кошарка

Пешиќ се повлече, Алимпијевиќ нов селектор на Србија

Светислав Пешиќ повеќе не е селектор на српската кошаркарска репрезентација. Кошаркарската федерација на Србија се збогува со Пешиќ, кој како тренер ја предводеше Србија до сребро на СП 2023 и бронза на Олимписките игри во Токио, со емотивна и сеопфатна изјава.

Недолго потоа, КСС ​​објави дека Душан Алимпијевиќ е новиот селектор на Србија. Станува збор за млад тренер, има само 39 години, но како што објавуваат медиумите во соседството, Алимпијевиќ веќе се докажа како енергичен и посветен стручњак кој се подобрува од сезона во сезона. Во својата кариера, тој ги водеше Војводина, Спартак Суботица, ФМП, Црвена звезда, Автодор, Бурсаспор и Бешикташ.

„Кошаркарската федерација на Србија со задоволство објавува дека е постигнат договор со Душан Алимпијевиќ, кој, според одлуката на Управниот одбор на КСС, денес е официјално назначен за главен тренер на српската машка сениорска репрезентација.

Договорот ќе биде потпишан за период од три години. Во овој период, Алимпијевиќ ќе ги преземе сите одговорности поврзани со подготовките на тимот за претстојните квалификации за Светското првенство („прозорци“ на ФИБА), како и меѓународните натпреварувања.


Американецот Ноел пред потпис со Партизан

Кошаркарскиот клуб Партизан е блиску до наоѓање решение за позицијата центар, каде што имаше сериозен проблем на почетокот од Евролигата, поради повреди и скратена ротација.

„Црно-белите“ се насочени кон американскиот центар и поранешен шести пик на драфтот, Нерленс Ноел.

Во моментов, Жељко Обрадовиќ го има на располагање само Тајрик Џонс, кој не закрепнал сосема, додека неколкумина играчи може привремено да ја пополнат улогата на позицијата „пет“. Сепак, раководството го имаше доведувањето нов центар како приоритет.

Виртус, Жалгирис и Макаби, исто така, покажаа интерес за Ноел, поранешниот шести пик на драфтот на НБА во 2013 година.

Тој помина една деценија во најсилната лига во светот (2013–2023), каде што играше за Филаделфија, Далас, Оклахома, Њујорк, Детроит и за Бруклин. На 467 натпревари, тој имаше просек од седум поени и шест скока, а ја имаше својата најдобра сезона во дресот на Филаделфија со просек од 11 поени и осум скока.

Она што загрижува е тоа што Ноел е без клуб од летото 2023 година, па не се знае како ќе се покаже со толкаво отсуство од кошаркарските терени.


Дубаи демонстрираше сила на дебито во Евролигата

Со убедливи победи на дебитантите Дубаи и Хапоел започна новата сезона во Евролигата. Дубаи го победи Партизан со 89-76, а Хапоел славеше во дуелот со Барселона 103-87.

Поранешниот кошаркар на Партизан, Дејвис Бертанс, го предводеше Дубаи до историската прва победа во Евролигата. Летонецот го заврши натпреварот со 20 поени (11 во првата четвртина) , 3 скока и 4 асистенции.

Џанан Муса заврши со 19 поени, 4 скока и 5 асистенции, Мфионду Кабенгеле имаше 15 поени и 5 скока, Филип Петрушев имаше 14 поени и 8 скока.

Во тимот на Партизан, Тајрик Џонс беше најистакнат стрелец со 13 поени и 6 скока, а имаше и по 2 асистенции, блокади и украдени топки, како и 3 изгубени топки и 4 лични грешки.

Хапоел домашните натпревари ги игра во Софија. Актуелниот шампион во Еврокупот ја победи Барселона со 16 поени разлика. Василије Мициќ постигна 18 поени со три скока и две асистенции во својот прв натпревар во Евролигата во дресот на Хапоел.


„Сан Сиро“ ќе им биде продаден на Милан и Интер за 197 милиони евра, клубовите планираат да го срушат стадионот

Градскиот совет на Милано ја одобри продажбата на стадионот и околниот простор на клубовите за 197 милиони евра. Дваесет и четири члена на советот гласаа „за“, 20 беа „против“, а двајца не учествуваа во гласањето.

Се очекува договорот да биде завршен до 10 ноември, кога вториот ред на „Сан Сиро“ ќе биде доволно стар за да се квалификува за заштитен статус како историско обележје.

Милан и Интер планираат да го срушат стадионот, кој е отворен во 1926 година, и да изградат нов до 2031 година.


Почнува новата евролигашка сезона, прва со дваесет клуба

Со денешните седум натпревари стартува новата 26.та сезона од кошаркарската Евролига. „Први“ на теренот ќе се појават екипите на Дубаи и Партизан, а во исто време е почетокот и на дуелот Хапоел – Барселона. Екипите на Дубаи и Хапоел се дебитанти во најквалитетното кошаркарско натпреварување

Започнува новото, дваесет и шесто издание на Евролигата, а Дубаи и Партизан имаат чест да ја отворат новата сезона (18:00 часот). Во исто време кога се игра натпреварот Дубаи – Партизан, ќе се сретнат и Хапоел и Барселона. Покрај овие два натпревари на првиот ден од Евролигата, на програмата сè уште пет натпревари.

