кошарка

Кер ги одбра американските адути за Мундобаскетот

Познат е конечниот состав на кошаркарската репрезентација на Соединетите Американски Држави на претстојното Светско првенство што ќе се игра во Јапонија, Филипини и Индонезија.

Џош Харт ја прифати поканата да биде дел од тимот, со што се познати сите 12 играчи кои ќе ги бранат боите на американската репрезентација на Мундобаскетот.

Комплетираниот ростер го сочинуваат: Тајрис Халибартон, Џејлен Брaнсон, Остин Ривс, Ентони Едвардс, Џош Харт, Микел Бриџис, Кам Џонсон, Брендон Инграм, Паоло Банкеро, Џарен Џексон Јуниор, Боби Портис и Вокер Кеслер.

САД ќе играат во групата Ц заедно со Јордан, Грција и Нов Зеланд.


Јапонија без најголемата ѕвезда на Мундобаскетот

Еден од домаќините на претстојниот Мундобаскет, Јапонија, остана без својата најголема кошаркарска ѕвезда – Руи Хачимура, кој го откажа настапот на шампионатот.

Хачимура сака да се посвети на кариерата во НБА, откако ова лето стана ограничен слободен агент.

„Тоа беше тешка одлука, но по минатата сезона и долгиот плеј-оф, решив да дадам приоритет на мојата идна кариера во НБА и да се подготвам за првпат како слободен агент. Ќе се фокусирам на тренинзите и ќе го подготвам телото за следната сезона“, изјави Хачимура.

Мундобаскетот е закажан од 25 август до 10 септември, а Јапонија е во група со Германија, Финска и Австралија.


Вембањама нема да игра на Мундобаскетот во август и септември

Првиот пик на годинешниот НБА драфт, Виктор Вембањама, ќе го пропушти претстојниот Мундобаскет, бидејќи сака да се подготви за својата дебитантска сезона во НБА. Францускиот репрезентативец во интервју за „Л’Екип“ вели дека тешко ја донел оваа одлука, но дека во моментов тоа е разумна одлука.

Тој пред неколку дена изјави дека намерата му била да игра во Летната лига за да се подготви за Мундобаскетот, но очигледно е дека после тоа се предомислил. Светското првенство се игра од 25 август до 10 септември, а Франција е во група со Канада, Летонија и Либан. Вембањама беше драфтуван од Сан Антонио Спарс.


Бредли Бил заминува од Вашингтон

Бредли Бил, започна преговори со Вашингтон за да добие дозвола да замине во друг состав.

Тој е единствениот играч во НБА кој има анти-трејд клаузула во неговиот петгодишен договор кој го потпиша во 2022 година. Преодниот рок во САД започнува на 1 јули а за Бил наводно се заинтересирани: Филаделфија, Милвоки и Мајами.

Играчот на Вашингтон во претходната сезона поради проблеми со повредите одигра 50 средби со просек од 23,2  поени.


Финалето на АБА лигата поместено за еден ден

На состанокот на АБА лигата и кошаркарската лига на Србија било утврдено дека денеска ќе започне финалната серија во српското првенство, а финалето на регионалното натпреварувањео ќе започне ден подоцна, на 13 јуни, наместо на 12-ти, како што беше планирано.

И оваа одлука предизвика незадоволство кај еден од финалистите. Имено, спортскиот директор на КК Партизан истакна дека „црно-белите“ не прифатиле да играат според новиот календар, додека „црвено-белите“ немаат проблеми со новите термини.

АБА лигата ќе остане на ставот финалето да тргне на 13 јуни и се надева дека двата српски тима ќе ги почитуваат регулативите на натпреварувањето.


Потера меѓу најдобрите европски клубови за нашиот Димитријевиќ

Ненад Димитријевиќ зад себе има фантастична сезона во дресот на Уникс Казан и според последните информации неколку понуди веќе пристигнале на адреса на нашиот репрезентативец.

За Димитриејевиќ интерес покажале повеќе европски гиганти кои се борат за највисока пласман во Евролигата. Наводно, за услугите на Димитријевиќ се распрашувале Баерн Минхен, Басконија, Фенербахче, Партизан и Зенит.

