кошарка

Дончиќ добива екстра договор со Далас

Најголемата кошаркарска ѕвезда од Словенија, Лука Дончиќ откако ги заврши настапите на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) во Токио веднаш доби понуда за супер-максимален договор, кој тој го прифати.

Најдобриот европски кошаркар во моментов во Далас ќе остане во наредните пет години, а ќе добие максимална плата – 207 милиони долари. Информацијата ја потврди и неговиот агент Бил Дафи, кој е во Словенија. Во текот на минатата сезоната, Лука Дончиќ во просек имаше по 27,7 поени, 8 скока и 8,6 асистенции по натпревар со ефикасност на шутот од 47,9% во целост, а 35% за три поени.

Кошаркарите на Далас предводени токму од Лука Дончиќ две сезони по ред се дел од плеј-офот во НБА лигата. Претходно екипата на Далас Маверик објави дека го продолжиле договорот со Тим Хардавеј.


Селекторот Бајиќ разочаран од откажувањето на Димитријевиќ

Кошаркарската Федерација заедно со селекторот на сениорската машка репрезентација Драган Бајиќ денес одржаа прес-конференција во пресрет на натпреварите од втората рунда на претквалификации за Светското првенство 2023.

Селекторот се осврна на играчкиот кадар со кој ќе располага, како и со играчите кои не можеа да одговорат на неговиот повик.

„Би сакал да се заблагодарам на раководството на КФСМ за условите кои ги добивме на овие подготовки, како во поглед на тренинзите. Задоволен сум и за пофалба е работата на кошаркарите во овие подготовки како и дисциплината и нивното залагање на тренинзите. Ниеден играч не паузираше повеќе од еден ден, сите имаа желба да се вратат што побрзо и да продолжат со тренинзите. Во поглед на натпреварите, ни беа откажани неколку дуели поради што не бевме во можност да го одработиме тоа што ни беше потребно. Ривалите во овие претквалификации одигра по 5-6 дуели, но без разлика на тоа, ние подготвени ги очекуваме претквалификациите“, вели Бајиќ

Тој се осврна посебно на недоаѓањето на некои играчи, меѓу кои и на првата ѕвезда во тимот, Ненад Димитријевиќ.

„Сакам да ја објаснам целата ситуација за да нема дамки околу моето име. Контактирав со него, му кажав дека сакам да биде лидер на оваа репрезентација во следните десетина години. Реков дека е исклучително потребен за да се пласираме во квалификациите. Му реков дека е можно да му дадам одмор понатаму. Јас подоцна имав повик само од неговиот менаџер кој побара Нено да се појави на 28 јули бидејќи имаше тешка задача. Јас поминав преку некои свои принципи, во слична ситуација беше Вајли кој исто така дојде подоцна поради лични проблеми. Несфатливо ми е некој со 23 години да бара одмор, а 36-годишниот Бојан Трајковски доаѓа на секој тренинг и работи како да има 20. Следна работа беше тоа што јас бев известен од луѓето во Федерацијата дека Димитријевиќ нема да се појави на тренинзите. Тој не ме удостои да ми се јави и да ми ги каже причините поради кои не дојде. Ја има македонската јавност да ѝ објасни“, рече Бајиќ.


Јокиќ знае да ужива!

Никола Јокиќ одмора во својот роден град, по напорната сезона во НБА каде беше прогласен за најдобар играч – МВП.
Наскоро треба да стане најскапо платен кошаркар на светот кој ќе заработува 250 милиони долари за пет сезони.
Но тоа не го спречува да се опушти, малку или премногу проценете сами…..


Двајт Хауард се врати меѓу Лејкерси

Лос Анџелес Лејкерси и официјално го потврдија доведувањето на Двајт Хауард.

Хауард во НБА лигата има просек од 16.2 поени, 12.1 скокови и 1.9 бокади по натпревар, а во кариерата одигра 1.182 во најсилната кошаркарска лига во дресовите на Орландо, Хјустон, Атланта, Шарлот, Вашингтон, Филаделфија и Лејкерси.

Тој беше дел од Лејкерси во 2020 година кога тимот од Лос Анџелес го освои шампионскиот прстен.


Дурент и Батлер добија нови договори со Бруклин и Мајами

Кевин Дурент и Џими Батлер добија нови богати договори од Бруклин Нест и Мајами Хит.

Дурент кој со репрезентацијата на САД дојде до златото на ЛОИ во Токио се согласи да стави потпис на четиригодишен договор со Бруклин вреден 198 милиони долари. Во минатава кампања популарниот Кеј-Ди одигра 35 мечеви на кои имаше просек од 26.9 поени, 7.1 скокови и 5.6 асистенции за да во плејофот биде на уште повисоко ниво и на 12 средби реализира по 34.3 поени, 9.3 скокови and 4.4 асистенции.

