кошарка

КК Пелистер ги продолжи договорите со четири македонски играчи

Кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола пред стартот на новата сезона е активен во создавањето на ростерот. Во клубот последните денови пристигнаа неколку странски играчи (Американци) како и репрезентативецот Андреј Митревски, од клубот стигна информација дека клубот ги продолжил договорите со неколку домашни играчи.

Продолжена е соработката со Лука Стојановски, Бобан Стајиќ, Дамјан Крстевски и со Дарко Најдовски.

Стојановски е актуелен репрезентативец на Македонија. Стајиќ минатата година се врати во Битола од редовите на Работнички, беше една од ретките светли точки во ланската турбулентна сезона, па сигурно ќе биде значаен адут на тренерот Даскаловски. За Крстевски ова ќе биде втора сезона во дресот на Пелистер, додека битолчанецот Најдовски како капитен е дел од самите почетоци на овој проект.

Екипата на Пелистер е македонскиот претставник оваа сезона во квалификациите од Лигата на шампионите.


Германија остана без селектор, Мумбру се повлече среде Евробаскетот

Многу тимови на тековниот Евробаскет имаат проблеми со повредени и болни играчи, а германската репрезентација има проблеми со селекторот.

Алекс Мумбру беше хоспитализиран поради инфекција непосредно пред почетокот на турнирот и се мачеше многу за време на групната фаза во Тампере.

„Панцерите“ го презеде неговиот помошник Алан Ибрахимагиќ, кој ќе биде на чело на еден од главните фаворити за златото во продолжението на Европското првенство.

Мумбру едноставно не можеше целосно да се посвети на кошарката, а Германската кошаркарска асоцијација го објави ова на своите официјални мрежи.

„Во текот на изминатите неколку дена сфатив дека не сум физички подготвен да го водам тимот од клупата за време на натпреварите. Решив да ги прилагодам улогите во тренерскиот штаб и Алан да ја преземе одговорноста на главен тренер за време на натпреварите. Јас сè уште ќе бидам на клупата, ќе го поддржувам тимот и ќе продолжиме тесно да соработуваме. Верувам дека ова е најдобриот начин да му помогнам на тимот да постигне успех“, рече Мумбру.

Германија ќе игра против Словенија во четвртфиналето на Евробаскетот во среда од 20 часот.


Хауард и Ентони примени во „Куќата на славните“

Кармело Ентони и Двајт Хауард стнаа жители на Куќата на славните во Спронгфилд.

Ентони, кој играше 19 сезони во НБА, ја заработи оваа чест врз основа на неговите лични достигнувања и како член на американскиот тим кој освои злато на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година.

Американците особено го паметат златото од Пекинг затоа што четири години претходно во Атина беа само бронзени. Ентони има уште два златни медали од Олимписките игри: 2012 во Лондон и 2016 во Рио де Жанеиро.

Родениот во Њујорк, ја започна својата кариера во НБА во 2003 година. Прво играше за Денвер Нагетс осум сезони, а потоа од 2011 до 2017 година за Њујорк Никс. Играше и за Оклахома Сити, Хјустон, Портланд, а ја заврши својата НБА кариера со ЛА Лејкерс во 2022 година.

Тој беше избран во Ол-стар тимот десет пати, но никогаш не ја освои титулата шампион на НБА. Во текот на целата негова НБА кариера, тој имаше просек од 22,5 поени и 6,2 скока по натпревар.


Финска го исфрли главниот фаворит, Србија не го мина осминафиналето на ЕП

Кошаркарската репрезентација на Србија важеше за прв фаворит за златото, но ги заврши настапите на Евробаскетот уште во осминафиналето, со сензационален пораз од селекцијата на Финска со 86-92. која е една од домаќините на настанот.

Најефикасен кај Србија беше Никола Јокиќ со 30 поени и 8 скокови, а Никола Јовиќ додаде 18 поени.

За Финска, Лаури Марканен забележа 26 поени и 7 скокови, Јантунен уфрли 15, Литл 13 со 8 скокови и 6 асистенции, а Валтонен постигна 13 поени.


Спанулис го донесе Недовиќ во Монако

Немања Недовиќ е нов кошаркар на Монако. Неодамнешниот играч на Црвена звезда потпиша договор со клубот од малото кенжевство, кој минатата сезона играше во финалето и загуби од Фенербахче.

Недовиќ имаше договор со Црвена звезда на крајот од минатата сезона за продолжување на соработката, меѓутоа, клубот се премисли и ја прекинаа соработката. Поради оваа причина, Недовиќ потпиша за Монако и ќе биде таму следната година.

Недовиќ ја започна својата професионална кариера во Црвена звезда, подоцна играше во Валенсија, Уникаха, Панатинаикос и во НБА за Голден стејт Вориорс. Се врати во редовите на црвено-белите во 2022 година и беше член до ова лето.


