кошарка

Атаман го најави враќањето на Мициќ на терените

Повредата на Василије Мициќ изгледа дека не е толку сериозна и голема е веројатноста дека нема да биде подложен на операционен зафат.Мициќ ги пропушти двете последни евролигашки средби на Анадолу Ефес.

„Мициќ започна со индивидуални тренинзи, а паралелно оди и на секојдневните терапии. Ситуацијата малку се подобри последниве денови и тој ќе се приклучи на тимските тренинзи на почетокот од следната недела. Доколку тој се чувствува како што треба, секако дека ќе игра, тој секогаш има огромна желба да игра. Откако почна сам да тренира, двапати се пожали дека ја чувствува болката во коленото. Некои зборуваа и за операција, меѓутоа докторите рекоа дека во моментов не е неопходна. Се надевам дека многу бргу ќе го имаме пак во тимот, тој е одличен играч кој премногу даде за овој клуб последниве четири години“, заклучи Атаман.


Леброн Џејмс поради повреда ќе паузира неколку недели

Најдобриот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс, поради повреда на десното стапало неколку недели ќе биде надвор од теренот.

Џејмс повредата ја заработи на натпреварот со Далас кој Лејкерси го добија после резултатски пресврт. Првично се очекуваше Леброн да отсуствува само на наредниот меч за својот тим, но според информациите од медиумите во САД неговата повреда е посериозна и ќе мора да паузира неколку недели. Неговата повреда доаѓа во многу битен момент за екипата, која се бори за влез во плеј-офот.

38-годишниот Џејмс е најдобар стрелец на екипата од Лос Анџелес, со просек од 29,5 поени по натпревар.


Познати сите учесници на СП во кошарка во септември

По завршените квалификации, синоќа и официјално се потврдени сите учесници на следното Светско кошаркарско првенство кое ќе се одржи оваа година во периодот од 25 август до 10 септември во Јапонија, Индонезија и Филипините. На завршниот турнир ќе учествуваат 32 селекции од кои: 12 од Европа, 8 од Азија, 7 од Северна и Јужна Америка и 5 од Африка.

Европа: Грција, Латвија, Финска, Германија, Словенија, Литванија, Франција, Шпанија, Италија, Грузија, Црна Гора, Србија.

Азија: Австралија, Кина, Јапонија, Иран, Либан, Нов Зеланд, Филипини, Јордан.

Америка: Канада, САД, Доминиканска Република, Порторико, Бразил, Венецуела, Мексико.

Африка: Брегот на Слоновата Коска, Ангола, Јужен Судан, Египет, Зеленортските Острови.


Ултиматум за Јасикевичуис: Или евроилигашка титула, или отказ

Барселона му поставил ултиматум на тренерот на тимот, Шарунас Јасикевичиус. Според медиумите, Литванецот ќе ја предводи Барселона и наредната сезона само доколку ја освои титулата во Евролигата.

Барселона моментално е трета во континенталното натпреварување, има одличен тим, кој цела сезона игра по системот „топло-ладно“.

Тоа го покажува и неодамна завршениот Куп на кралот, каде Барселона во четврт-финалето беше елиминирана Уникаха.

Сега им останува битката за домашното првенство и Евролигата, а доколку не ја освојат втората, Јасикевичиус би можел да биде заменет со Серхио Скариоло, кој исто така е на листата на желби на Реал Мадрид.


Весбрук си го откупи договорот за да премине во Клиперси

Расел Вестбрук планира да потпише договор со Лос Анџелес клиперс, објави познатиот новинар на „ЕСПН“, Адријан Војнаровски.

Јута Џез го доби Вестбрук од Лос Анџелес Лејкерс при трејдот, но искусниот кошаркар ќе го откупи договорот и ќе се пресели во Клиперс.

Вестбрук оваа сезона во просек постигнуваше по 15,9 поени, 7,5 асистенции за 28,7 минути поминати на паркетот, но тоа не беше доволно за Лејкерс.

