кошарка

Започнува делот од сезоната каде не е дозволен кикс

Во наредните пет дена, односно по одигрувањето на натпреварите од Плеј-аут лигата, е бидат познати двете екипи кои и во следната натпреварувачка сезона ќе бидат дел од Првата лига-мажи, како и две кои ќе мора да се префрлат во понискиот ранг на натпреврување – Втората лига.
Од денеска, со натпреварите Кожув-Црн Дрим Грин мобиле и МЗТ Скопје Уни Банка – Вардар, стартуваат елиминациите.
Согласно со Пропозициите, Плеј-аут серијата ќе се игра според принципот „подобар од три“. Местото во елитата ќе го задржат екипите кои први ќе стигнат до две победи.
Од 17.часот, во Гевгелија, екипата на Кожув го пречекува Црн Дрим Грин мобиле.
Гевгеличани завршија со скор (10-12), но тоа не беше доволно за да се избори место во првата „осумка“. Па за опстанокот ќе треба да биде подобра од стружани, кои пак во последниот месец направија уште неколку промени во ростерот со кои ќе атакуваат на изненадување во оваа завршна серија во сезоната.
Уште повозбудлива, се чини, ќе биде серијата во која вечерва (од 19.15 часот), ќе ја отворат екипите на МЗТ Скопје Уни Банка и на Вардар.
Младиот состав од Аеродром ќе проба да ги повтори претходните иданија кои и ги донесоа до бројката од шест победи, или две повеќе во однос на нивниот вечерашен ривал, кој важи за нешто поискусен, но не е и во улога на фаворит во оваа серија која ќе биде доста изедначена, со оглед на приближниот квалитет кој го поседуваат скопските ривали.


Колеџ дресот на Џордан продаден за рекордна сума (фото)

Дресот на најдобриот кошаркар на сите времиња, Мајкл Џордан кој го носел на колеџ е продаден на аукција за неверојатни 1,38 милиони долари.
Станува збор за дресот во кој Џордан одиграл натпревари на колеџ во Северна Каролина, па не е чудно што достигнал рекорден износ, поголем од било кој негов дрес во НБА лигата.
Покрај ова, дресот е дел од гарнитурата во која Северна Каролина играла во сезоната 1982/83, кога Џордан е прогласен за играч на годината во НЦАА лигата и во кој се појави на насловната страна на магазинот Спортинг њуз по тој повод.
„Како што сама по себе кажува и финалната понуда која е прифатена, овој дрес е се она што еден сериозен колекционер сака да го има.“ – изјавил Крис Ајв од аукциската куќа Херитеџ.


Неш нема дилеми: Јокиќ треба да биде МВП на сезоната

Стив Неш, кој со неговиот Бруклин се наметнува како фаворит за освојување на шампионскиот прстен, се изрази ласкаво за играчот на Денвер, Никола Јокиќ. „Јокиќ е МВП годинава. Игра на високо ниво, има континуитет, од почетокот до крајот, ги прави соиграчите подобри – нагласи Неш откако неговиот тим во текот на ноќта славеше токму на дуелот со Денвер. Српскиот интренационалец, Никола Јокиќ, кој игра на центарските позиции беше избран како 41-ви пик на драфтот од страна на Денвер Нагетс во 2014 година.


КК Ангели се нови суперлигаши

Екипата на Ангели ќе игра во финалето на плеј-офот за пополнување на двете места во Првата лига-мажи за наредната натпреварувачка сезона 2021/2022.
По триумфот од (65:62) на свој терен, против екипата на Чаир 2030, ја затворија полуфиналната серија со максимални 2-0, доволно да го обезбедат статусот на прволигаши.
Иако имаа постојана резултатска предност, кошаркарите на Ангели дозволија гостите од Чаир да стигнат до егал резултат, а последните мигови да го одлучат победникот на средбата.
Кој ќе им биде противник во финалето, кое ќе има ревијален карактер, ќе биде познато по одигрувањето на третиот дуел во серијата помеѓу екипите на Партизан Водно Санс и Феникс 2010.
Кошаркарите на Партизан Водно Санс се издигнаа по дебаклот во првиот меч од серијата, и на осум секунди пред крајот стигнаа до водството (73:72), кое го одбранија, и на тој начин изедначија во серијата на (1-1), која сега се сели одново на теренот на Феникс 2010, каде ќе се игра т.н. „мајсторка“.


Баскет КАМ го освои првиот трофеј во историјата

Екипата на Баскет КАМ 2011 е новиот освојувач на Купот кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски Буштур“.
Во финалниот натпревар одигра во СРЦ „Кале“, беа многу подобра екипа од Бадел 1862. Од првата до последната минута од финалните 40, екипата од Македонска Каменица потврди дека со право важеше за фаворит и на овој финален турнир во Скопје.
Една од предводничките на составот од Македонска Каменица на овој турнир беше Анџелика Митрашиновиќ. Капитенот на нашиот женски сениорски национален тим финалето го заврши со 22 реализирани поени, 12 скока и 8 асистенции. И недостасуваа само уште две додавања да дојде до троен ефект, што е ретко виден момент на финалните средби од ова натпреврување.
Искусната репрезентативка по освојувањето на првиот пехар во историјата на Баскет КАМ и најави голема борба за двојна круна.
„Презадоволна сум од исходот во завршницата од Купот, ја очекувавме оваа победа. Сакам да се заблагодарам на КФСМ што воопшто го организираше овој турнир, со оглед на пандемијата со корона вирусот, но и да им честитам на моите соиграчи за добрата игра. Се надевам на уште повозбудливо финале во плеј-офот и на уште еден триумф. Оваа сезона многу се засили македонската кошарка, пред се со странски играчи и тоа е добро за сите. Мене ми заврши со сезоната со Будуќност, па дојдов тука да му помогнам на Баскет Кам во остварувањето на своите амбиции. Се надевам на двојна титула“ – не го криеше Митрашиновиќ задоволството од прикажаното на паркетот.


