кошарка

Ултиматум за Јасикевичуис: Или евроилигашка титула, или отказ

Барселона му поставил ултиматум на тренерот на тимот, Шарунас Јасикевичиус. Според медиумите, Литванецот ќе ја предводи Барселона и наредната сезона само доколку ја освои титулата во Евролигата.

Барселона моментално е трета во континенталното натпреварување, има одличен тим, кој цела сезона игра по системот „топло-ладно“.

Тоа го покажува и неодамна завршениот Куп на кралот, каде Барселона во четврт-финалето беше елиминирана Уникаха.

Сега им останува битката за домашното првенство и Евролигата, а доколку не ја освојат втората, Јасикевичиус би можел да биде заменет со Серхио Скариоло, кој исто така е на листата на желби на Реал Мадрид.


Весбрук си го откупи договорот за да премине во Клиперси

Расел Вестбрук планира да потпише договор со Лос Анџелес клиперс, објави познатиот новинар на „ЕСПН“, Адријан Војнаровски.

Јута Џез го доби Вестбрук од Лос Анџелес Лејкерс при трејдот, но искусниот кошаркар ќе го откупи договорот и ќе се пресели во Клиперс.

Вестбрук оваа сезона во просек постигнуваше по 15,9 поени, 7,5 асистенции за 28,7 минути поминати на паркетот, но тоа не беше доволно за Лејкерс.

Пред да се приклучи на Лејкерс, Вестбрук играше за Оклахома сити, Хјустон и Вашингтон.


МекМилан доби отказ од кормилото на Атланта

Нејт МекМилан нема повеќе да го предводи составот на Атланта Хокс, објави тимот од Џорџија.

Поранешниот клуб на Перо Антиќ реши да ја искористи оваа мала пауза во НБА лигата, односно да преземе конретен чекор и се раздели со тренерот кој ја извршуваше оваа функција од 2020 година. „Јастребите“ во актуелнава кампања имаат учинок 29-30 (победи/порази) и се осми на Истокот што дефинитивно не е резултат кој ги задоволува главните луѓе во Атланта поради што е отпуштен 58-годишниот Мекмилан.

„Одлуките како овие, особено во текот на сезоната, секогаш се исклучително тешки, но веруваме дека е во најдобар интерес на нашиот тим да оди напред со друг глас што ќе го води патот,“, порача генералниот менаџер Лендри Филдс.

Привремено решение ќе биде Џо Прунти. Според „ЕСПН“ новиот тренер на Атланта ќе се бара меѓу Квин Снајдер, Кени Еткинсон и Чарлс Ли.


Адетекумбо го чека подолга пауза, повредата не е наивна

Јанис Адетекумбо кој се повреди на мечот со Чикаго ќе мора да оди на дополнителни лекарски прегледи.

Кошаркарот на Милвоки кој настапи само 20 секунди на „Ол-стар“ мечот изјави, дека имал желба да игра подолго но, болката во десниот зглоб била преголема.

Тој во сезонава има одиграно 47 мечеви со просек од  31,8 кошеви, 12,2 скокови и 5,4 асистенции.


Синот на Предраг Стојаковиќ ќе настапува за грчката репрезентација

Андреј Стојаковиќ, синот на легендарниот Предраг Стојаковиќ, ќе учествува на „Ол-Американ“ натпревар, а претходно изјави дека ќе ги претставува Грција и Сакраменто.

Оваа изјава нема да ѝ се допадне на српската јавност бидејќи Стојаковиќ очигледно не планира да игра за државата на неговиот татко, туку ќе го облече дресот на нашиот јужен сосед од каде што потекнува мајка му.

„Возбуден сум што ќе ги претставувам Сакраменто и Грција“, порача младиот Стојаковиќ.

Андреј е роден во Солун, Грција, а порасна во Америка. Тој е висок 201 сантиметар и може да игра на позициите бек и крило.


Адетокумбо неизвесен за претстојниот Ол-стар викенд

Кошаркарите на Милвоки Бакс забележаа победа над Чикаго со резултат 112:100 и така ја запишаа својата 12 последователна победа во НБА лигата.

Сенка на оваа победа за Милвоки фрли повредата на најдобриот кошаркар во тимот, Јанис Адетокумбо.

Гркот имаше превиткување на зглобот од десната рака кога на почетокот од втората четвртина падна под кошот во дуел со противнички играч. Според првичните информации на таборот на Милвоки, Адетокумбо заработил полесна повреда, но тренерот на тимот не е сигурен дека играчот ќе биде подготвен за настап на Ол-стар викендот.

Милвоки е петтиот тим во историјата на НБА лигата кој пред паузата за Ол-стар има остварено 12 победи по ред.


Јокиќ повторно руши НБА рекорди

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ повторно руши НБА рекорди во дресот на Денвер Нагетс. Неговиот тим забележа победа над Далас Маверикс, а Јокиќ на натпреварот го постигна својот 21 трипл дабл со учинок од 14 поени, 13 скока и 10 асистенции.

На овај начин Јокиќ пред паузата за НБА Ол-стар натпреварот, оствари преку 500 скокови и асистенции во една сезона, нешто кое пред него го имаат остварено само Расел Вестбрук во 2016/17, 2017/18 и 2018/19, и Оскар Роберстон во сезоната 1961/62.


Дрес на Коби Брајант продаден за огромни 5.8 милиони долари

Дрес кој му припаѓаше на кошаркарската суперѕвезда Коби Брајант, со потпис од починатиот играч, на аукција е продаден за огромни 5.8 милиони американски долари.

Аукциската куќа која ја организираше продажбата, нагласува дека Брајант дресот со број 24 го носел во сезоната 2007/08, кога тој беше МВП на НБА лигата.

Ова е рекордна продажба на аукциски меморабилии кои му припаѓале на поранешниот играч на ЛА Лејкерс. Претходно, во 2021 година негов дрес со потпис кој кошаркарот го носел во сезоната 1996/97, беше продаден за 3.7 милиони долари.


Леброн Џејмс е најдобар стрелец во историјата на НБА

Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс, стана најефикасниот играч во историјата на НБА лигата.

Леброн на натпреварот против Оклахома Сити Тандерс, стигна до 38.390 поени во кариерата, со што го надмина рекордот на Карим Абдул-Џабар од 38.387 поени, кој долги години се сметаше дека за недостижен.

На Леброн Џејмс за соборување на рекордот му беа потребни 1367 натпревари, и 19 години играјќи во Кливленд Кавалирс, Мајами Хит и ЛА Лејкерс.


Џејсон Кид: Со Кајри ќе бидеме конкуренти за титулата

Тренерот на Далас Маверикс, Џејсон Кид, излезе со оценка дека неговата екипа со доаѓањето на Кајри Ирвинг може да се бори за титула во НБА лигата.

Според договорот помеѓу Далас и Бруклин, Ирвинг заедно со Маркиф Морис ќе го носат дресот на Маверикс, додека Доријан Фини-Смит и Спенсер Динвиди ќе се преселат во Нетс.

„Мислиме дека неговиот талент и способности ќе не направат подобри. Доаѓањето на Ирвинг ќе ни помогне да дојдеме во позиција за освојување на титулата. Неговото поврзување со Лука Дончиќ ќе биде исклучително важно за екипата“, изјавува Кид.

Кајри Ирвинг во 2016.година успеа да ја освои НБА титулата настапувајќи во дресот на Кливленд, а кошаркарот е и осумкратен учесник на Ол-стар натпреварите. Тој на почетокот од минатата недела самиот побара да биде трејдуван откако не договори продолжување на соработката со раководството на Нетс.