кошарка

„Бомба“ во НБА лигата: Мајами го сака Никола Јокиќ

Мајами Хит има конкретен и долгорочен план како да му го „украде“ Никола Јокиќ на Денвер.

Легендарниот претседател на Мајами, Пет Рајли, веќе го празни буџетот. Тимот од Флорида е дури 15-ти по трошоци во НБА лигата и има потрошено само 73 милиони долари за сезоната 2027/28 – токму кога на српскиот центар му истекува договорот.

Иако Јокиќ пред почетокот на подготовките изјави дека планира целата кариера да ја помине во Денвер, тој ова лето одби да разговара за продолжување на договорот, а за две години ќе биде слободен играч.

Според „CourtSide Buzz“, Мајами сериозно се фрлил на работа и планира да донесе ѕвезди како Никола Јокиќ и Јанис Адетокумбо. Србинот би имал добра основа доколку дојде на Флорида, бидејќи Мајами сега има многу млади и талентирани играчи.


Асвел ќе ја напушти Евролигата и ќе игра во натпреварување на ФИБА

Францускиот претставник Асвел би можел да ја напушти Евролигата и да се пресели во Лигата на шампионите по крајот на оваа сезона.

Тоа само значи дека францускиот клуб која е во сопственост на легендарниот плеј на Сан Антонио Тони Паркер, има желба да се натпреварува во иднина во Лига што би можела да ја формира НБА- Европа.

Со оваа постапка Асвел би следел го следел патот на Алба, германскиот тим веќе се пресели во натпреварувањата на ФИБА од оваа сезона, откако ја напушти Евролигата.

Што се однесува до другите клубови од Франција, Монако нема планови да ја напушти Евролигата, каде што стигна до финалето минатата сезона.

Од друга страна, првиот човек на Асвел, Тони Паркер, верува дека иднината е во друго натпреварување.


Даскаловски: Поразот во Загреб е минато, погледите се кон европската премиера во Битола

Кошаркарите на Пелистер веќе почнаа со тренинзи во Битола по враќањето од Загреб, решени да го остават зад себе разочарувачкиот пораз од Цедевита Олимпија и да се вратат експресно на победнички патеки.

Битолчани влегуваат во пеколен ритам на натпревари ако се знае дека веќе в среда ќе ја пречекаат Словачка Превидза во второто коло од ФИБА Европа купот, по што в петок ќе се сретнат со Маџари во третото коло од Суперлигата, за веќе в недела да го играат и мечот од четвртата рунда против Феникс.

„Бевме разочарани по тој пораз во Загреб, но сега сме фокусирани само на иднината и претстојните предизвици. Главен проблем ни беше што не влеговме енергетски како што треба во мечот, ја немавме онаа агресивност на двете страни од теренот што го красеше Пелистер во изминатите два месеца. Борба за секоја топка, желба за победа, тоа е она што треба да го покажуваме секогаш, тоа не беше случај во Загреб и така не може да се добие натпревар од едно европско натпреварување. Причините може да се бараат на повеќе места, но јас никогаш не сум барал алиби, така ќе биде и овојпат – насочен сум само кон она што следи и верувам дека ќе се вратиме на победнички патеки“, вели тренерот Боро Даскаловски.

Пелистер веќе в среда го игра премиерниот меч од европските купови, историски прв кошаркарски меч од ФИБА-натпреварување во Битола на кој „зелено-белите“ ќе сторат се за да слават над екипата на Превидза од Словачка.

„Верувам дека ќе биде многу поинаку отколку во Загреб, пред се дека ние ќе имаме сосема поинаков пристап и ќе покажеме поголема агресивност на секој дел од теренот. За разлика од Цедевита јуниор, тимот на Превидза е исполнет со Американци, од неодамна имаат и еден босански интернационалец, така што станува збор за екипа со осум-девет странци, надополнета со двајца словачки репрезентативци. Тие имаат респектабилен ростер, но тоа не не интересира, кога играме дома пред нашата битолска публика ќе сториме се за да се покажеме во најдобро можно светло и да дојдеме до победата“, истакнува Даскаловски.


Ембид подготвен за стартот на сезоната

Џоел Ембид најверојатно ќе биде подготвен за првиот натпревар од новата НБА сезона, против Бостон Селтикс следната среда.

Ова е огромно охрабрување за тимот кој минатата сезона, без својот најдобар играч, доживеа вистински колапс. Сепак, како што велат добро информираните НБА-инсајдери, неговото враќање доаѓа со еден добар потег.


