кошарка

Јанис со 50 поени ја донесе првата титула за Милвоки по 50 години (видео)

Милвоки Бакс станаа НБА шампиони по цели 50 години. Јанис Антетокумбо во шестиот натпревар од финалната серија симболично постигна 50 поени и донесе победа од 105:98 за конечни 4:2 во серијата против Феникс.

Јанис во најголемиот натпревар од неговата кариера ја даде и најдобрата партија во кариерата. До 50 поени стигна со шут од игра 16/25, но и неверојатни за него 17 од 19 слободни фрлања. Овој пат ги погодуваше со импресивна смиреност, а второто го промашни дури во последните секунди, кога веќе се беше решено, можеби дури и намерно за да не ја „расипе“ бројката од 50 поени.

Со 50-те поени, Јанис запиша и 14 скокови, две асистенции и пет блокади. Крис Мидлтон постигна 17 поени, Боби Портис 16, а Џру Холидеј со традиционално одличната одбрана остана за чекор краток од „трипл-дабл“, со 12 поени, 11 асистенции и девет скокови.

Антетокумбо беше прогласен и за МВП на финалето, што заедно со штотуку освоениот прстен е најголемата награда во веќе доста успешната кариера за грчкиот кошаркар, иако има само 26 години.


ФИБА ги одреди сатниците за августовските претквалификации

Мечевите за пласман во главниот дел од квалификациите за Светскиот Куп 2023. година, нашата машка сениорска репрезентација ќе ги игра на свој терен во Скопје. ФИБА одлучи мечевите во салата на СЦ „Јане Сандански“ ќе се играат со почеток од 19.00 часот.

Според претходно одредениот календар, претквалификациите ќе ги стартуваме на 12. август, против селекцијата на Швајцарија.

Два дена подоцна, на 14. август, сениорите ќе ги одмерат силите и со селекцијата на Словачка.

На 16. август, го играме вториот натпревар против репрезентцијата на Швајцарија, а на 18. август, турнирот го затвораме со дуелот против Словачка.

Првопласираните две селекции од групата „Ф“ ќе се пласираат во квалификацискиот сегмент за Мундобаскетот во 2023. година.


Дримтимот на САД остана без уште една ѕвезда за ОИ

Кевин Лав нема да биде дел од американскиот кошаркарски „Дримтим“ на Олимписките игри во Токио.

„Разочаран сум што нема да бидам во Токио со колегите од репрезентацијата на САД, но да учествувате на Игрите, треба да бидете во најдобра можна форма, а тоа не е случајот со мене во моментот.“ – рече Лав.

Крилниот центар на Кливленд не стигна да се опорави од повредата на десниот лист поради која пропушти и голем дел од НБА сезоната.

Тоа е ново откажување за селекторот Грег Попович, кој остана без низа играчи. Поради разни причини, досега се откажаа Леброн Џејмс, Ентони Дејвис, Стеф Кари, Кавај Ленард и Бредли Бил.


Андреј Јакимовски ја промени играчката средина

Нов тим на нашиот млад репрезентативец, Андреј Јакимовски  е Лојола Мериленд од градот Балтимор, во близина на Филаделфија.

Овој универзитет ќе има свој претставник на претстојниот НБА драфт и тоа шпанскиот интернационалец Санти Алдама, кој е исто годиште како Јакимовски.

„Имав понуди од над 15 универзитети од САД, некои од нив беа од ТОП 10 во НЦАА како Арканзас, Тексас Тек… Внимателно ги разгледував сите опции, секаде ми гарантираа дека ќе имам голема минутажа, но во оваа година во САД ми стана јасно дека не може да им се верува на сите.

Бев гостин на универзитетот една недела минатиот месец, се уверив дека имаат одлична програма и одличен тренер, помошникот е Србин со кого остварив прекрасна комуникација и тој ми ги кажа сите важни работи. Затоа одлучив да ја прифатам понудата од Лојола, бидејќи таму се најголеми шансите да бидам еден од најзначајните играчи што ми беше најважно во овој момент“ – појаснува младиот кошаркар кој ланската сезона ја помина како играч на Вашингтон Стејт.

„Минатиот месец имав полесна операција и потребно е време за рехабилитација. Тоа нема да трае долго, но засега не сум во можност да тренирам со полн капацитет. Најверојатно претстојниот викенд ќе се приклучам на репрезентацијата на подготовките во Маврово, но ќе тренирам одвоено, со кондицискиот тренер. Веројатно нема да бидам во најдобра форма во претквалификациите, но ќе се обидам да помогнам колку што можам“ – додавa големата надеж на македонската кошарка.


Симиќ го објави списокот кошаркари за турнирот во Шопрон

Пред заминувањето за Шопрон каде ги чекаат натпреварите од ФИБА „Челенџер“ турнирот, селекторот на нашата машка репрезентација „Под 20“ години, Тони Симиќ го направи конечниот избор на 12. кошаркари кои ќе се појават на овој турнир во Унгарија.

Изборот не е оној кој го посакуваше младиот тренер, особено ако се земе предвид дека носителите на играта на оваа селекција, Лејсон Зекири, Марко Миловановиќ и Андреј Андоноски се прекомандувани во А селекцијата.

Но затоа пак добра вест за стручниот штаб во кој освен Симиќ се уште и Нермин Пепиќ и Никола Велев е враќањето на тренинзите на Лука Савиќевиќ.

Бекот на МЗТ Скопје Уни Банка веќе одработи неколку заеднички тренинзи, и се очекува до почетокот на натпреварите во ова ново ФИБА натпреварување да биде подготвен да го даде својот максимум.  

