кошарка

Формирани групите во првата фаза на БИБЛ лигата

Првата фаза од новата сезона во БИБЛ лигата е реализирана.

Во седиштето на Лигата на Балканот во Софија беше извршенa ждрепката на двете натпреварувачки групи за сезоната 2021/2022 во која Македонија ќе има три свои претставници во екипите на Куманово 2009, ТФТ и за прв пат во кратката историја на постоењето, Академија ФМП.

Согласно со системот за натпреварување, во новата сезона ќе се натпреваруваат десет екипи, поделени во две групи по пет. Со оглед на тоа дека имаме три претставници, за очекување беше дека во една од групите, во овој случај, групата „А“, ќе следиме „македонско дерби“.

За пласман во втората, елиминациска фаза ќе играат Куманово 2009 и ФМП Академија. Покрај во првиот круг ќе играат Хапоел Галил Гилбоа, Балкан од Ботевград и косовскиот Пеќ.

Екипата на ТФТ е во групата „Б“ во која ќе се натпреваруваат уште и екипите на Ирони Нахарија, Академик од Пловдив, Берое – Стара Загора и Сигал Приштина.

Менаџментот на БИБЛ лигата остави простор во групите да има уште по една екипа од некои од заинтересираните федерации како Романија и Црна Гора.

СОСТАВИ НА ГРУПИТЕ ВО БИБЛ ЛИГАТА

ГРУПА А: Хапоел Галил Гилбоа, Балкан, Куманово 2009, ФМП Академија, Пеќ

ГРУПА Б: Ирони Нахарија, Академик Пловдив, ТФТ, Берое, Сигал Приштина


Германките прв противник на македонските кошаркарки

Македонската женска кошаркарска репрезентација, на 11 ноември против Германија на гости ги почнуваат квалификациите за Европското првенство 2023 година.

„Црвено-жолтите“ се во А групата заедно со Германија, Белгија и Босна и Херцеговина.

По Германија, Македонките ќе играат со БиХ на 14 ноември на домашен терен. Следната година гостуваат во Белгија на 24 ноември и ја пречекуваат Германија на 27 ноември. Во 2023 година се реваншите со БиХ на 9 февруари и со Белгија на 12 февруари.


Митрашиновиќ на прв тренинг со Тарбс

Капитенот на женската сениорска репрезентација на Македонија се појави на првиот собир на францускиот прволигаш.

Беше во Будуќност, сезоната, онаа ланската ја доигра како кошаркарка на Баскет Кам, ја круниса со освојување на двојната круна, изборот за најкорисен играч во плеј-офот на македонската Прва лига.

А од пред два дена, Анџелика Митрашиновиќ со нови работни обврски.

Во фрацускиот прволигаш Тарбс, екипа која и посака добредојде на нашата, во овој момент и најдобра кошаркарка.

„Анџелика е играч со кој и претходно имавме контакти. Конечно го добивме нејзиниот потпис, и сме среќни поради тоа. Таа е играч кој дефинитивно ќе биде откритие во францускиот шампионат, и убеден сум дека ќе биде способна да ги покаже сите свои напаѓачки квалитети. Очекувам тоа да се даде ефект во играта на тимот во наредниот шампионат. Добредојде Анџелика“ – изјави Франсоа Гомез, тренерот на овој француски женски прволигаш непосредно пред одработувањето на првиот тренинг, нешто како вовед во новата сезона.

Претстојната сезона во која капитенот на нашата женска сениорска репрезентација ќе биде голем предизвик. Посебно ако се земе предвид дека за прв пат во својата кариера ќе игра во една таква, уште посилна конкуренција во однос на некои претходни сезони.


ТФТ патува во Краснојарск, Куманово во Гронинген

Објавени се домаќините на четирите квалификациски турнири што ќе ја кренат завесата во сезоната 2021/22 од натпреварите во ФИБА Евро Купот.

ФИБА одлучи во улога на организатори да бидат: Гронинген, Софија, Краснојарск и Парну.

Холандскиот клуб Донар Гронинген ќе биде домаќин на турнирот „А“ во својата домашна арена. А победникот од четвртфиналето помеѓу нашиот Куманово 2009 и Свонс Гмунден од Австрија ќе ги пречекаат домаќините во едно полуфинале.

Бенфика од Португалија и романскиот Волунтари ќе се соочат во другото полуфинале. Победникот на турнирот „А“ ќе биде сместен во групата „Ц“ од редовната сезона.