Брогдон одлучи да ја заврши кариерата

Малколм Брогдон одлучи да се пензионира од НБА по девет сезони

„Официјално се пензионирам од кошарката. Гордо ги посветив мојот ум, тело и дух на играта во изминатите неколку децении. Иако морав да жртвувам многу за да стигнам до тука, добив многу награди. Длабоко сум благодарен што стигнав до овој момент по мои услови и сега ги жнеам наградите од мојата кариера со моето семејство и пријатели. Од дното на моето срце им се заблагодарувам на сите што беа дел од моето патување“, го цитираше 32-годишниот Американец ESPN.

Брогдон имаше просек од 12,7 поени, 3,8 скока и 4,1 асистенции во 24 натпревари за Вашингтон визардс во сезоната 2024/25.

Кошаркарот беше избран од Милвоки како 36-ти избор на НБА драфтот во 2016 година. Тој играше и за Индијана, Бостон и Портланд. Тој се приклучи на Њујорк никс пред сезоната 2025/26.


Маратон за пелистерци: Четири меча во седум дена за момците на Даскаловски

Екипата на Пелистер се врати назад во Битола, каде од утре ќе стартува со подготовки за пеколниот ритам на натпревари што ќе ги очекува „пелистерци“ во наредниот период.

Дуелот од третото коло во Супер-лигата ќе го играме против екипата на Маџари, договорено е со промена на домаќинствата тој меч да биде одигран во Битола, но поради одржувањето на „Локалните избори 2025“ натпреварот Пелистер – Маџари е закажан за следниот петок (24 октомври во 19 часот, сала „Боро Чурлевски“).

Претходно, Пелистер в среда го очекува првиот домашен меч од ФИБА Европа купот во кој битолчани пред своите верни навивачи ќе го пречекаат словачкиот тим Превидза.

По тој дуел закажан за 22 октомви и мечот со Маџари на 24 октомври, Пелистер до крајот на следната седмица ќе одигра уште еден меч, на 26 октомври во рамките од Супер-лига против скопски Феникс, по што ќе следи гостувањето против кипарски Керавнос во третата рунда од ФИБА Европа купот.


Дубаи го продолжи договорот со тренерот Јурица Големац

Кошаркарскиот клуб Дубаи официјално соопшти дека го продолжил договорот со главниот тренер Јурица Големац, кој го предводеше тимот до сензационалната победа над европскиот првак Фенербахче со 93-69 во рамки на Евролигата.

Раководството на клубот одлучи да ја награди одличната работа на словенечкиот стратег, кој за кратко време создаде тим што демонстрира самодоверба, дисциплина и модерна кошарка.

Под водство на Големац, Дубаи игра препознатливо — со брз напад, агресивна одбрана и голема тимска енергија. Победата над Фенербахче се смета за најголемиот успех во младата историја на клубот, а продолжувањето на соработката е потврда за амбициите на проектот да стане стабилен евро-лигашки тим.

„Ова е само почеток. Играчите веруваат во системот, а клубот во нас — заедно градиме иднина“, изјави Големац по потпишувањето на новиот договор.

Дубаи веќе најави дека следната цел е пласман во плеј-офот на Евролигата, а под водство на Големац изгледа дека таа амбиција не е невозможна.


Пелистер поразен од Цедевита Јуниор на стартот на ФИБА Европа Купот

Пелистер не успеа да стигне до позитивен резултат во првото коло од ФИБА Европа купот откако битолскиот клуб вечерва беше поразен во Загреб од Цедевита јуниор со убедливи 94-76. Хрватскиот тим покажа многу повеќе на теренот во арената „Дражен Петровиќ“, Пелистер имаше проблеми и со шутот од далечина и со скок-играта, ситуација во која не можеше да се стигне до изненадување вечерва во Загреб.

Домаќините го отворија мечот со брзо водство од 6-0, пред првите поени за Пелистер да ги постигне Андреј Митревски (6-2). Цедевита Јуниор за момент имаше 8-2, но Пелистер имаше одговор и во четвртата минута поведе со 8-9, прво водство на македонскиот тим на натпреварот. По ефикасниот старт се влезе во серија грешки на двете страни, Цедевита јуниор по осум минути игра водеше со 18-16, Пелистер израмни на 18-18 со забивањето на Ленгстон Вилсон, но хрватскиот тим подобро ја заврши четвртината, поведувајќи со 24-20.

