кошарка

ДеАндре Џордан на чекор до потпис со Филаделфија

Центарот ДеАндре Џордан кој пред само неколку дена го заврши престојот во ЛА Лејкерс, ќе ја продолжи својата кариера во Филаделфија, објави инсајдерот на Атлетик, Шамс Шаранија.

Џордан за тимот од Лос Анџелес одигра 32 натпревари, со просек од 4,1 поен и 5,4 скока за 12,8 минути.

Тој веројатно ќе биде регистриран на местото на центарот Вили Коли-Стајн, кој играше за 76-те со десетдневен договор.


Јокиќ добива супермаксимален договор со Денвер Нагетс

Никола Јокиќ е на прагот да потпише супермаксимален, петгодишен договор со Денвер Нагетс, според кој треба да заработи 241 милион долари!

Оваа информација ја пренесе агентот на српскиот кошаркар, Мишко Ражнатовиќ во интервју за подкастот „Урбонас“, чиј водител е познатиот кошаркарски новинар Донарас Урбонас.

„Според нашите очекувања, договорот треба да биде потпишан на лето. Тој го заслужува максимумот“, изјави Ражнатовиќ гостувајќи во подкаст со новинар од Литванија.

Она што дополнително привлекува внимание е коментарот на Боби Маркс, специјалист за финансии во НБА лигата. Тој истакна дека договорот на Никола ќе биде најголемиот во историјата на лигата, бидејќи досегашниот рекорд го држи Јанис Адетокумбо.


Фајнал фор турнирот од Евролигата ќе се игра во Белград

Белград ќе биде домаќин на завршниот турнир на кошаркарската Евролига за 2022 година.Турнирот требаше да се одржи во германскиот Берлин, но наместо тоа беше преместен во главниот град на Србија. Дополнително се изврши и промена на датумите на одигрување. Полуфиналните натпревари ќе се играат на 19. мај, а натпреварот за третото место и финалето се закажани за 21 мај.

Раководството на Евролигата се согласи да го премести турнирот од Берлин поради анти ковид мерките и здравствените правила кои се на сила во главниот град на Германија. Овој потег ќе им овозможи на повеќе навивачи да ги следат натпреварите во живо.

Белград беше домаќин на фајнал фор турнирот и во 2018 година, кога победник беше екипата на Реал Мадрид.


Калатес стана најдобар асистент во историјата на Евролигата

Играчот на Барселона, Ник Калатес, официјално е најдобриот асистент во историјата на кошаркарската Евролигата.

Калатес во победата на неговата Барселона над Монако, забележа шест асистенции  и сега има вкупно 1612 со што го надмина својот сонародник Василис Спанулис кој во евролигашката кариера успеа да оствари 1606 асистенции.

Грчкиот кошаркар после средбата ијави дека е благодарен на своите тренери и соиграчи, без кои немаше да го постигне овој историски резултат.


Евролигата ги исклучи руските клубови од натпреварувањето

Извршниот комитет на кошаркарската Евролига на вонреден состанок одлучи да ги исклучи руските тимови. Одлуката е поврзана со војната што Русија ја започна против Украина.

Од учество во Евролигата исклучени се екипите на ЦСКА Москва, УНИКС Казан и Зенит Санкт Петерсбург.

 Екипата на Локомотив Кубан од Краснодар е исклучена од учество во Еврокупот.

Од извршниот комитет на лигата информираат дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата и најверојатно ќе ги поништат резултатите од натпреварите во кои учествуваа руските тимови.


Александар Петровиќ по една деценија се врати на клупата на МЗТ Скопје

Откако пред неколку дена ја раскинаа соработката со тренерот Дарко Радуловиќ, од екипата на МЗТ СКопје Аеродром денес го објавија името на новиот тренер кој ќе го предводи тимот во наредниот период.

„Еден од најпрепознатливите тренери поврзани со МЗТ Скопје Аеродром во првата деценија од 21. век, Александар Петровиќ, се враќа на клупата на нашиот клуб, откако од денеска и официјално е нов предводник на плаво-белата чета.