Тој заедно со Кајри Ирвинг и Џејмс Харден ќе имаат задача во следната кампања да направат се за да го донесат шампионскиот трофеј во Бруклин.

Батлер пак како клучен играч на Мајами ја продолжи соработката за четири години за кои ќе заработи 184 милиони долари. Џими беше главен во носењето на Кајл Лаури во овој преоден рок, па тие заедно со Адебајо, Робинсон и останатите треба да бидат група која ќе има што да каже на Истокот.


Чикаго го доведе Демар Дерозан

Поранешниот кошаркар на Сан Антонио Спарс, Демар Дерозан ќе стане нов кошаркар на Чикаго Булс. Тој ќе потпише тригодишен договор со новиот клуб вреден 85 милиони долари.

Во замена за него, Спарси ќе го добијат Тед Јанг, пик од првиот круг на НБА драфтот, како и два пика од вториот круг.

„Биковите“ веќе ги донесоа Лонзо Бол и Алекс Карузо што значи дека продолжуваат да прават добра селекција за следната сезона. Дерозан во текот на минатата сезона имаше просек од 21,6 поени, 4,2 скока и 6,9 асистенции по натпревар.


Меси му се „поклони“ на големиот Луис Скола

Лионел Меси се огласи по повод крајот на репрезентативната кариера на Луис Скола.

Легендарниот кошаркар во својата 41. Година одлучи да стави крај на играњето за националниот тим и да им ја препушти шансата на помладите. Луис Скола е вистинска легенда на Аргентина, не само поради спортските успеси, туку и поради однесувањето кон дресот.

Меси за него имаше само пофални зборови.

„Твојата импресивна кариера те претвори во голем претставник на аргентинскиот спорт и целиот свет. Ти благодарам“, гласи пораката на Меси.


Ентони во Лос Анџелес, Лејкерси капарисаа уште една ѕвезда

Кармело Ентони следната сезона ќе го носи дресот на ЛА Лејкерс, тоа го објави познатиот НБА новинар, Адриан Војнаровски.

Според Војнаровски, Ентони кој беше слободен агент се договорил за едногодишна соработка со „езерџиите“. Неговиот менаџер Фрејзер, во изјава за ЕСПН ја потврдил информацијата.

Во последните две сезони еден од највозрасните кошаркари во НБА лигата ги помина во дресот на Портланд.


Словенецот Дончиќ добива нов договор по Олимписките игри

Лука Дончиќ по завршување на Олимписките игри (ОИ) во Токио се очекува да потпише со НБА екипата на Далас продолжување на договорот за уште пет години за што ќе добие 202 милиони долари, јавија вечерва американските медиуми.

Дончиќ има договор со Далас до крајот на следната сезона, а на Олимпијадата во Токио со словенечката репрезентација го очекува четвртфинална пресметка против Германија.

Дончиќ, кој беше избран за најдобар дебитант во НБА лигата во 2019 година, има просек, од 25.7 поени, 8.4 скокови, 7.7 асистенции во 199 натпревари откако се пресели во најсилната кошаркарска лига во светот.


МЗТ Скопје донесе двајца Американци и Рикиќ од Еуро Никел

МЗТ Скопје крои планови за тоа како да ја одбрани двојната круна во домашното првенство и дефинитивно размислува што подобро да се прикаже во регионалните натпреварувања, па на ден „Илинден“, објави дека се договорени три големи засилувања за новата натпреварувачка сезона.

Раководството на „металците“ успеа да го договори хрватскиот „џин“ кој минатата сезона настапуваше одлично во Еуро Никел, извонредниот Роберт Рикиќ кој е висок 219 сантиметри. Покрај него, МЗТ објави соработка со двајца Американци, но соопшти дека е обновен и договорот на Кристијан Николов.

„Управата на МЗТ Скопје Аеродром изминатиот период го мина во интензивни преговори со поголем број квалитетни кошаркари со цел да се дојде до вистинските засилувања за новата сезона во која ќе ја браниме двојната круна на домашна сцена. Изборот падна на двајца Американци, Дастин Ваер (31 год, 183 см) и Хуан Дејвис (24 год, 203 см), еден добро познат хрватски интернационалец, Роберт Рикиќ (31 год, 219 см), додека обновен е и договорот со македонскиот репрезентативец Кристијан Николов (24 год, 187 см)“, велат од клубот.

Капитен на екипата останува Дамјан Стојановски, а договорни обврски со нашиот клуб имаат уште и Бојан Крстевски, Адем Мекиќ и Дамјан Робев. Со ова, најверојатно, засега ќе го заокружиме ростерот со напомена дека останатите четири места во тимот ќе бидат пополнети со играчи од нашата младинска школа, пред се од вториот тим, со цел најголемите таленти да добијат шанса да се натпреваруваат со најдобрите со кои располага МЗТ Скопје Аеродром.