кошарка

Дончиќ ќе игра за Словенија на Олимписките игри

Кошаркарот на Далас Маверикс, Лука Дончиќ, се најде на поширокиот список на играчи кој го објави селекторот на Словенија за квалификацискиот турнир за Олимписките игри закажан во јуни и јули во Каунас, Литванија. Учеството на 22-годишниот поентер од НБА лигата ќе зависи целосно од ефектот на неговиот тим во плеј-офот кој ќе стартува во текот на викендот и ќе трае околу осум недели. Квалификациите во Литванија започнуваат на 29 јуни и ќе траат до 4 јули. Покрај Словенија, во Каунас за виза за Токио ќе се борат и домаќинот Литванија, Полска, Венецуела, Јужна Кореја и Ангола.


Лејкерси и Голден Стејт ќе играат плеј-ин за место во плеј-офот

Со одигрувањето на последните натпревари синоќа, заврши регуларниот дел од сезоната во НБА лигата. По 6 тимови од двете конференции веќе обезбедија место во плеј-офот, додека оние од 7. до 10 место ќе играат во т.н. плеј-ин. Единствена непозната пред вчерашните последни мечеви беше судбината на Лејкерс, дали ќе се пласираат директно во плеј-офот, или ќе треба тоа да го направат прелку меч од плеј-ин. Тие го победија Њу Орлеанс со 110-98, но Портланд го доби својот дуел со Денвер со 132-116, па ја одбрани позицијата шест. Лејкерс остана на седмото место и ќе игра плеј-ин против Голден стејт.


Георгиевски: Завршниот турнир беше празник за кошарката!

Генералниот Секретар на Кошаркарската Федерација, Владимир Георгиевски, не го криеше задоволството од организацијата на завршниот турнир од Купот во женска конкуренција пред седум дена, а и од завршниот Куп-турнир во машка конкуренција кој заврши со дуелот помеѓу градските ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.
Предизвици секогаш ќе има за организација, особено во време кога пандемија ги диктира условите, но Генералниот Секретар на КФСМ смета дека успешно се надминати.
„Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме предизвиците беа големи од аспект на организација како ќе се спроведат сите протоколи, а да кошарката биде блиска до гледачите и нормална колку што може. Вложивме напори и мислам дека сè се заврши на најдобар начин. Финалето беше дерби, во секоја смисла на зборот покрај дуел на градските ривали, неизвесно до крај како што впрочем беше и целиот турнир. Навистина беше празник на кошарката и најава за она што следува во плејоф натпреварите. Здравјето на сите учесници и сите присутни ни беше приоритет и можам да кажам дека огромен товар ни се симна од гради бидејќи се помина во најдобар ред.“ – истакна Генералниот Секретар.


Дамјан Стојановски прогласен за најкорисен играч на финалето

Со победата над вечниот градски ривал Работнички во финалето од завршниот турнир, екипата на МЗТ Скопје Аеродром ја освои десеттата титула од националниот Куп, кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда, „Благоја Георгиевски Буштур“.
Капитенот на сино-белите од скопски Аеродром, репрезентативецот Дамјан Стојановски, е прогласен за најкорисен играч.
„Мислам дека тоа што навистина играме како екипа и се жртвувавме еден за друг придонесе за оваа титула. Во одбрана бевме одлични и со тоа го добивме дуелот. Дополнителен адут ни е поголемата ротација што ја искористивме максимално и резултатот беше овој триумф. Тројката беше моментална инспирација, ова признание е за целиот тим, сите играме како еден, сите игравме на високо ниво.“ – истакна Дамјан Стојановски по завршувањето на натпреварот.