Тој доаѓа на местото на Дарко Радуловиќ, со кого беше прекината соработката по неуспехот во финалето од Купот на Македонија пред една недела. За Петровиќ ова ќе биде трето преземање на нашиот клуб, со оглед што претходно седеше на клупата на актуелниот шампион во периодот помеѓу 2001 и 2007 односно 2009 и 2011 година. Има работено уште и во Пелистер, Карпош Соколи и Куманово, а во „Јане Сандански“ се враќа од местото шеф на стручниот штаб на Академија ФМП, каде што работеше изминативе две сезони.

Петровиќ е и поранешен селектор на јуниорската репрезентација на Македонија и секако еден од тие кои беа со МЗТ Скопје во најтешкиот период на клубот, а без кои немаше да следува ниту деценијата со осум освоени титули (една сезона немаше шампион)“ се вели во информацијата објавена на веб-страната на МЗТ Скопје Аеродром.


Нов малер за Дејвис, ѕвездата на Лејкерси еден месец надвор од терените

Една од првите ѕвезди на ЛА Лејкерс, Ентони Дејвис, најверојатно ќе пропушти уште 4-5 недели поради истегнувањето на десниот зглоб.

По петочниот пораз од ЛА Клиперс, Лејкерси имаат скор од 27 победи и  32 порази и се најдоа на 9-тото место во Западната конференција.

Дејвис се повреди во првото полувреме на мечот со Јута минатата среда.


Руските клубови ќе бидат домаќини во Евролигата на неутрален терен

Руските евролигашки клубови ќе продолжат да играат во натпреварувањето, но на неутрални терени, беше објавено во петокот. Евролигата во петокот одржа состанок на кој разговараше за кризната ситуација во Украина со рускиот напад врз таа земја.

Се сретнаа претставниците на 18 клубови и првата точка на одлуката е натпреварите да се играат надвор од Русија.

„Евролигата ќе ги анализира алтернативите за спроведување на одлуките и ќе му даде одобрение на Извршниот одбор на акционери за одобрување, заштита на интегритетот на натпреварувањето, заштита на правото на клубовите да се натпреваруваат на теренот и да го изолираат спортот од политичко дејствување. Сето ова е во согласност со највисокиот приоритет на Евролигата, а тоа е заштита на играчите, тренерите, навивачите и персонал, без никаков ризик“, се наведува во соопштението на Евролигата.

Од натпреварувањето порачаа дека ќе ја следат состојбата и прописите што ги донесуваат поединечни земји.

Дополнително, Евролигата го осуди секој чин на војна, вклучително и оној што се случува во Украина. Генералниот директор на Жалгирис, Паулиус Мотијунас предложи бојкот на сите руски клубови, но не доби поддршка од другите.


Руските екипи своите натпревари во Евролигата ќе ги играат на неутрален терен

18-те клубови членки на кошаркарската Евролига се обединија во мерките по руската инвазија на Украина. Челниците на екипите во најсилното европско клубско натпреварување решија да им ги одземат домаќинствата до крајот на сезоната на трите руски екипи – ЦСКА Москва, Зенит Санкт Петерсбург и УНИКС Казан. 

Натпреварите на овие екипи кои требаше да се одржат во Русија, во наредните недели ќе се играат на неутрален терен. 

Дополнително, одлучено е да се одложи и натпреварот помеѓу ЦСКА Москва и Барселона, кој требаше да се одигра оваа недела.


Марин Докузовски го презеде косовски Пеќ

Поранешниот македонски селектор, Марин Докузовски доби нов предизвик и во наредниот период ќе биде работи во Косово.

Нов клуб на Докузовски ќе биде Пеќ. Одреден период Докузовски беше без клуб, меѓутоа сега ја заврши паузата и седнува на клупата на клубот кој е трет на табелата.

За Докузовски ова е враќање во оваа земја со оглед на тоа што претходно работеше во Сигал Приштина. Во Македонија Докузовски водеше неколку клубови, а најуспешен беше во Работнички.