feature

Лебеф: Повеќе не сакам да го видам Кукурелја во стартниот тим на Челзи

Челзи продолжи да троши пари во овој јануарски преоден рок и достигна над 600 милиони евра во ерата на Тод Боли, но засега резултатите не се ниту одблиску задоволувачки и Грем Потер ќе има тешка задача да го воигра новиот тим.

Поранешниот фудбалер на Челзи, Франк Лебеф го загуби трпението со дефанзивецот кој пристигна од Брајтон за сума од 65 милиони евра, заклучувајќи дека Марк Кукурелја не поседува квалитет за да го носи синиот дрес на великанот од Лондон.

„Повеќе не сакам да го видам Марк Кукурелја во стартната постава на Челси, тој едноставно не е доволно добар за Челзи. Не може да се каже нешто поедноставно од ова. Вистинска лудница е што платија 60 или 70 милиони евра за ваков играч. Едноставно нема квалитет за да игра за Челзи“, потенцира Лебеф.


Мурињо ќе го замени Заниоло со Иско?

Иско во последните моменти од преодниот рок беше блиску до трансфер во Унион Берлин, но трансферот пропадна во последен момент.

Шпанецот во моментов е слободен агент и е во потрага по нов клуб, а неговиот агент стапил во контакт со Рома. Ситуацијата ќе се обиде да ја искористи Рома и да го доведе Иско на „Олимпико“.

Мурињо во него гледа идеална замена за Заниоло, кој денес ја напушти Рома и се пресели во Галатасарај.

Проблем може да биде платата на Шпанецот, па Рома сака да му понуди договор до крајот на сезоната, со опција за продолжување.


Занети откри дека Интер преговарал со Меси по заминувањето од Барса

Лионел Меси веќе некое време преговара со ПСЖ за продолжување на соработката која почна пред 18 месеци, но има и такви страни кои се уште се навраќаат на летото во кое Аргентинецот шокантно си замина од Барселона.

Долгата врска меѓу Меси и Барселона прекина во 2021-ва година и ПСЖ беше најбрз и најдиректен во комуникацијата со претставниците на Лео, иако имало и други страни кои биле заинтересирани за потписот на аргентинскиот капитен.

„Бев навистина изненаден кога излезе информацијата дека Меси си оди од Барселона. Ние не можевме да се носиме со ПСЖ или клубовите од Премиер лигата, но поради нашиот однос, зборувавме дали постои шанса за премин во Интер“, открива Занети.


Фирмино добива нов договор на „Енфилд роуд“

Ливерпул ќе го продолжи договорот со Роберто Фирмино. Актуелниот договор на напаѓачот со клубот истекува во летото 2023 година, но според новинарот Фабрицио Романо, менаџерот Јирген Клоп сака Фирмино да остане во Ливерпул. Преговорите за нов договор се во тек, а клубот му нуди краткорочен договор на Бразилецот.

Новиот договор за Фирмино со Ливерпул ќе важи до 2025 година. Тој ќе вклучува опција за продолжување на уште една сезона.

Фирмино е во Ливерпул од 2015 година. Оваа сезона има 9 гола и 4 асистенции во 21 натпревар за клубот во сите натпреварувања.


Ѓоко Хаџиевски се врати во Саудиска Арабија и пак ќе го води Наџран

Поранешниот македонски селектор, Ѓоко Хаџиевски одново ќе биде актиевен во Азија и тоа со ангажман во Саудиска Арабија.

Хаџиевски кој има огромно искуство во арапските земји е назначен за нов предводник на составот на Наџран. Ова за Ѓоко ќе биде трет ангажман на клупата на овој клуб со оглед на тоа беше активен во истиот во сезоната 2011/2012 и 2013/2014.

Наџран игра лошо во актуелнава кампања каде со 17 бода е на претпоследното 17 место на табелата во втората лига на Саудиска Арабија, па нашиот стручњак ќе има задача да обезбеди опстанок во оваа екипа. Тој ќе има македонско друштво, поточно со него ќе бидат Филип Деспотовски, Филип Спасески и Филип Маџовски.


