кошарка

Бредли Бил заминува од Вашингтон

Бредли Бил, започна преговори со Вашингтон за да добие дозвола да замине во друг состав.

Тој е единствениот играч во НБА кој има анти-трејд клаузула во неговиот петгодишен договор кој го потпиша во 2022 година. Преодниот рок во САД започнува на 1 јули а за Бил наводно се заинтересирани: Филаделфија, Милвоки и Мајами.

Играчот на Вашингтон во претходната сезона поради проблеми со повредите одигра 50 средби со просек од 23,2  поени.


Финалето на АБА лигата поместено за еден ден

На состанокот на АБА лигата и кошаркарската лига на Србија било утврдено дека денеска ќе започне финалната серија во српското првенство, а финалето на регионалното натпреварувањео ќе започне ден подоцна, на 13 јуни, наместо на 12-ти, како што беше планирано.

И оваа одлука предизвика незадоволство кај еден од финалистите. Имено, спортскиот директор на КК Партизан истакна дека „црно-белите“ не прифатиле да играат според новиот календар, додека „црвено-белите“ немаат проблеми со новите термини.

АБА лигата ќе остане на ставот финалето да тргне на 13 јуни и се надева дека двата српски тима ќе ги почитуваат регулативите на натпреварувањето.


Потера меѓу најдобрите европски клубови за нашиот Димитријевиќ

Ненад Димитријевиќ зад себе има фантастична сезона во дресот на Уникс Казан и според последните информации неколку понуди веќе пристигнале на адреса на нашиот репрезентативец.

За Димитриејевиќ интерес покажале повеќе европски гиганти кои се борат за највисока пласман во Евролигата. Наводно, за услугите на Димитријевиќ се распрашувале Баерн Минхен, Басконија, Фенербахче, Партизан и Зенит.

Нено е еден од најважните играчи на Уникс кој сигурно ќе се сака да го задржи во своите редови. Токму Македонец беше најзаслужниот што Уникс ја освои титулата во ВТБ лигата, во финалната серија го доби и МВП признанието.

Во редовите на Уникс, Димитријевиќ пристигна како позајмен играч од Валенсија и тој негов потег се покажа како одличен затоа што забележа голем напредок и на овој тим му ја донесе првата титула во историјата.

На 33 натпревари Димитријевиќ во просек постигнуваше по 8.4 поени и 3.9 асистенции по натпревар.


Кампацо пред тригодишен договор со Реал

Сагата околу иднината на Факундо Кампацо доби нова епизод. Тој има устен договор со Реал Мадрид и кариерата ќе ја продолжи во редовите на актуелниот европски шампион.

Според овој извор, аргентинскиот ас договорил тригодишна соработка за вкупно девет милиони евра бруто, но кога од таа сума ќе се одбијат даноците во Шпанија и долгот што тој го има кон Реал, ќе му останат малку повеќе од еден милион нето по сезона. Тоа е драстично помала сума од онаа за која се шпекулираше дека ја има со Црвена Звезда, а која, наводно, изнесуваше 2,4 милиони евра за идната сезона.

За Кампацо останува да ја финишира сезоната со Звезда со која го чека завршницата од српското првенство и финалето од АБА лигата. Тој веќе беше член на Реал, од 2014 до 2020 година со тоа што две сезони (од 2015 до 2017 година) играше на позајмица во Мурсија.


Тринкиери по лошата сезона се збогува со Баерн

Италијанскиот стручњак Андреа Тринкиери официјално го напушти Баерн по елиминацијата во полуфиналето од домашниот плејоф од Улм што беше и кулминација на лошата сезона на баварскиот клуб.

И претходно се најавуваше дека тој си оди на крајот од натпреварувачката кампања, а тој тоа го потврди непосредно по третиот пораз од Улм со што Баерн испадна од конкуренција за титулата во Бундеслигата. Сезонава, овој клуб имаше катастрофален пласман во Евролигата (15. место од 18 екипи), а впечатокот делумно го спаси трофејот во Купот на Германија.

Тринкиери го презеде Баерн во 2020 година и успеа да освои два Купа, но не и пехар од Бундеслигата. Се шпекулира дека неговата позиција ќе ја преземе Пабло Ласо, а иако се поврзуваше со неколку европски гиганти, се уште не е познато каде Италијанецот ќе ја продолжи кариерата.