Вајли одличен, но остана без финале во ЛШ

Џејкоб Вајли имаше желба, одигра одличен меч, но Касадемонт Сарагоса немаше доволно сили и енергија да го реалкзира во целост комплетниот камбек во дуелот со Пинар Каршијака.
Вајли и соиграчите се вратија од голем резултатски минус во кој влегоа уште во првата четвртина од полуфиналето од ФИБА Лигата на Шампионите, против тимот од Измир (17:29). Одиграа одлично по големиот одмор. Се вратија со (27:14) во третата четвртина. Поведоа со (60:57), но не издржаа.
Турскиот тим имаше подобар финиш во кој стигна до победа (84:79) и историско финале.
Македонскиот репрезентативец беше и најкорисен играч во составот на Касадемонт Сарагоса. Како стартер, одигра 32 минути. Собра 24 индексни поени до кои дојде со 21 реализиран поен, имаше и четири скока, две загубени и една освоена топка за тоа време поминато во полуфиналето во Арената во Нижњи Новгород.


Пелистер го „запечати“ првото место на табелата

Она што го најавуваа низ текот на оваа турбулентна сезона, кошаркарите на Пелистер го потврдија на најдобар можен начин. Убедливо, на свој терен, во Битола, го победија Работнички еден од останатите фаворити во трката за шампионскиот трофеј во Првата лига. Освен тоа, ја потврдија најдобрата стартна позиција пред почетокот на доигрувањето за титулата, но и пехарот во Купот „Благоја Георгиевски Буштур“.
По одлично одиграните први десет минути, во кои Пелистер обезбеди високо водство (31:20), на четири пред крајот на втората четвртина, „зелено-белите“ ја имаа највисоката предност (46:29) во дерби дуелот во Битола кој решаваше која од овие две екипи ќе заврши како првопласирана.
Во продолжението на последниот меч во салата „Боро Чурлевски“ во регуларната фаза од шампионатот, домашната екипа имаше предност и повисока од 20.поени (60:39), па (70:49), за третиот период битолчани го решат со (79:60). Во тој стил, нешто помалку ефикасен, се одвиваа настаните и во последната четвртина во која беше познато се, односно дека Пелистер е бројот 1 по 22.одиграни кола, затоа што запиша најмногу победи – 17, имаше најмалку порази – 5.
Работнички сега има ефект (15-7), ист како што има и екипата на Еуро Никел 2005. Но „црвено- белите“ се во предност во однос на кавадарчани (две победи во меѓусебните дуели, а и од својот вечен ривал, МЗТ Скопје Аеродром (исто така две победи во меѓусебните дуели), па ја „фиксираа“ позицијата број 2 пред почетокот на плеј-офот.


Вајли ја носи Сарагоса во полуфиналето на Лигата на шампионите

Џејкоб Вајли и неговата екипа Касадемонт Сарагоса ќе играат во полуфиналето на ФИБА Лигата на Шампионите. Во првиот четвртфинален натпревар од „Фајнал-ејт“ турнирот кој се одржува во рускиот Нижњи Новгород, шпанскиот претставник славеше победа (86:78) токму против организаторот на овој собир. Џејкоб Вајли, заедно со Дилан Енис и Елијас Херис се творците на големата победа. Македонскиот репрезентативец како стартер, одигра нешто повеќе од 26 минути во кои реализираше 15 поени, со 70% на реализација во шутот од поле. Силното крило дополни со осум скока (три офанзивни, а имаше и по една асистенција, освоена односно загубена топка за индекс 21, втор во екипата од Сарагоса.


Шек избра пет најдобри во НБА, немаше место за Јокиќ

Легендата на НБА лигата, а денеска еден од најпопуларните кошаркарски аналитичари, Шекил О’Нил, ги избра за него најдобрите пет кошаркари во моментот во најсилната кошаркарска лига на светот. Меѓу нив немаше место за српскиот центар Никола Јокиќ и покрај тоа што српскиот кошаркар и понатаму е главен кандидат за титулата МВП оваа сезона. Шек во својата петорка ги наведе Леброн Џејмс, Кевин Дурант, Демиен Лилард, Стеф Кари и Џоел Ембид.


Одредени групите за Евробаскетот следната година

Вчера во Берлин со ждрепка беа одредени групите за престојното големо европско кошаркарско натпреварување – Евробаскетот, кој поради пандемијата наместо оваа, ќе се игра во 2022 година.
Дирк Новицки, Роберто Брунамонти и Виктор Саникидзе, кои беа специјални гости на собирот во Берлин, го одредија распоредот на групите.
ГРУПА А: Шпанија, Русија, Турција, Грузија, Белгија, Бугарија
ГРУПА Б: Франција, Литванија, Словенија, Германија, Унгарија, БиХ
ГРУПА Ц: Грција, Италија, Хрватска, Украина, Велика Британија, Естонија
ГРУПА Д: Србија, Чешка, Полска, Финска, Израел, Холандија