кошарка

Виктор Вембањама е најдобар дефанзивец во НБА лигата

Францускиот кошаркар Виктор Вембањама е прогласен за најдобар дефанзивен играч на Американската професионална кошаркарска лига (НБА) во ноќта помеѓу понеделник и вторник, со што ги потврди очекувањата по добрата сезона во Сан Антонио.

22-годишниот центар стана најмладиот добитник на оваа награда, а наградата ја освои едногласно, што дополнително ја нагласува неговата доминација.

Со само 22 години, Вембањама ги надмина сите претходни победници, со оглед на тоа што сите претходни победници имале најмалку 23 години кога ја добиле наградата.

Сепак, она што го прави ова достигнување навистина неверојатно е фактот дека Вембањама е првиот играч во историјата на НБА што едногласно ја освоил оваа награда.

Откако признанието беше воведено во сезоната 1982/83, секогаш имало барем мало несогласување меѓу новинарите и тренерите, но овој пат немаше дилема. Французинот ги доби сите гласови, што во последната деценија му успеа само на Стеф Кари во трката за МВП во 2016 година.

Покрај тоа што стана најмладиот добитник на наградата, Вемби влезе во историјата како третиот кошаркар, што успеал во еден дел од кариерата да биде прогласен за дебитант на годината и да биде најдобра дефанзивец. Пред него тоа им успеа на легендите Дејвид Робинсон и Мајкл Џордан.

Исто така, Сан Антонио стана првиот клуб со четири различни играчи што ја освоиле наградата за најдобар дефанзивец, по Алвин Робертсон, Дејвид Робинсон и Кавај Ленард.

Второто место во изборот го освои Чет Хомгрен од Оклахома, додека третото место го освои Осер Томпсон од Детроит.


Виртус Болоња ставен на продажба

team Virtus Bologna – Zalgiris Kaunas Euroleague 2025-2026 Bologna, 06/01/2026 Foto B.Costantini / Ciamillo-Castoria

Италијанскиот кошаркарски гигант, екипата на Виртус Болоња, наскоро ќе има нови сопственици. Масимо Занети, првиот човек на Виртус Болоња, објави дека наскоро ќе го продаде легендарниот клуб и ќе го предаде на нови сопственици. Виртус е во трка за скудетото оваа сезона, но е вистинско разочарување во Евролигата со само 14 победи и 24 порази за 17. место на табелата.

Дури го отпушти тренерот Душко Ивановиќ и го замени со неговиот помошник, Ненад Јаковљевиќ.

„Ако се јави некој да го купи Виртус и покаже дека има доволно пари, желба и амбиција, ќе бидам подготвен да го сослушам. Клубот е мој засега, ако никој не сака да го преземе, јас ќе останам на чело. Како и да е, наскоро ќе наполнам 80 години и ќе ги сослушам понудите. Повторувам, сè оди напред, имаме планови за годините што доаѓаат и разговараме со Евролигата за обновување на лиценцата.

Би сакал да бидам претседател на Виртус по 2026 година, дури и кога ќе се преселиме на нов стадион и кога ќе биде раководството различно од сегашното“, истакна Занети.


Французите со сериозни критики на адреса на Тони Паркер

Француската кошаркарска легенда, Лоран Скиара, се осврна на најавите дека тренерот на Вилербан, Пјерик Пупе, ќе биде заменет со сопственикот на тимот, Тони Паркер, кој сака да седи на клупата.

„Жал ми е за Пјерик. Можеби на Тони му станува здодевно? Мислам дека наскоро ќе увиди дека е подобро да се грижи за коњите отколку да ги дресира. Да се ​​биде тренер е луда работа“ – рече Скиара.

Екипата на Вилербан имаше катастрофален настап во Евро-лигата додека во француското првенство се наоѓа на 5-то место со ефект од 16 победи и 9 порази.