Брајант доби место во „Куќата на славните“ на НБА лигата

Коби Брајант, кој во 2020 година загинаа во хеликоптерска несреќа заедно со неговата ќерка Џиана и уште седум лица, постхумно беше примен во кошаркарската Куќа на славните. Целата церемонија беше реализирана осум месеци подоцна од првичниот датум поради памндемијата со Ковид-19. Брајант пет пати ја освојуваше титулата во НБА лигата а 18 пати играше на ол-стар натпреварите. Тој беше прогласен за МВП на сезоната 2007/08. Покрај него, во класата 2020 нови членови на Куќата на славните во Спрингфилд се и кошаркарите Кевин Гарнер, Тим Данкан, тренерот Руди Томјанович, колеџ тренерот Еди Сатон, тренерите на женските колеџ екипи Ким Малки и Барбара Стивенс, кошаркарката Тамика Качинс и поранешниот генерален секретар на ФИБА, Патрик Бауман.


Пелистер сензационално елиминиран од Академија ФМП

Првото четвртфинале помеѓу екипите на Пелистер и на Навико Академија ФМП донесе големи возбудувања на теренот во СРЦ „Кале“.
Помалку и изненадувачки, во 7. минута од играта, Навико Академија ФМП имаше водство од (19:13). „Пелистерци“ делуваа доста стегнато, особено во фазата на нападот. Беа казнети со уште една тројка (втора) од Атанасов, за (14:22), и тајм-аут на Марјан Илиевски, кој по долга пауза се врати на клупата на „зелено-белите“. Без особено ефект затоа што „црно-белите“ во таа одлична четвртина, имаа и слични (25:18), за тој дел од играта го решат во своја корист, но со нешто пониски, но солидни, (25:21).
Дури по серијата од (8-0), на 2:14 минути пред крајот на полувремето Пелистер поведе, со минимални (48:47), за прв пат во првите 20.минути.Тука битолчани не застанаа, ја продолжија серијата која им донесе уште повисоки (55:49), по што тренерот на скопската екипа, Александар Петровиќ, за кратко време ја „потроши“ и втората минута за одмор. Ефикасната втора четвртина заврши со предност на Пелистер (57:53).
„Пенал-серијата“ продолжи до самиот крај, и донесе доста нервоза, на двете страни од теренот. Нерешено (96:96) беше и на 1:19 минута до крајот на играта.
А потоа моментот на одлука. Тројка на Крстајиќ на истек на нападот, за (99:96) на 8.5 секунди до крајот!
Л.Стојановски „потроши“ три секунди,и го испрати Калахан на линијата за слободни фрлања. Беше мирен Американецот (за 98:99). Крстајиќ половичен за (100:98), но доволно за големо славење на „академиците“.


Победи на Вардар и Кожуф, ќе решаваат „мајсторки“

„Вардарци“ беа сигурни против МЗТ Скопје Уни Банка (68:56), а Кожув победи во Струга (85:78) за нерешени (1-1) во серијата против Црн Дрим.
Третиот меч од плеј-аут сериите помеѓу екипите на Вардар и МЗТ Скопје Уни Банка, односно Кожув и Црн Дрим Грин мобиле, ќе решат кои две од нив и догодина ќе играат во Првата лига.
Странската „тројка“ Богдановиќ-Дикембе-Радош искомбинира 52. поени, највисокиот актер на мечот „Под Кале“, Дујковиќ имаше уште осум поени за Вардар.
На другата страна, Монтогомери заврши со дабл-дабл од 18.поени и 15. скока, Митевски имаше 12, а Андоновски 11. поени.
Во ист стил се играше и второто полувреме од средбата во СЦ „Тими“ во Струга. Рамноправно, со доста еднакви бројки на семафорот. Така беше и по три четвртини, (67:67).
Јасно беше дека ќе решаваат последните десет минути, во кои подобри, пред се во одбраната, беа гостите од Гевгелија.
Имаа и тројца доста расположени поентери. Чампара заврши со 23, Пајиќ 22, а Скот 21.поени. Беа творци на „брејкот“ по кој серијата за 48.часа ќе се пресели одново во Гевгелија.
Комплетната стартна петорка на Црн Дрим Грин мобиле финишираше како двоцифрена. Најмногу, 18 поени имаше најмладиот меѓу нив – Настовски.


