кошарка

Стартуваше женскиот Евробаскет

Во Франција и во Шпанија, односно во Стразбур и Валенсија, започна 38. издание на европскиот шампионат кој ќе трае до 27. јуни, а вкупно 16 селекции тргнаа во битка за европскиот престол.

Поделени во четири групи (по четири селекции) ќе треба да ја минат првата елиминациска фаза (17-20.јуни). Првопласираните четири од секоја група обезбедуваат директен пласман во четвртфиналето во кое ќе се пласираат и четирите селекции кои ќе го минат вториот, елиминациски дел-осминафинале, кој ќе се игра на 21.јуни.

Финалната фаза од шампионатот ќе се одигра во Валенсија, каде на 27. јуни ќе го имаме новиот европски првак.

Титулата ја брани селекцијата на Шпанија, еден од ко-организаторите на првенството. Ќе атакува на третиот пехар по ред, нешто што не се случило уште од 1991 година и „хет-трикот“ на СССР.

Најдобрите шест репрезентации од Евробаскетот 2021, ќе се квалификуваат за квалификацискиот турнир за Светскиот Куп кој во 2022 година ќе се одржи во Сиднеј (Австралија).

ГРУПА А: Белорусија, Словачка, Шпанија, Шведска

ГРУПА Б: Грција, Италија, Црна Гора, Србија

ГРУПА Ц: Белгија, БиХ, Словенија, Турција

ГРУПА Д: Хрватска, Чешка, Франција, Русија


Пол ликува по враќањето на топ-формата во НБА плеј-офот

Плејмејкерот на Феникс Санс, Крис Пол беше еден од најзаслужните за високите 4-0 со кои Феникс го совладаа Денвер и обезбедија конференциско полуфинале на Западот.

Пол на последниот меч синоќа постигна 37 поени и додаде 7 асистенции.

„Пред неколку години бев отпишан. Но, оваа приказна не е за мене. Станува збор за нас“, рече Пол.

Во плејофот во 2019 година, Пол и Хјустон беа елиминирани во второто коло. Се шпекулираше дека плејмејкерот има лоши односи со Џејмс Харден. Со оглед на четиригодишниот договор вреден 159,7 милиони долари потпишан една година порано, многумина го нарекоа ветеранот „проблем“.



Величествениот Дурант го донесе Бруклин на чекор од финале на Истокот

Бруклин Нетс го совладаа Милвоки на свој терен со 114:108 и поведоа со 3:2 во серијата од полуфиналето на Источната конференција на НБА лигата.

Бакси многу подобро го отворија натпреварот и по првата четвртина имаа огромни 14 поени предност. До крајот на полувремето дадоа уште два поени повеќе од домаќинот, па на одмор се отиде со резултат 59:43 за гостинската екипа. Сепак, домаќините во продолжението се разбудија и на крилјата на Дурант запишаа голем пресврт кој ги донесе на чекор од финалето на Истокот.

Јунакот Кевин Дурант, кој е најдобар офанзивец во лигата, имаше неверојатни 49 поени, 17 скокови, 10 асистенции. На тоа додаде три освоени топки и две блокади, со само три загубени топки. Дурант со тоа стана првиот играч во историјата на лигата кој запишал барем 45 поени, 15 скокови и 10 асистенции во плејоф натпревар.

За таков учинок му беа потребни само 23 шута, од кои погоди 16. За тројка погодуваше 4/9, додека од линијата за слободни фрлања погодуваше 13/16.



Претседателот на ФИБА обвинет за сексуално вознемирување

Претседателот на Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА, Хамане Нијанг времено се повлекува од функцијата под притисок на внатрешна истрага против него за наводно сексуално вознемирање и злоупотребување на десетина кошаркарки од Мали.

За случајот информираше весникот „Њујорк Тајмс“, а слични информации обезбеди и Организацијата за заштита на човековите права, Хјуман Рајтс Воч.

Истрагата против Нијанг се вoди за наводно сексуално вознемирување и злоупотребување на кошаркарки од 1999. до 2011. година, во период кога актуелниот прв човек на светската кошарка беше претседател на Кошаркарската федерација на Мали, а потоа и министер за спорт на оваа западноафриканска држава.

Во краткото соопштение на ФИБА, Нијанг „остро ги негира“ обвинувањата на негова адреса.



Јанг одигра партија каква ретко се гледа!

Атланта дојде до победа над Филаделфија во четвртиот натпревар од полуфиналната серија во доигрувањето на Истокот во НБА лигата и така израмни на 2:2. Во натпреварот кој заврши со резултат 103:100, одлична партија даде Трае Јанг.

Јанг на натпреварот против најдобрата екипа на Истокот во првиот дел од сезоната заврши со учинок од 25 поени, четири скока и 18 асистенции и одигра натпревар со кој се запиша во книгата на рекорди.

Стана првиот играч на својата франшиза кој во натпревар од плејофот имал барем 15 поени со барем толку асистенции, уште од Док Риверс во 1988. година, кога одигра натпревар со 16 поени и 18 асистенции.

Исто така, од 1991. година не е виден натпревар во плејофот во кој еден играч остварил учинок од 25+ поени и 18+ асистенции. Последниот кој тоа го направи беше Тим Хардавеј во дресот на Голден Стејт.

Јанг го сруши и рекордот на НБА лигата кој беше во сопственост на Спад Веб од 1986. година, односно со своите 22 години стана најмладиот играч кој во доигрувањето поделил барем 18 асистенции.