Пред да се приклучи на Лејкерс, Вестбрук играше за Оклахома сити, Хјустон и Вашингтон.


МекМилан доби отказ од кормилото на Атланта

Нејт МекМилан нема повеќе да го предводи составот на Атланта Хокс, објави тимот од Џорџија.

Поранешниот клуб на Перо Антиќ реши да ја искористи оваа мала пауза во НБА лигата, односно да преземе конретен чекор и се раздели со тренерот кој ја извршуваше оваа функција од 2020 година. „Јастребите“ во актуелнава кампања имаат учинок 29-30 (победи/порази) и се осми на Истокот што дефинитивно не е резултат кој ги задоволува главните луѓе во Атланта поради што е отпуштен 58-годишниот Мекмилан.

„Одлуките како овие, особено во текот на сезоната, секогаш се исклучително тешки, но веруваме дека е во најдобар интерес на нашиот тим да оди напред со друг глас што ќе го води патот,“, порача генералниот менаџер Лендри Филдс.

Привремено решение ќе биде Џо Прунти. Според „ЕСПН“ новиот тренер на Атланта ќе се бара меѓу Квин Снајдер, Кени Еткинсон и Чарлс Ли.


Адетекумбо го чека подолга пауза, повредата не е наивна

Јанис Адетекумбо кој се повреди на мечот со Чикаго ќе мора да оди на дополнителни лекарски прегледи.

Кошаркарот на Милвоки кој настапи само 20 секунди на „Ол-стар“ мечот изјави, дека имал желба да игра подолго но, болката во десниот зглоб била преголема.

Тој во сезонава има одиграно 47 мечеви со просек од  31,8 кошеви, 12,2 скокови и 5,4 асистенции.


Синот на Предраг Стојаковиќ ќе настапува за грчката репрезентација

Андреј Стојаковиќ, синот на легендарниот Предраг Стојаковиќ, ќе учествува на „Ол-Американ“ натпревар, а претходно изјави дека ќе ги претставува Грција и Сакраменто.

Оваа изјава нема да ѝ се допадне на српската јавност бидејќи Стојаковиќ очигледно не планира да игра за државата на неговиот татко, туку ќе го облече дресот на нашиот јужен сосед од каде што потекнува мајка му.

„Возбуден сум што ќе ги претставувам Сакраменто и Грција“, порача младиот Стојаковиќ.

Андреј е роден во Солун, Грција, а порасна во Америка. Тој е висок 201 сантиметар и може да игра на позициите бек и крило.


Адетокумбо неизвесен за претстојниот Ол-стар викенд

Кошаркарите на Милвоки Бакс забележаа победа над Чикаго со резултат 112:100 и така ја запишаа својата 12 последователна победа во НБА лигата.

Сенка на оваа победа за Милвоки фрли повредата на најдобриот кошаркар во тимот, Јанис Адетокумбо.

Гркот имаше превиткување на зглобот од десната рака кога на почетокот од втората четвртина падна под кошот во дуел со противнички играч. Според првичните информации на таборот на Милвоки, Адетокумбо заработил полесна повреда, но тренерот на тимот не е сигурен дека играчот ќе биде подготвен за настап на Ол-стар викендот.

Милвоки е петтиот тим во историјата на НБА лигата кој пред паузата за Ол-стар има остварено 12 победи по ред.


Јокиќ повторно руши НБА рекорди

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ повторно руши НБА рекорди во дресот на Денвер Нагетс. Неговиот тим забележа победа над Далас Маверикс, а Јокиќ на натпреварот го постигна својот 21 трипл дабл со учинок од 14 поени, 13 скока и 10 асистенции.

На овај начин Јокиќ пред паузата за НБА Ол-стар натпреварот, оствари преку 500 скокови и асистенции во една сезона, нешто кое пред него го имаат остварено само Расел Вестбрук во 2016/17, 2017/18 и 2018/19, и Оскар Роберстон во сезоната 1961/62.