Бугарската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на турнирот „Б“ во Софија. Полскиот Трефл Сопот во првото полуфинале ќе го пречека Дњипро од Украина, додека грчкиот Ираклис ќе се соочи со бугарскиот Академик Пловдив во второто. Тимот што ќе победи на турнирот „Б“ ќе обезбеди место во групата „Е“ за редовниот дел од сезоната.

Турнирот „Ц“ ќе се игра во Русија, а во улога на домаќин ќе биде Енисеј во Краснојарск. Домаќините ќе се борат против израелската Хапоел Хаифа во првото полуфинале. Германскиот Меди Бајројт во второто полуфинале го чека победникот од четвртфиналната пресметка меѓу унгарските Натуртекс-СЗТЕ-Сегед и ТФТ од Скопје. Победникот од турнирот „Ц“ ќе го заземе преостанатото место во групата А за редовна сезона.

Естонскиот клуб Парну Садам ќе биде домаќин на турнирот „Д“. Домаќините ќе се соочат со австриската ГГМТ Виена, а победникот ќе го добие за противник актуелниот шампион на ФИБА Купот на Европа, Ирони Нес Зиона во едно полуфинале. Кипарскиот тим Керавнос ќе се судри со Порто во другото полуфинале.

Победникот на овој турнир ќе се пласира во групата „Р“ од редовниот дел од сезоната.

Инаку, сите турнири ќе се играат помеѓу 28. септември и 1. октомври, со исклучок на Турнирот „Б“ во Софија, кој ќе започне на 29. септември бидејќи нема четвртфинале.


Златните одличја и трофејот од Тбилиси во „Куќата на кошарката“

Женската селекција на Македонија за кошаркарки „Под 16“ години го донесоа во „Куќата на кошарката“ трофеjoт освоен на „Челенџерот“ во Тбилиси.

Нашите златни кадетки имаа одличен настап на турнирот во Тбилиси каде стигнаа до четири убедливи победи во дуелите со Малта, Албанија,  Ерменија и Грузија, и со максимален ефект ги ставија златните одличја на своите гради.

Предводени од селекторот Никола Златев и асистентите Ведран Белешковски и Форка Георгиева, дојдоа во просториите на федерацијата, каде имаа прием организиран од страна на раководството на федерацијата, предводено од претседателот Перо Антиќ, генералниот секретар, Владимир Георгиевски и спортскиот директор Тодор Гечевски.

Селекторот Златев не го криеше задоволството од постигнатиот резултат во Грузија.

„Голема благодарност до раководниот тим на федерацијата кој ги препозна сите оние наши желби, очекувања поради кои и ја добивме довербата да работиме со оваа наша, сега веќе, златна селекција“ – рече Златев на приемот во федерацијата. „Мислам дека возвративме на тоа на најдобар можен начин. За Тбилиси заминавме без било какви притисоци, резултатски императиви. На турнирот одевме чекор по чекор, макар недоволно запознати со квалитетите на противниците. Но откако ја реализиравме првата победа, потоа беше доста полесно. Во исто време можевме да ги скаутираме и другите противници, што ни ја олесни работата во подготовката на наредните натпревари. Доминиравме во секој поглед, и во Тбилиси ни се врати сето ова што го работевме во тие 40 и повеќе деови на подготовките во Скопје, Кавадарци и во Крива Паланка“- дополни селекторот на оваа наша репрезентативна селекција.


Одом: Да не беше дрогата денес уште ќе играв кошарка

Ламар Одом смета јавно призна дека дрогата му ја уништила кариерата.

Одом и претходно призна дека дрогата многу му наштетила во животот, но не можел да запре да ја користи.

„Искрено, мислам доколку не беа дрогите, јас ќе можев уште да играм кошарка. Ова го кажувам затоа што јас навистина немав проблеми со екстремитетите. Уште можам да трчам и да скокам“, вели 41-годишниот Одом.

Одом имаше 12 мозочни удари и шест срцеви удари, а исто така освои две шампионски титули со Лос Анџелес Лејкерс.


Евробаскет 2023: Македонија во друштво на Белгија, Германија и БиХ

Македонската женска сениорска репрезентација ќе игра во групата „А“ во претстојните квалификации за пласман на завршниот турнир – Евробаскетот во 2023 година.

Ждрепката во Минхен одлучи нашиот најдобар женски национален тим да биде во друштво со селекциите на Белгија, Германија и Босна и Херцеговина.

Со оглед на бројот на пријавени селекции, натпреварувањето, односно квалификациите за пласман на наредниот женски Евробаскет во 2023 година, ќе се одвива во десет натпреварувачки групи.