На местото на Алба, оваа сезона ќе настапува Валенсија и бројот на екипи од 18 е зголемен на 20. Тоа значи дека ќе бидат одиграни повеќе натпревари односно ќе има и повеќе двојни кола. Според новиот формат во регуларниот дел ќе бидат одиграни 38 натпревари место досегашните 34.

Завршницата продолжува како и последните две сезони – тоа значи дека првите шест екипи ќе имаат пласман во плејофот, додека екипите од 7-10 место ќе разигруваат за уште две места за четвртфиналето.

Фајнл-форот на програмата е да се одигра од 22 до 24.мај 2026 година во Атина.

Титулата ја брани екипата на Фенербахче.


Голден Стејт нов клуб на Ал Хордфорд

Ал Хорфорд, 39-годишен кошаркар со 18 сезони во НБА зад себе, кариерата ќе ја продолжи во Голден Стејт Вориорс.

Според изјавата на агентот на Хорфорд, Џејсон Глушон, Вориорс чекаат одлука од Џонатан Куминга, кој е ограничен слободен агент, за да ги финализираат деталите од договорот на Хорфорд. Самиот играч се збогува со Бостон Селтикс, каде што помина седум од последните девет сезони и ја освои титулата во 2024 година.

Ал Хорфорд е само еден од четворицата играчи во НБА кои успеале да постигнат 900 или повеќе тројки и да поделат 1300 или повеќе блокади. Останатите тројца се Рашид Волас, Брук Лопез и Клифорд Робинсон.


Американецот Мек Смит потпиша за МЗТ Скопје

МЗТ Скопје Аеродром има нов играч во својот состав за претстојната сезона. Станува збор за Американецот Мек Смит (27 години, 190 сантиметри), кој игра на бековската позиција и дресот на македонскиот шампион ќе треба да го носи една сезона.

Смит е добро познат и на македонската кошаркарска јавност бидејќи веќе има настапувано за екипите на ФМП Академија и Тиквеш. Кошаркарот ќе треба на екипата која вчера го одбрани Супер купот (совладан Кожув со 71:65) да ѝ се приклучи во текот на оваа недела да се стави на располагање на стручниот штаб за првиот дуел од домашното првенство против Маџари, како и за дуелот од АБА-2 лигата со Вршац.

Новиот играч ќе биде четвртиот американски кошаркар во составот на првакот, а меѓу другото познат е и по што е рекордер во рамки на НЦАА лигата. На 91 натпревар во серија има постигнато барем една „тројка“.


МЗТ Скопје го одбрани трофејот од Суперкупот на Македонија во кошарка

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја продолжија доминацијата кога се говори за трофеи во мак-баскетот. Потешко од очекуваното, аеродромци го совладаа Кожув 71-64 кој за првпат играше за трофеј и така го освоија Суперкупот на Македонија.

За „штрковите“ предводени од тренерот Васко Атанасов ова беше осмо одличје во настанот кој е увертира за новата сезона во мак-баскетот.

Гил со 16 и Војдан Стојановски и МекКаден со по 13 поени беа најзаслужни за трофејот на МЗТ, додека за поразениот тим се истакнаа Парвис со 21 и Дибински и Николас со по 12 поени.


Баскет Кам очекувано го освии Суперкупот на Македонија

Екипата на Баскет Кам со победа го отвори официјалниот дел од сезоната во мак-баскетот. Тимот од Македонска Каменица славеше над Вардар со 63-44 во рамки на Суперкупот на Македонија „Драган Василов – Цевка“ – во меч кој е увертира за домашните предизвици.

Последните десет минути на мечот во СРЦ „Кале“ беа само формалност за Баскет Кам, затоа што разликата на семафорот константно растеше, за на крајот да изнесува 19 поени разлика. Кметовска и Димова имаа дабл-дабл учинок кај победникот. Кметовска даде 20 поени со уште 12 скока, додека Димова имаше 20 поени и 16 скока. Кај Вардар, Пишлевска даде 12, а Митева реализира 11 поени.


Атаман наговести дека Јанис еден ден ќе заигра за ПАО

Главниот тренер на Панатинаикос, Ергин Атаман, сака еден ден да работи со големата грчка кошаркарска ѕвезда, Јанис Адетекумпо, кој игра за Милвоки.

„Јанис е најразновидниот играч во НБА . Може да игра како бек, да трча брзо, да шутира од рекетот, да постигнува кошеви и да се брани. Тој е играч кого навистина го почитувам.“ –рече тренерот на Панатинаикос.

Ќе потсетиме дека Адетекумпо беше вклучен во најдобрата петорка на последното Европско првенство додека Атаман беше прогласен за најдобар селектор.