Ембид ќе ја пропушти цела сезона против Бостон

Кошаркарот на Филаделфија 76ерс, Џоел Ембид, веројатно ќе ја пропушти серијата против Бостон во првото коло од разигрувањето за титулата.

Според анализите, малку е веројатно дека ќе го видиме наскоро бидејќи сè уште се опоравува од операцијата. Медиумите наведуваат дека ситуацијата е прилично неизвесна бидејќи не започнал ниту со тренинзи.

Ембиид претходно го пропушти турнирот во плеј-ин откако беше подложен на операција на слепо црево. Последен пат играше на 6 април против Сан Антонио.


Надир Хифи го менува Париз со клуб од НБА лигата

Кошаркарот на Париз Баскет, Надир Хифи, отворено изјави дека неговата цел е да ја продолжи кариерата во НБА лигата.

Тој истакна дека повеќе нема право да се пријави на драфтот, но очекува можност да потпише договор како слободен агент.

Хифи зад себе има одлична сезона во Европа, каде што се наметна како еден од најдобрите играчи во својот тим и привлече внимание со своите настапи.

Неговите партии дополнително го зголемија интересот од поголеми клубови, но тој јасно стави до знаење дека приоритет му е НБА.


Џамал Мозли заминува од Орландо

Екипата на Орландо веројатно ќе се раздели со тренерот, Џамал Мозли, наведува колумнистот, Џејк Фишер.

47-годишниот кошаркарски тренер речиси сигурно ќе поднесе оставка без разлика на резултатот во решавачката фаза од сезоната.

Мозли откако го презеде Орландо во 2021 година, не успеа да победи во ниту еден меч во плеј-офот.


Американката Бостон потпиша рекорден договор во ВНБА

Американската кошаркарка Алија Бостон потпиша четиригодишно продолжување на договорот со Индијана во вредност од 6,3 милиони долари, што е највисок износ во историјата на женската американска професионална кошаркарска лига (ВНБА), објави денеска клубот.

Бостон со тоа го надмина неодамнешниот договор на Аја Вилсон, која потпиша тригодишен договор вреден 4,7 милиони долари со Лас Вегас, рекорд кој траеше само 48 часа.

И двата договори се резултат на нов колективен договор меѓу лигата и синдикатот на играчи, постигнат на крајот на март по речиси две години преговори. Бостон минатата сезона имаше просек од 15 поени и 8,2 скокови по натпревар


Пелистер со одлична игра до триумф во Гевгелија

Пелистер во второто коло од плејоф доигрувањето стигна и до втора победа, откако попладнево на гостински терен го совлада Кожув со резултат 85-95. „Зелено-белите“ одиграа исклучително квалитетно во нападот, а за разлика од претходниот дуел со овој ривал на кој предноста ја загубија во завршницата, овојпат „пелистерци“ одиграа квалитетни последни десет минути со кои практично си ја осигураа оваа заслужена победа.

Кожув подобро го отвори мечот, набрзина поведе со 6-0 и со 9-2, а Брејси Дејвис ги постигна првите четири поени за Пелистер. Домашниот тим имаше контрола до 17-8, но со тројката на Брејси Дејвис битолчани влегоа во посакуваниот ритам, набрзина топејќи ја негативата и преку Џенкинс стигнувајќи до првото водство на мечот (20-21).

Крстевски стрелаше прецизно за 20-24 за крај на првата четвртина, а Пелистер набрзина поведе со 22-29 на стартот од вториот период. Kожув се консолидираше, прд крајот на четвртината дури и поведе минимално, но Пелистер замина на пауза со предност од 46-47 по поените на Андреј Митревски.

Mалешевиќ и Џенкинс ја презедоа одговорноста на стартот од второто полувреме, набрзина носејќи водство од 50-58, по што домашниот тренер побара тајмаут. Koжув успеа да се врати со двете тројки во низа на Пурвис поведе со 65-64, но завршницата од четвртината мина во знакот на „пелистерци“, кои благодарение на Вилсон и на Митревски влегоа во последните десет минути со водство од 68-72.