Арсенал ги зголеми цените на годишните билети за следната сезона

Арсенал одлучи да ги зголеми цените на сезонските билети за следната сезона. Цените за долните редови на „Емирати“ ќе скокнат за 6%, а за горните редови за 4%. Така, просечниот пораст ќе биде 5%, открива „Дејли мејл“.

Во моментов, носителите на сезонски билети можат да проследат во живо 26 домашни натпревари на „топчиите“, од кои 19 од Премиер лигата и 2 од ФА Купот и уште 5 од европските натпреварувања. Во новата сезона, претплатата ќе вклучува 24 натпревари, а два од средбите во Европа ќе бидат отстранети од оваа понуда.

Постојат неколку причини за ова зголемување. Првата е поврзана со раширената инфлација во Европа, која не ја избегна и Велика Британија. Вториот е поврзан со добриот настап на тимот оваа сезона, бидејќи има реални шанси да станат шампиони. Во секој случај, лондончани ќе се вратат во Лигата на шампионите, што им го крева имиџот и соодветно на тоа и цените.


Интер одлучи да го откупи Албанецот Аслани

Раководството на Интер донесе одлука да ја активира откупната клаузула на играчот за врска, Кристиан Аслани, пренесува Фабрицио Романо.

20-годишниот Аслани пристигна во Интер пред почетокот на сезоната од Емполи со право на откуп. Интер за позајмицата плати 4 милиони евра, а на крајот  на сезоната ќе може да го откупи албанскиот репрезентативец за додатни 10 милиони евра.

Аслани ги задоволи очекувањата на „Џузепе Меаца“, оваа сезона веќе има 20 настапи, па Интер донесе одлука да го откупи неговиот договор.


Белгија има нов фудбалски селектор

Фудбалскиот сојуз на Белгија објави дека за нов селектор на репрезентацијата го назначи Доменико Тедеско.

Тедеско е поранешен тренер на Лајпциг, а Белгија ќе ја води до Европското првенство во 2024.година. Тој на селекторското место ќе го замени Роберто Мартинез кој поднесе оставка на функцијата после елиминацијата на Белгија во групната фаза на СП во Катар.

„Голема чест за мене е тоа што ќе станам нов селектор на Белгија. Навистина се радувам и сум многу мотивиран. Имав многу добро претчуство од самиот старт на преговорите за оваа функција“, потенцира 37-годишниот тренер.


Инвеститори од Катар го купуваат Манчестер Јунајтед за четири милијарди евра?

Англискиот весник „Дејли мејл“ објавува дека група на инвеститори од Катар, е подготвена да понуди четири милијарди евра за купување на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед.

Понудата на катарците се очекува да пристигне во клубот од „Олд Трафорд“ во наредните неколку денови. Според информациите од овај медиум, инвеститорите имаат доволно пари за огромни вложувања во Манчестер Јунајтед, и враќање на клубот во врвот на европскиот фудбал.

Актуелните сопственици на „Црвените ѓаволи“, семејството Глејзер, кои го водат клубот од 2005.година, претходно најавија дека сите заинтересирани за купување на Јунајтед можат да испратат свои понуди до средината на февруари.


Синот на Роналдињо доби професионален договор во Барселона

Името Жоао Мендеш веројатно не е познато за поголемиот дел од фудбалската јавност, но ако се додаде дека станува збор за синот на Роналдињо тогаш е јасно дека овој момент привлекува внимание.

Мендеш во изминатиот период беше на проба во каталонскиот гигант, а денес Роналдињо допатува во Каталонија на церемонија во организација на „Мундо Депортиво“ и во изјава за медиумите потврди дека неговиот син потпишал договор со Барселона.

Синот на легендарниот Бразилец играше за Крузеиро, а од таму си замина откако спогодбено го раскина договорот.

Жоао е роден 2005 година, токму во периодот кога неговиот татко го играше најдобриот фудбал во дресот на Барселона. Игра на позицијата напаѓач и за почеток ќе мора да се докажува во Барса Атлетик.