кошарка

Дончиќ: Во Европа за мене постои само Реал Мадрид

Реал Мадрид вчера славеше во пријателски меч против Далас маверикс со 127-123, а Лука Дончиќ одигра само пет минути. Дончиќ доби мала минутажа со цел да не заработи повреда на теренот, а по мечот кажа дека бил среќен што се вратил во Мадрид.

„Сакав да го играм целиот меч, но по повредата на тренингот сметаа дека тоа не е добро за мене. Во секој случај ова беше возбудлив ден. Не би бил тука каде што сум ако не беше Реал Мадрид. Тука научив сè. Имам убави спомени и ако еден ден се вратам во Европа, тогаш тоа ќе биде во Реал Мадрид“, изјави Дончиќ.


Макаби како домаќин ќе игра во Кипар додека трае воениот конфликт

Израелскиот кошаркарски клуб Макаби најави дека во текот на денот ќе ги евакуира сите странски кошаркари на Кипар, а вечерва или утре ќе им се придружи и остатокот од тимот и стручниот штаб.

Челниците на Макаби се решија на овој чекор за безбедноста на тимот, бидејќи од саботата во Израел трае конфликтот со палестинската милитантна група Хамас.

Евролигата вчера соопшти дека е одложен натпреварот Олимпија – Макаби кој беше планиран за оваа недела. Вчера, Макаби доби официјална понуда од претседателот на Партизан од Белград, Остоја Мијаиловиќ , тимот да остане и да игра во Белград додека трае војната, но челниците на гордоста на Израел се одлучија за Кипар.


Дончиќ нема дилеми кој е најдобриот кошаркар на сите времиња

Лука Дончиќ се подготвува за новата сезона во НБА лигата каде одново ќе биде лидер на Далас Маверикс, поточно најголемиот товар одново ќе биде врз него во обидот клубот од Тексас да направи значаен резултат.

Во тек се контролните натпревари, играчите имаат и соочувања со медиумите, а при едно од нив Словенецот доби занимливо прашање, прашање кое постојано е актуелно, а тоа е кој е најдобриот кошаркар на сите времиња.

Лука кратко размисли и го издвои името на Мајкл Џордан што за дел од јавноста е изненадување затоа што сметаа дека може ќе се реши за некој од оваа генерација, пред се Леброн Џејмс со кого има добар однос.


Азискиот Мундобаскет ги собори сите рекорди на посета и гледаност

Кон крајот на август и почетокот на септември беше одржано Светското првенство на Далечниот исток, а ФИБА денеска се пофали со исклучително висока популарност на оваа манифестација. Иако на Мундијалот не настапија голем број светскин суперѕвезди, пред се оние од НБА лигата, како и Никола Јокиќ и Јанис Адетокунбо, бројките кои се забележани на него се фантастични. „Престижниот турнир одржан во Јапонија, Индонезија и Филипини достигна неверојатно ниво на внимание кога се во прашање посетите на натпреварите, ама и читаност и гледаност на традиционалните и дигиталните медиуми“, стои во официјалното соопштение на ФИБА. 

Објавите поврзани со Светското првенство предизвикале над 20 милијарди интеракции на социјалните мрежи што е тројно повеќе во однос на првенството во Кина пред четири години. Директни преноси се емитувале во 190 држави низ светот, а гледаноста била за 15% повисока отколку на претходниот шампионат. Што се однесува до посетеноста на натпреварите, вкупно присиствувале над 700 илјади гледачи, а соборен беше и рекордот на посетители на еден меч – 38.115 на отворањето во Манила.


Ѕвездите потврдија: Кари, Букер и Дурант доаѓаат во Париз

На десет месеци пред почетокот на Олимписките игри, Американците веќе почнаа да се екипираат во обид да ја спасат својата чест и честа на репрезентацијата. Веднаш по Светското првенство беше објавено дека главен иницијатор за создавање нов дрим-тим е Леброн Џејмс, а еден по еден, големите ѕвезди почнаа да го потврдуваат својот настап. 

Денес тоа го направија Кевин Дурант и Девин Букер, на почетокот на тренинг кампот на Феникс Санс, како и Стеф Кари кој би сакал да се врати во репрезентацијата. Поширокиот список на кошаркари на кои ќе може да смета селекторот Стив Кер ќе биде познат пред крајот на годинава, а веројатно по завршувањето на сезоната во НБА ќе бидат познати финалните 12 кои ќе ги бранат боите на САД во Париз.


Спанулис е нов селектор на грчката репрезентација

Поранешниот ас на кошаркарските клубови Панатинаикос и Олимпијакос, Василис Спанулис е нов селектор на грчката кошаркарска репрезентација.