Почетокот на втората четвртина мина во знакот на Стајиќ, кој најпрви асистираше до Вилсон, а веднаш потоа украде топка и рутински реализираше за 24-24. Повторно следеше период на грешки, а откако домаќинот поведе со 28-24 тренерот Даскаловски го побара својот прв тајмаут на мечот. Цедевита Олимпија имаше најубедливи 35-27, Митревски се врати на терен и постигна пет поени во низа, но следеше нов период на криза во нападот што домаќините го искористија и на одмор заминаа со 44-35, полувреме во кое домаќинот целосно доминираше под обрачите (26-13 во скокови).

Домаќините го отворија второто полувреме со тројка за 47-35, Пелистер одговори со четири поени во низа, но Цедевита јуниор ја задржа контролата над играта и резултатот, со тројката под фаул на Даниелс стигнувајќи до најубедливи „плус 13“ (56-43). Во 27. Минута хрватскиот тим поведе со 59-45, по што Даскаловски беше принуден да побара уште еден тајмаут. Ситуацијата на теренот не се промени, хрватскиот тим издоминира до крајот на третата четвртина, во последните десет минути Пелистер влезе со негатива од 67-53.

Хрватскиот тим имаше контрола над резултатот, Пелистер само за момент намали на „минус десет“ (74-64), но следеше нова серија на Цедевита јуниор и разликата за две минути скокна на 20 поени (86-66). На крајот, хрватскиот тим славеше со убедливи 94-76 , за убедлив пораз од кој „пелистерци“ ќе мора експресно да извлечат многу поуки, за подобро да се претстават во ова европско натпреварување.

Прв стрелец на Пелистер во овој пораз беше Ленгстон Вилсон со 17 поени и 12 скокови, а двоцифрен ефект имаа уште и Митревски со 13, Си-Џеј Вилсон со 11 и Малешевиќ со 10 поени.


Смилковски: ТФТ се враќа во АБА-2 со повисоки амбиции

ТФТ повторно се враќа на настапите во АБА-2 лигата. Во новата сезона, клубот од Тафталиџе ќе отвори на гости кај тимот на Раднички од Крагујевац.

Пред дуелот со оваа екипа коментар даде тренерот Боро Смилковски.

„По пауза од една година повторно сме дел од АБА 2 натпреварувањето, овој пат поискусни и со повисоки амбиции во однос на насиот настап сесонава. Не очекува дуел против екипата на Раднички Крагујевац, КлС екипа со познато кошаркарско реноме во регионот и квалитетен состав – спој од искусни и млади играчи. Екипа која игра на голем број поседи и која игра голема агресивност во одбраната посебно на надворешните позиции. За нас после добриот почеток на сезоната натпреварот ке претставува еден вистински тест за досега сработеното и би ни дал своевидна евалуација на ростерот и потребите на екипата за вакво натпреварување. Верувам дека и двете екипи влегуваат мотивирани и со свои амбиции и дека нема да изостане добра кошарка достојна за едно вакво квалитетно натпреварување како АБА 2 лигата“, изјави Смилковски.

Натпреварот меѓу Раднички Крагујевац и ТФТ се игра во среда од 18:00 часот.


Алекс Адетокунбо потпиша за Милвоки

Милвоки стана првиот НБА тим во историјата кој има тројца браќа под договор. Тоа се Јанис, Танасис и Алекс Адетокунбо.

Бакс официјално објавија дека потпишале договор со Алекс, кој играше за Висконсин Херд, тим од Џи-лигата и подружница на Милвоки, од 2022 до 2024 година.

Сите кошаркарски експерти истакнуваат дека договорот со Алекс не е склучен за зајакнување на играчкиот кадар, туку е одредена отстапка направена кон најдобриот играч, 30-годишниот Јанис, за кој се вели дека наскоро ќе може да го напушти Милвоки.

Уште во 2013 година, Милвоки го избра Јанис како 15-ти пик на драфтот, а за грчкиот супер стар, Баксе сè уште се единствениот клуб во неговата НБА кариера. Со Милвоки, тој освои две титули за најкорисен играч и ја освои титулата во НБА во 2021 година.

Сепак, во последните години, Бакс редовно беа елиминирани во првото коло од плејофот на Источната конференција. Ова, како што тврдат медиумите го тера Јанис да размислува за преселба во некој друг клуб.

24-годишниот Алекс ја започна својата професионална кариера во Мурсија, а во последната година член на Будуќности од Подгорица, ПАОК и Арис. Најстариот брат, 33-годишниот Танасис, е член на Милвоки од 2019 година.