Словенија и Израел ќе бидат организатори на женскиот Евробаскет 2023

Иако се уште не е започнат Европскиот шампионат во женска конкуренција, Бордот на ФИБА Европа веќе одлучи, наредниот Евробаскет, оној во 2023 година да се одржи во две земји, Словенија и Израел.

Тел Авив во Израел, односно Копер и Цеље во Словенија ќе бидат во улога на домаќини во првата, групна фаза од евро-шампионатот, додека пак завршницата од турнирот ќе се игра во главниот град на Словенија – Љубљана.  

За прв пат од постоењето на овие две федерации, ќе се случи да бидат и организатори на ЕП во женска конкуренција.

Ова 39. издание на Евробаскетот ќе биде и четврто по ред кое ФИБА го доделува на две земји. Оваа формула се покажа како доста успешна во 2017 кога во улога на ко-организатори беа Романија и Унгарија, две години подоцна, во 2017, во таа улога беа Србија и Летонија, а се очекува истото да биде и од 17. до 27. јуни, кога во Франција и во Шпанија ќе се игра 38. по ред Европско првенство.

Со оглед на сериозните проблеми за организирање на контролни мечеви, одлучено е двете селекции на земјите организатори, да бидат вклучени во системот на квалификациите.

Ждрепката на натпреварувачките групи, ќе биде реализирана во текот на август, додека пак првиот ФИБА „прозорец“ е предвиден за ноември, согласно со веќе постоечкиот систем за натпреварување усвоен од Бордот.


Избран и најдобриот дефанзивец во НБА

Центарот на Јута Џез, Руди Гобер е прогласен за дефанзивен играч на годината.

Гобер го победи Бен Симонс во директен дуел и по трет пат во кариерата ја освои наградата за најдобар дефанзивен играч.

Французинот имаше одлична сезона со Јута, што му помогна да ја освои оваа награда.

Тој имаше просечно по 2,7 блокади по натпревар и неговиот тим го имаше четвртиот најдобар одбранбен рејтинг во лигата.

Постигнува и 14,3 поени и 13,5 скока во просек по натпревар.



Крис Пол со „докторска“ партија за 2-0 на Феникс против Денвер

Феникс Санс ја имаат контролата во полуфиналната серија на Западната конференција во НБА лигата, откако со победа од 123:98 поведоа со 2:0 против Денвер.

Крис Пол одигра „докторска“ партија со која уште еднаш покажа зошто е великан на кошарката, а Никола Јокиќ беше стандардно добар во првиот натпревар по прогласувањето за МВП, но го изневерија соиграчите.

Од четвртина во четвртина Феникс го зголемуваше водството, а шест минути пред крајот, кога имаа 31 разлика, двата тренери ги испразнија клупите и на паркетот ги испратија резервите. Тоа им беше петта победа по ред на Феникс, а трета во последните четири натпревари во кои имаа и триесет поени разлика.

Пол диригираше со нападот на Феникс и заврши со 17 поени, 15 асистенции, пет скокови и една блокада, а немаше ниту една загубена топка.

Јокиќ беше запрен на 24 поени, 13 скокови, шест асистенции и две загубени топки. Но, поразувачки за Денвер беше фактот што останатите четворица стартери заедно имаа сличен учинок од 26 поени, 11 скокови и четири асистенции со шут од игра 9/32.



Дримтимот во Токио без Џејмс и Дејвис

Леброн Џејмс и Ентони Дејвис се најновите имиња кои нема да настапат за американската кошаркарска репрезентација на Олимписките игри во Токио, јавуваат локалните американски медиуми, повикувајќи се на извори блиски до двајцата играчи.

Џејмс во регуларниот дел од сезоната во НБА лигата се мачеше со повреда и пропушти дури 27 натпревари поради истата,  додека Дејвис отсуствуваше од теренот речиси половина сезона, односно  на 36 натпревари поради повреди на потколеницата и проблеми со Ахиловата тетива. И двајцата планираат одморот да го искористат за санирање на повредите и што поспремни да ја дочекаат новата сезона во НБА.

Американскиот селектор Грег Попович би можел да остане и без кошаркарот на Голден Стејт, Стеф Кари, чии шанси за настап во олимпискиот тим на Игрите во Токио се 50-50.


Јокиќ го добива најголемиот договор во историјата на НБА?!

Никола Јокиќ стана само третиот играч од Европа кој ја освоил наградата МВП во НБА лигата. Дирк Новицки беше најдобар во 2006. година, а Јанис Антетокумбо претходните две години.

Српскиот центар во 2018. година потпиша петгодишен договор вреден 147 милиони долари, а неговиот следен договор ќе биде најголем во историјата на кошарката, бидејќи со освојувањето на МВП наградата има можност да потпише супер макс договор. ЕСПН јавува дека Јокиќ од 2023. до 2028. година би требало да добие вкупно 241 милион долари.

Во првата сезона на тој договор Јокиќ би заработил 42.6 милиони долари, а во последната во коај би наполнил 33 години, би добил 54.8 милиони. Српскиот центар повеќепати порача дека целата НБА кариера сака да ја помине во Денвер и дека не планира да го менува тиот. Рекордниот договор во моментот е оној на Јанис со Милвоки, каде заработува 228 милиони за пет години.

Јокиќ како 41. пик на драфтот стана најниско избраниот пик кој стигнал до МВП наградата. Оваа сезона во регуларниот дел постигнуваше 26.4 поени со 10.8 скокови и 8.3 асистенции. Го одведе Денвер и до полуфиналето на плеј-офот на Западот, каде играат против Феникс.