Осум од нив се составени од по четири учесници, а две со по три партиципанти. Двете земји, односно селекции кои се домаќини на Европското првенство, Словенија и Израел, исто така ќе бидат дел од квалификациите.

Согласно со ситемот за натпреварување, најдобрите десет селекции во групната, квалификациска фаза, како и четирите најдобри кои ќе завршат како второпласирани, ќе обезбедат учество на завршниот турнир – Евробаскетот.

Ако во тие 14. селекции се двете кои се во улога на домаќини, тогаш правото за настап го добиваат наредните со најдобар скор од второпласираните национални селекции.

Инаку квалификациите ќе се одвиваат во три т.н. ФИБА „прозорци“. Првиот е од 11. до 14. ноември, 2021 година. Следниот во периодот 24-27. ноември, 2022 година, а последниот од 24. до 27. февруари 2023 година.


Квалификациите за СП во ноември, ждрепката веќе за десетина дена

Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија на 31 август од 12:00 часот ќе ги дознае противниците за квалификацискиот дел за пласман на Светското првенство во 2023 година.

Ние заедно со Словачка, Црна Гора, Исланд, Белорусија, Летонија, Португалија и Шведска, последни обезбедивме место во квалификациите во кои директно ќе се приклучат: Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Белгија, Бугарија, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Велика Британија, Грција, Унгарија, Израел, Италија, Литванија, Полска, Холандија, Русија, Шпанија, Турција и Украина.

Почетокот на квалификациите за Мундијалот во 2023 година ќе биде во ноември.


Девојките утре ги добиваат ривалите за европските квалификации

Вкупно 38 национални тимови во женска сениорска конкуренција ќе бидат дел од ждрепката на натпреварувачките групи која ќе се одржи на 20. август во Минхен.

Меѓу нив ќе биде и националната сениорска репрезентација на Македонија, која согласно со рејтингот на ФИБА, ќе го дочека формирањето на натпреварувачките групи од осмиот, според квалитет „шешир“.

Со оглед на бројот на пријавени селекции, натпреварувањето, односно квалификациите за пласман на наредниот женски Евробаскет во 2023 година, ќе се одвива во десет натпреварувачки групи.

Осум од нив ќе бидат составени од по четири учесници, а две со по три партиципанти. Двете земји, односно селекции кои се домаќини на Европското првенство, Словенија и Израел, исто така ќе бидат дел од квалификациите.

Најдобрите десет селекции во групната, квалификациска фаза, како и четирите најдобри кои ќе завршат како второпласирани, ќе обезбедат учество на завршниот турнир – Евробаскетот.

Ако во тие 14. селекции се двете кои се во улога на домаќини, тогаш правото за настап го добиваат наредните со најдобар скор од второпласираните национални селекции.

Инаку квалификациите ќе се одвиваат во три т.н. ФИБА „прозорци“. Првиот е од 11. до 14. ноември, 2021 година. Следниот во периодот 24-27. ноември, 2022 година, а последниот од 24. до 27. февруари 2023 година.


Со пораз до прво место, целта остварена!

На последниот натпревар на турнирот во Скопје, дел од „Ф“ претквалификациската група за пласман на Светскиот Куп 2023, Македонија и Словачка го одиграа најефикасниот меч на турнирот. Словачка победи заслужено, но имавме доволна залиха да го одбраниме првото место во оваа конкуренција кое води кон планираната цел – настап во квалификациите за Светскиот куп во 2023. година.

„Оставивме лош впечаток за крај. Но, би сакал да им честитам на момците, ја остваривме целта, први одиме во квалификациите за СП 2023. На стартот никој не веруваше дека можеме да ја минеме оваа фаза, посебно по поразот од Швајцарија и најголемите оптимисти кренаа раце од нас. Но, јас им кажав на сите дека ќе работиме чесно, и чесно ќе се вратиме. Уште еднаш, честитки до сите, благодарност до претседателот Перо Антиќ за довербата.

Што се однесува до мечот, тешко е психолошки да го подготвиш тимот за меч за кој знаеш дека можеш да загубиш 20 разкика, а пак да си прв. На овој турнир имавме добра одбрана, но на овој натпревар потфрливме. Немавме однос на терен како на претходните мечеви.

Ова е историски за македонската кошарка, да се играат квалификации за СП 2023. Ние според некое мое видување останавме без девет играчи во ростерот. Мора малку време и простор да се види кој од оние сите играчи кои не ни помогнаа сега, ќе можат да помогнат после. Доаѓа европската елита, сакам да им дадам шанса на сите и на помладите играчи кои во следните години треба да бидат со репрезентацијата“, изјави селекторот Драган Бајиќ.