Центарот Вилсон ги реализираше првите два напади на Пелистер во четвртата четвртина, што важна тројка постигна Дамјан Крстевски за 72-79. Серијата на Пелистер продолжи, па со тројката на Митревски „зелено-белите“ стигнаа до првото двоцифрено водство на мечот (74-84).

Малинков побара тајмаут за Кожув при негатива од 74-86, а по петте поени во низа Даскаловски побара тајмаутна 4:22 минути до крајот, при водство на Пелистер од79-86. Митревски и Брејси Дејвис постигнаа важни поени со кои го запреа завршниот обид за камбек на домашниот тим, по што Пелистер заслужено го доби овој натпревар со конечни 85-95.

Малешевиќ беше прв стрелец со 21 постигнат поен, Брејси Дејвис го заврши дуелот со 20 поени, Вилсон имаше 14, а Андреј Митревски 13 поени.


Вембањама добитник на наградата „Меџик Џонсон“

Виктор Вембањама е добитник на наградата „Меџик Џонсон“ за сезоната 2025/26, која се доделува на НБА играчот кој најдобро комбинира извонредност на теренот со подготвеност за соработка и харизма во односите со медиумите и навивачите, објави Здружението на професионални кошаркарски новинари (PBWA).

Вембањама оваа сезона имаше просек од 25 поени, 11,5 скока, 3,1 асистенции и 3,1 блокади по натпревар и беше именуван за Ол-стар по втор пат во кариерата.

Надвор од теренот, кошаркарот на Сан Антонио Спарс постојано негува атмосфера на меѓусебно почитување и отвореност со новинарите кои известуваат за НБА.

Вембањама е првиот кошаркар на Спарс кој ја освоил наградата и, со 22 години, најмладиот добитник од Кевин Дурант (исто така 22) во 2011 година.

Донован Мичел од Кливленд Кавалирс заврши втор во гласањето втора година по ред. Други финалисти, врз основа на номинациите од членовите на PBWA, беа Стеф Кари од Голден Стејт Вориорс, Џејлен Браун од Бостон Селтикс и Јанис Адетокумбо од Милвоки Бакс.

Наградата, востановена во 2001 година, е именувана во чест на поранешната ѕвезда на Лос Анџелес Лејкерс, Ирвин „Меџик“ Џонсон, кој беше постојано ангажиран, внимателен и учтив кон медиумите во текот на неговата истакната кариера како член на „Куќата на славните“.

Според тековните правила на PBWA, усвоени во 2020 година, ниту еден кошаркар не може да ја добие оваа награда двапати по ред. PBWA се состои од повеќе од 200 новинари и уредници кои редовно ги следат настаните во НБА.


ТФТ Скопје ќе игра финале за влез во АБА лигата

Кошаркарите на ТФТ се пласираа во финалето, во АБА 2 лигата. ТФТ и во вториот натпревар ја совлада Сутјеска, за место во АБА лигата ќе се бори со Широки.

По победата во првиот меч во Црна Гора, ТФТ и во реваншот убедливо ја победи Сутјеска 90-77.

ТФТ одигра еден од најдобрите натпревари во сезоната, буквално на Сутјеска не и дозволи ниту грам надеж дека може да го врати брејкот. Победата скопскиот тим ја најави во првата четвртина, која ја доби со 29-14.

На полувреме разликата изнесуваше 16 поени, а во третата четвртина ТФТ дојде до максималните +23 (82-59).

Најефикасен во редовите на ТФТ беше Стенли Дејвис Џуниор со 23 поени, Виктор Ташовски уфрли 19.

За место во АБА лигата, ТФТ ќе игра серија од максимум три натпреварисо Широки. Доколку ТФТ не успее против Широки ќе има можност а поправен, би играл бараж против последнопласираната екипа во АБА лигата.