Димитријевиќ раскина со шпанска Валенсија

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ и официјално раскина со Валенсија. Шпанскиот клуб денеска потврди дека меѓусебно е прекината соработката која требаше да продолжи и во следните две години. 

Димитријевиќ потпиша за Валенсија во летото 2021 година од Хувентут Бадалона и во сезоната 2021/22 одигра 33 натпревари со дресот на Валенсија со просек од 8,4 поени, 1,5 скок и 3,9 асистенции.

Минатава сезона тој беше позајмен во руски Уникс Казан каде успеа да дојде до титулата. 


Бон на Ти Џеј Шортс ќе игра финале на Бундеслигата

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс повторно беше најефикасен во тимот на Телеком Бон и најзаслужен што оваа екипа обезбеди пласман во финалето од германскиот плејоф.

Освојувачот на трофејот во Кошаркарската Лига на Шампиони го совлада Лудвигсбург со 3-0, а во третиот меч од серијата, како гостин, славеше со 82-73. Со тоа ја продолжи победничката серија во домашното првенство која трае од 15 јануари кога Телеком Бон го претрпе последниот пораз.

Шортс на теренот помина безмалку 29 минути и за тој период постигна 20 поени, 4 асистенции и 3 скока. Во финалето Телеком Бон ќе игра против уште едно големо изненадување – Улм кој на патот до завршната серија ги елиминира Алба и Баерн. Како лидер по основниот дел од сезоната, Телеком Бон ќе ја има предноста на домашниот терен, а првиот натпревар се игра на 9 јуни.


Леброн најави предвремена одлука за пензија

Суперѕвездата на НБА лигата, Леброн Џејмс ќе размисли дали да и стави крај на својата играчка кариера по синоќешната елиминација од Денвер во финалето на плеј-офот на Западот со максимални 4:0.

Според извори на доброупатените „Bleacher Report“ и “TNT“, 38-годишниот кошаркар ќе има „многу да размислува“ пред да ја донесе конечната одлука.

Леброн има уште две години од 97-милионскиот договор со ЛА Лејкерс, со опција за последна сезона. Тој влезе во својата 20-та сезона во НБА лигата и прашање е дали ќе ја почне и 21-вата на есен.

„Имам многу за размислување… Кога станува збор за мене лично и за мојата иднина во кошарката, исто така треба добро да размислам“, рекол Леброн.


Главните ѕвезди заминуваат од Филаделфија

Филаделфија поминува низ бурен период по елиминацијната во полуфиналето на Истокот каде што Бостон беше подобар.

Со поразот во серијата беше завршена и уште една етапа без конференциско финале, иако амбициите беа и поголеми. Цената веднаш ја плати тренерот Док Риверс кој доби отказ по седмиот натпревар. За него тоа беше 10-ти пораз во седми натпревар во една плеј-оф серија и постави негативен рекорд во НБА.

Следен кој е најблиску до заминување е Џејмс Харден. Харден во последните денови се поврзува со враќање во Хјустон. Се пишуваше дека Хјустон пред именувањето на Удока за нов тренер му го поставиле прашањето за Харден. Мајката на Харден и понатаму живее таму и кошаркарот има деловни обврски во тој град, па и поради тоа шпекулациите се погласни. Но, тука не би бил крајот на распадот на Филаделфија, Џоел Ембид кој беше прогласен за МВП на сезоната исто така би можел да си замине. Името на Ембид се поврзува со Њујорк Никси. Сепак се напоменува дека оваа информација ја пренесе новинарот на „Њујорк Дејли Њуз“, Стефан Бонди кој не спаѓа во редот на најдоверливите кога во прашање е НБА.

Засега сигурно и потврдено е само заминувањето на Риверс, па останува да видиме што ќе се случува.


Едвардс потврди дека ќе игра за САД на Мундобаскетот

Кошаркарот на Минесота, Ентони Едвардс може да биде именуван во тимот на САД за претстојното Светско првенство во 2023 година, кое започнува кон крајот на август.

„Тој би можел да игра на Светското првенство во 2023 година за тимот на САД пред Олимпијадата во 2024 година“, објавија извори од клубот.

САД на Мундобаскетот се дел од групата Ц. Тие ќе се соочат со Грција, Јордан и Нов Зеланд.