Македонија е дел од групата „Д“ во која се уште и селекциите на Романија, Луксембург и Швајцарија.

За Шопрон патуваат: Данаил Иванов, Дарио Митевски, Богдан Мирковски, Љубиша Димитровски, Павел Данаиловски, Лука Савиќевиќ, Давид Наумовски, Виктор Исајлоски, Таулант Ибраими, Филип Ѓорѓиев, Никола Груевски, Кристијан Столевски.


Сениорите тргнаа на висински подготовки во Маврово

Македонската репрезентација го започнува базичниот дел од подготовките кои ќе ги одработи во туристичкиот центар Маврово.

Таму, нашиот сениорски национален тим ќе остане на повисока надморска висина до 21 јули кога ќе се врати во Скопје и ќе почнат активностите околу подготвителните натпревари.

Покрај стручниот штаб, предводен од селекторот Драган Бајиќ, неговите асистенти, Александар Јончевски и Адмир Прасовиќ, кондицискиот тренер Алекандар Кукриќ, во автобусот за Маврово се најдоа и: Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Бојан Трајковски, Бобан Стајиќ, Горјан Марковски, Дамјан Робев, Виктор Ефремовски, Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ, Лејсон Зекири, Валмир Какруки, Андреј Настовски, Оливер Двојковски, Теодор Симиќ.

Од 12. до 18. август, Македонија ќе ги игра натпреварите во претквалификациската група во која за противници ги имаме селекциите на Словачка и на Швајцарија. Првопласираните две селекции на турнирот во Скопје, ќе се пласираат во оние главни квалификации за пласман на Светскиот Куп во 2023 година.


Папапетру ќе ги предводи Швајцарците на „балонот“ во Скопје

Досегашниот асистент во грчката кошаркарска репрезентација Илијас Папатеодору е нов селектор на швајцарскиот национален тим. Тој ќе го води тимот и на претквалификациите што идниот месец ќе се одржат во Скопје.

Папатеодору беше дел од стручниот штаб на Рик Питино во грчката репрезентација за време на олимписките квалификации што се одржаа пред две недели, а на кои нашиот јужен сосед на успеа да обезбеди пласман во Токио затоа што во финалето загуби од Чешка.

Се очекува Папатеодору, кој доаѓа на местото на Џанлука Барилари, в петок да замине во Швајцарија и да ги почне подготовките за претквалификациите.


Леброн Џејмс објасни кога и каде ќе ја заврши кариерата

Леброн Џејмс веќе неколку години тврди дека неговиот сон е да заигра на ист НБА натпревар заедно со неговиот син Брони, независно дали во ист, или противнички дрес. За тоа ќе мора да почека уште барем три години, додека неговиот син не стекне право да се пријави на драфт.

Сега, промовирајќи го новото продолжение на филмот Спејс Џем, Леброн проговори поконкретно за своите амбиции за тоа каде и кога ќе ја заврши НБА кариерата, која трае веќе 18 години.

„Навистина се надевам дека кариерата ќе ја завршам во Лејкерс, дали за четири, пет, шест или седум години.“ – рече 36-годишниот Џејмс.

„Се надевам дека уште долго ќе можам да играм. Одлично ми е во Лос Анџелес, мојата фамилија го сака градот. Да се игра за оваа историска франшиза е нешто што никогаш не можев да замислам дека може да се случи.“

Леброн минатата година потпиша нов двегодишен договор со Лејкерси, до летото 2023. година. Тогаш, тој ќе има 38 години и 20 НБА сезони зад себе. Рекордер е Винс Картер со 22 сезони, а ако се земе предвид физичката подготовка на Леброн, нема причина кариерата да ја продолжи и понатаму и да го чека својот син доволно да порасне и напредува, па да му се приклучи во НБА.

Иако Брони не е „чудо“ од кошаркар каков веќе во средно училиште беше неговиот татко, америчките скаути го сметаат за еден од 15-те најталентирани играчи на својата генерација.


Бајиќ: Да ја подмладиме репрезентацијата и да се вратиме на големи натпреварувања

Новиот селектор Драган Бајиќ официјално ја презеде македонската сениорска репрезентација, како наследник на Александар Тодоров.

Претходните денови тој тренираше со неколку потенцијални репрезентативци кои треба да бидат потпора на поискусните, но оние кои го носеа товарот претходните години, започнаа неделава.

На првиот тренинг, Бајиќ објасни што очекува од македонската репрезентација во следниот период.

„Се надевам дека ќе можеме да ги повториме резултатите од некоја не толку далечна иднина. Се што правевме од почетокот на моето преземање е со таа цел и јас од него не планирам да се откажам.

Сакам репрезентацијата да се подмлади, да направиме некој план и пат за во иднина за да успееме да се вратиме на големите натпреварувања. Од моето назначување, се обидов да ги следам сите кандидати за националниот тим, разговарав со сите нив и избрав некои момци на кои сега можам да сметам.

Ќе бидат тука 16 кошаркари кои ќе ги користиме во тренажниот процес и сите ќе конкурираат за репрезентацијата. Просечната возраст изнесува околу 24 години и мислам дека тоа треба да биде патот за иднината“- рече Бајиќ пред првиот собир на сениорите во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.


НБА лигата го менува логото за јубилејната 75-та сезона

Најсилната кошаркарска лига на светот на својата официјална веб-страница го објави новото лого во чест на јубилејното издание.

Сезоната 2021/2022 ќе биде 75-та за НБА. Новото лого ќе биде поставено на сите страници, производи, арени и на Интернет.

Во финалето на НБА оваа сезона играат Милвоки бакс и Феникс санс. Сонцата водат во серијата со резултат 2-1.