на Украина

Поранешниот украински кошаркар Слава Медведенко одлучи да ги продаде своите два шампионски прстени во НБА лигата, кои ги освои како член на Лос Анџелес Лејкерс во 2001 и 2002 година, а сите пари од продажбата ќе бидат наменети за помош на неговата земја, разурната од војна.

Целта на Фондацијата Медведенко е да ги поддржи украинските деца со обновување на спортската инфраструктура во училиштата и започнување мрежа на социјални спортски клубови.

„Сакаме да ги обновиме салите и просториите за обука бидејќи руската армија бомбардираше повеќе од 100 училишта. На нашата земја и требаат многу пари за обнова на училиштата, а спортските сали ќе бидат последни во редот за поправка. Во Украина во текот на зимата децата мора да си играат во затворени простории“, изјави Медведенко.

Аукцијата за прстените на Медведенко ќе трае од среда, 27 јули до петок, 5 август, а се проценува дека ќе достигне цена од најмалку 100.000 долари.


Федерацијата нема пари, БиХ ќе го откаже настапот на Евробаскетот?

Кошаркарската федерација на Босна и Херцеговина соопшти дека настапите на репрезентативните селекции на големите натпреварувања, вклучително и машката, се под знак прашалник поради недостиг на финансии.

„Ситуацијата, да бидеме целосно отворени и директни, е токму таква што претстојните настапи на Европското и Светското првенство на нашите репрезентации се под голем знак прашалник. Во моментов нема излез, па не е далеку моментот кога ќе бидеме принудени да го откажеме учеството на споменатите натпреварувања“, се наведува во соопштението на Кошарската федерација на БиХ.

Машката репрезентација на Босна и Херцеговина е во групата Б на Евробаскетот и во Келн треба да ги одмери силите со селекциите на Франција, Литванија, Словенија, Германија и Унгарија.