Скариоло заминува од шпанската клупа по децениски успеси и медали

Европскиот првак Шпанија доживеа дебакл на Евробаскетот 2025 откако по првата фаза го заврши натпреварувањето.

На крајот според рангирањето на ФИБА Шпанија заврши на 17. то место.

Поразот од Грција во последното коло од групата значеше крај на една ера, крај за селекторот на „црвената фурија“ Серџо Сакриоло. Тоа беше тренер кој со децении беше синоним за успех на шпанската кошарка. Заминувањето на успешниот селектор беше планиран и порано, но дојде по еден дебакл на ова првенство.

Сепак неговиот учинок тешко дека ќе биде надминат – осум медали на големите натпреварувања и тренер, кој направи спој на искусни и млади играчи. Сега сите очи се свртени кон Пабло Ласо, кој е фаворит за наследник на Скариоло.
Скариоло во новата сезона ќе го предводи Реал Мадрид.


Кевин Брејси Дејвис потпиша за Пелистер

Пелистер промовира уште едно странско засилување, а тоа ќе биде Кевин Брејси Дејвис.

Американскиот ас доаѓа од Израел каде што настапуваше второлигашот Хапоел Израел. Во Националната лига тој бележеше просек од 18,3 поени, 4,8 скока и 2,3 асистенции по натпревар.

Брејси Дејвис смени доста клубови, играше во Чиле, Шпанија, Грција, Финска, Германија, Франција, Катар, Канада, Австрија и Косово.

Во редовите на Пелистер ова е трето странско засилување за новата сезона, откако претходно пристигнаа Никола Малешевиќ и Остин Прајс, а клубот потпиша и со македонскиот репрезентативец Андреј Митревски.


Турција ја совлада Србија и го осигура првото место во групата

Српската кошаркарска репрезентација го претрпе првиот пораз во групната фаза на Евробаскетот, Турција беше подобра и славеше со 95-90, со што го освои првото место во групата А.

Натпреварот беше вистинско уживање за љубителите на кошарката, со спектакуларен дуел помеѓу Никола Јокиќ и Алперен Шенгун кој практично го диктираше темпото на двата тима.

Од првите минути, средбата беше неизвесна. Селекторите Ергин Атаман и Светислав Пешиќ не калкулираа, а нивните тимови постојано се менуваа во водство.

Србија започна добро, но Турција набрзо го презеде водствотт. Во текот на сите 40 минути резултатот беше речиси изедначен, а решавачкиот момент се случи на крајот кога Никола Јовиќ промаши зицерот за +6, а Марко Гудуриќ ја загуби топката во критична ситуација.

Проблем за Србија е повредата на Алекса Аврамовиќ, кој го напупти теренот во финишот на првото полувреме и не се врати на теренот. Турција ја топрпедира Србија со 18 тројки од 31 шут.

Никола Јокиќ беше најефикасниот играч во Србија со 22 поени, девет скока и четири асистенции. Марко Гудуриќ додаде 12 поени, додека Филип Петрушев постигна 11 поени.

Алперен Шенгун го предводеше турскиот тим со 28 поени, 13 скока и осум асистенции, додека Шејн Ларкин постигна 23 поени и девет асистенции, а Чеди Осман уфрли 16 поени.

Во осминафиналето Турска ќе игра против Шведска, а Србија против Финска.


Германскиот селектор отпуштен од болница

Селекторот на Германија, Алекс Мумбру, е отпуштен од болница и ќе ја продолжи својата рехабилитација во хотел во Финска, што е одлична вест за кошаркарската репрезентација. Тој беше итно хоспитализиран еден ден пред почетокот на Евробаскетот, поради акутен панкреатитис.

Сепак, Германија, и покрај неговото отсуство, одигра одлично во групната фаза.

Избраниците на Алан Ибрахимагиќ, кој привремено го презеде кормилото на селекцијата, остварија четири победи и се веќе во осминафиналната фаза, која се игра во Рига.

– Мило ми е што излегов од болница. Се чувствувам подобро и добивам многу добра нега во хотелот. Задоволен сум што тимот играше добро досега и во контакт сум со тренерскиот штаб, во кој имам целосна доверба – истакна Мумбру, порачувајќи дека наскоро се враќа на клупата на Германија.


Пелистер потпиша со Андреј Митревски

Македонскиот репрезентативец Андреј Митревски е нов член на КК Пелистер. Митревски важи за еден од најперспективните домашни играчи во националното првенство.

Репрезентативниот бек своите квалитети ги покажа и во претквалификацискиот циклус за СП 2027 каде беше меѓу ретките светли точки во македонскиот национален тим, со просек 10,3 поени; 2,5 скокови и 2 асистенции по натпревар.

Митревски во досегашната кариера го носеше дресот на прволигашот Феникс, а во една сезона настапуваше и како „позајмен“ во ТФТ во Првата лига.

За услугите на овој кошаркар, имаше и интерес од неколку клубови од американската НЦАА-лига.