Евролига го укинува Еврокупот?!

Тогаш кога помисливме дека Бертомеу воспостави одредени правила на игра како се влегува во Евролигата, се случи ново изненадување. Она што сега се најавува е уште „побомбастично“ од досегашните. Шпанскиот „Мундо Депортиво“ пренесува нови информации на таа тема, дека наводно се подготвува нов план за Евролигата во кој од сезоната 2023/24 веќе нема да има место за второто натпреварување, Еврокупот. Целта е Евролигата да се формира како затворено натпреварување, во кое сите клубови учесници ќе имаат долгогодишна лиценца, при што Еврокупот ќе ја загуби својата цел како натпреварување од кое би се пристапувало кон елитата, како што оваа сезона направија Монако и Уникс. Споменатиот извор открива дека пред неколку недели клубовите кои сега имаат лиценца, тие 11, извршија притисок врз Бертомеу да започне со спроведување на оваа идеја, во спротивно се заканија со барање за негово заминување од највисоката функција во Евролигата. Додатна причина зошто се бара укинување на Еврокупот се финансиите, бидејќи на Еврокупот годишно се трошат 7 милиони евра, а приходот е значително помал, наводно околу три милиони.


ФИБА одобри алтернативен формат за европските младински првенства

На 13. состанок на Бордот на ФИБА Европа беа донесени уште неколку особено важни одлуки.
Најважната е за оној младински сегмент во кој ФИБА Европа одобри алтернативен формат за европските првенства.
Со оглед на не баш идеалната слика со Ковид-19 вирусот во најголем дел од европските држави, ова лето, наместо стандардните евро-шампионати, вкупно 16. во обете конкуренции, ќе се играат помали турнири, т.н. „челенџери“.
– Настаните ќе се играат на база на „волонтеризам“,а промоциите/испаѓањата ќе бидат „замрзнати“ во сите три дивизии „А“, „Б“ и „Ц“.
– Најдоброрангираните 18 тима (актуелните 16 од Дивизијата „А“, плус два дополнителни тима според ранкингот од 2019) ќе играат три турнири со по шест селекции-партиципиенти.
-Останатите регистрирани тимови, рангирани од 19.позиција па надолу, ќе играат на турнир на кои ќе има по шест селекции-учесници.
– Еден од турнирите со шест тима, ќе биде креиран со најслабо рангираните тимови кои се дел од Дивизијата „Ц“, односно „малите земји“.
– Сите натпревари на овие турнири ќе се играат според „Раунд-Робин“ формат.
Бордот исто така го одобри предлогот, на домаќините на младинските Европските првенствa во 2021 година, што нема да се одржат, да им се овозможи прв пристап за организирање на соодветните настани во 2022 година. Слично на тоа, Бордот одлучи раните назнаки за турнирите во 2022 година да бидат одложени за 2023 година.


И светските претквалификации ќе се играат во „балони“

На својот последен состанок, Бордот на европскиот дел од ФИБА донесе една исклучително битна одлука. Имено, прифатен е предлогот кој вели дека и претквалификациите за Светскиот Куп 2023, ќе се играат во сега добро познатите „балони“. Наместо размена на домаќинства, 12. селекции кои се дел од вториот претквалификациски циклус за места во оние „главни квалификации“, ќе играат на четири одвоени турнири од „затворен тип“ во периодот од 12. до 18. август, 2021 година. Местата на одигрување на т.н. „балони“ ќе бидат дополнително одредени, откако ќе бидат разгледани сите пријави за организација-домаќинство. Ова се доста променети услови за машката сениорска репрезентација, која според првичниот план на ФИБА, во периодот од 11. до 28. август требаше да ги одигра четирите средби од „Ф“ квалификациската група во која се уште и репрезентациите на Швајцарија и на Словачка. Првопласираните две селекции од секоја од четирите групи одат во следниот, квалификациски формат за пласман на Светскиот Куп кој ќе се одржи во 2023 година, во три различни земји, Јапонија, Филипини и Индонезија.