За ова се шпекулираше и претходните денови, а Спанулис потпиша двегодишна соработка со локалната федерација.

На таа позиција тој ќе го замени Димитрис Итудис, кој поднесе оставка по неуспехот на репрезентацијата на неодамнешното Светско првенство.

За Спанулис селекторската функција ќе биде само втора самостојна работа во тренерската кариера, во која досега беше тренер и на Перистери – и тоа само една година.


Реал го доби првото „Ел Класико“ во новата сезона на АЦБ лигата

Откако пред две недели ја победи во Суперкупот на Шпанија, Реал Мадрид денеска беше подобар од од Барселона и во третото коло од домашното првенство.

Вицешампионот настапи значително ослабен на овој натпревар, но и покрај тоа славеше со 86-79 и остана со максимален ефект на почетокот од новата сезона во АЦБ лигата. Одговорноста кај Реал ја презеде Венсан Поарие кој постигна 22 поена, но и 16-годишниот Исмаил Диањ кој доби место во почетната петорка и додека беше на теренот, Реал водеше со 11-2. На крајот, тинејџерот постигна 9 поени и 8 скока од кои 6 офанзивни, во дуелите со Јан Весели и Вили Хернангомес. Мора да се истакне и Факундо Кампацо кој одлично ја организира играта на Реал, а постигна и 17 поени.

Хернангомес повторно беше тотално неутрализиран, како во мечот од Суперкупот. Вечерва постигна само четири поени и два скока за 11 минути во игра и уште еднаш отвори сомнеж дали може да биде вистинско засилување за Барселона и да го замени Никола Миротиќ кој си замина во текот на летото. Дарио Брисуела со 14 поени беше најефикасен кај Барса.


Легенарниот Гечевски нов спортски директор на Работнички

Тодор Гечевски и официјално е новиот спортски директор на КК Работнички објави денеска градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. На прес конференцијата Герасимовски истакна дека со новото раководство очекува победа на квалификацискиот турнир за ФИБА Евро купот во Скопје кое ќе трае од 2 до 5 октомври.

„По неколкугодишна пауза, тимот од Центар сезонава повторно ќе игра во квалификациите за ФИБА Евро куп но со ново засилување. Тодор Гечевски се враќа во тимот каде што ја заврши својата кариера но како нов спортски директор на КК Работнички. Ова засилување на тимот верувам дека ќе донесе нова свежина и победа и на домашната и меѓународна сцена. Верувам дека на целата спортска јавност и недостасуваа моментите на навивање, бодрење и целата таа возбуда и желба за победа. Се надевам дека Црвено-белите повторно ќе го вратат некогашниот сјај и ќе се вратат на победничките патеки“, изјави Герасимовски.


Големата Цибона објави банкрот

Најтрофејниот кошаркарски клуб во Хрватска, Цибона и официјално и банкротираше.

Клупската смета на Цибона е блокирана повеќе од 12 дена, па сега мораше да биде прогласен стечај. Неодамна клубот објави дека е започнат процес на трансформација во спортско акционерско друштво во кое долговите би се трансформирале во акции.

Сега „волците“ имаат 45 дена да ги убедат институциите како ќе се извлечат од оваа тешка.

Покрај финансиската ситуација, Цибона не изгледа добро ниту во играчкиот кадар. Поради блокадата од ФИБА за регистрација на играчи во овој момент имаат само пет професионални кошаркари и десетина јуниори за да се задоволат барањата за старт во АБА-лигата.


Лесор сака дуел ПАО – Партизан на Ф4 во Берлин

Матијас Лесор кој пред неколку месеци го напушти тимот на Партизан и реши кариерата да ја продолжи во грчки Панатинаикос, за оваа сезона во Евролигата, има една посебна желба.

Според него, би бил среќен доколку се сретне на мегдан против Партизан во „фајнал-фор“ турнирот годинава, бидејки самиот Лесор смета дека има фантастичен однос со навивачката група „Гробари“ и дека тие ќе го скандираат неговото име.

„Имав неверојатна поврзаност со навивачите на Партизан, имавме одлична сезона, но на почетокот од претходната сезона, не верував дека ќе имаме така добра сезона“.

Лесор во Панатинаикос соблекувалната ќе ја дели со еден негов колега од Партизан, бидејки како што е познато и Јоанис Папапетру ова лето го напушти Партизан и се пресели кај „детелинките“ во Атина.

„Го познавам добро и среќен сум што ќе играме повторно заедно. Минатата година многу се зближивме и ќе бидеме уште поблиски. Уште сум во контакт со кошаркарите на Партизан. Сезонава мислам дека приоритетот ни е ист како и на Партизан, да стигнеме до Ф4, се надевам дека ќе се сретнеме со Партизан во таа фаза“, порача францускиот центар.