Нено е еден од најважните играчи на Уникс кој сигурно ќе се сака да го задржи во своите редови. Токму Македонец беше најзаслужниот што Уникс ја освои титулата во ВТБ лигата, во финалната серија го доби и МВП признанието.

Во редовите на Уникс, Димитријевиќ пристигна како позајмен играч од Валенсија и тој негов потег се покажа како одличен затоа што забележа голем напредок и на овој тим му ја донесе првата титула во историјата.

На 33 натпревари Димитријевиќ во просек постигнуваше по 8.4 поени и 3.9 асистенции по натпревар.


Кампацо пред тригодишен договор со Реал

Сагата околу иднината на Факундо Кампацо доби нова епизод. Тој има устен договор со Реал Мадрид и кариерата ќе ја продолжи во редовите на актуелниот европски шампион.

Според овој извор, аргентинскиот ас договорил тригодишна соработка за вкупно девет милиони евра бруто, но кога од таа сума ќе се одбијат даноците во Шпанија и долгот што тој го има кон Реал, ќе му останат малку повеќе од еден милион нето по сезона. Тоа е драстично помала сума од онаа за која се шпекулираше дека ја има со Црвена Звезда, а која, наводно, изнесуваше 2,4 милиони евра за идната сезона.

За Кампацо останува да ја финишира сезоната со Звезда со која го чека завршницата од српското првенство и финалето од АБА лигата. Тој веќе беше член на Реал, од 2014 до 2020 година со тоа што две сезони (од 2015 до 2017 година) играше на позајмица во Мурсија.


Тринкиери по лошата сезона се збогува со Баерн

Италијанскиот стручњак Андреа Тринкиери официјално го напушти Баерн по елиминацијата во полуфиналето од домашниот плејоф од Улм што беше и кулминација на лошата сезона на баварскиот клуб.

И претходно се најавуваше дека тој си оди на крајот од натпреварувачката кампања, а тој тоа го потврди непосредно по третиот пораз од Улм со што Баерн испадна од конкуренција за титулата во Бундеслигата. Сезонава, овој клуб имаше катастрофален пласман во Евролигата (15. место од 18 екипи), а впечатокот делумно го спаси трофејот во Купот на Германија.

Тринкиери го презеде Баерн во 2020 година и успеа да освои два Купа, но не и пехар од Бундеслигата. Се шпекулира дека неговата позиција ќе ја преземе Пабло Ласо, а иако се поврзуваше со неколку европски гиганти, се уште не е познато каде Италијанецот ќе ја продолжи кариерата.


Димитријевиќ раскина со шпанска Валенсија

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ и официјално раскина со Валенсија. Шпанскиот клуб денеска потврди дека меѓусебно е прекината соработката која требаше да продолжи и во следните две години. 

Димитријевиќ потпиша за Валенсија во летото 2021 година од Хувентут Бадалона и во сезоната 2021/22 одигра 33 натпревари со дресот на Валенсија со просек од 8,4 поени, 1,5 скок и 3,9 асистенции.

Минатава сезона тој беше позајмен во руски Уникс Казан каде успеа да дојде до титулата. 


Бон на Ти Џеј Шортс ќе игра финале на Бундеслигата

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс повторно беше најефикасен во тимот на Телеком Бон и најзаслужен што оваа екипа обезбеди пласман во финалето од германскиот плејоф.

Освојувачот на трофејот во Кошаркарската Лига на Шампиони го совлада Лудвигсбург со 3-0, а во третиот меч од серијата, како гостин, славеше со 82-73. Со тоа ја продолжи победничката серија во домашното првенство која трае од 15 јануари кога Телеком Бон го претрпе последниот пораз.

Шортс на теренот помина безмалку 29 минути и за тој период постигна 20 поени, 4 асистенции и 3 скока. Во финалето Телеком Бон ќе игра против уште едно големо изненадување – Улм кој на патот до завршната серија ги елиминира Алба и Баерн. Како лидер по основниот дел од сезоната, Телеком Бон ќе ја има предноста на домашниот терен, а првиот натпревар се игра на 9 јуни.