feature

Њукасл пак ќе пазари од Атлетико Мадрид

Двајца играчи на Атлетико Мадрид, дефанзивецот Ренан Лоди и крилниот напаѓач Јаник Фереира Караско , предизвикаа интерес за трансфер од англискиот Њукасл, објави „Марка“.

Според изворот, англискиот клуб има намера да понуди 40 милиони евра за бразилскиот дефанзивец. Истот така за услугите на Ренан Лоди е заинтересиран и Јувентус од Торино.

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне е против Фереира Караско да си замине од клубот. Белгиецот изјави дека има намера да остане во мадридскиот клуб, но се дознава дека неговиот нов агент бара клуб за неговиот клиент каде што ќе може да добие поголема плата. Ренан Лоди оваа сезона одигра 42 натпревари за Атлетико во сите натпреварувања, постигнувајќи 4 гола и 5 асистенции. Јаник Фереира Караско има 44 настапи за Атлетико оваа сезона, постигнувајќи 6 гола и 7 асистенции.


Чаумени пред потпис во Реал Мадрид за 80 милиони евра?

Реал Мадрид постигнал договор со францускиот репрезентативец, Орелиан Чаумени, пренесуваат шпанските медиуми.

Чуамени минатата сезона се наметна во тимот на Монако, а оваа сезона игра одлично и веќе е стандарден во француската репрезентација.

Откако ја загубија битката за Мбапе, „кралевите“ сега ќе се насочат кон друг Французин и сакаат што побрзо да го договорат трансферот. За Чуамени интерес покажуваат Ливерпул и Челзи, но Реал ја победил конкуренцијата и веќе постигнал договор со Французинот.


Брајтенрајтер го напушти Цирих и го презеде Хофенхајм

Андре Брајтенрајтер го напушти Цирих само неколку дена по освојувањето на титулата во швајцарската прва лига и се врати во Бундеслигата за да ја преземе функцијата тренер на Хофенхајм.

Тренерот се согласил на двегодишен договор и ќе го замени Себастијан Хонес, кој доби отказ пред неколку дена. 46-годишниот Брајтенрајтер двапати ги однесе до Бундеслигата екипите на Падерборн и Хановер, а го предводеше и Шалке 04. Тој го презеде Цирих во 2019 година и имаше уште една година до крајот на договорот.

„Андре Брајтенрајтер е многу амбициозен тренер кој со своите офанзивни идеи одлично се вклопува во Хофенхајм“, изјави спортскиот директор Александар Росен за клупската веб-страница.


Се разделија Марселино и Атлетик Билбао

Марселино Гарсија Торал ја објави својата одлука да го заврши престојот на кормилото на шпанскиот прволигаш Атлетик Билбао. Тој и онака го завршува договорот со баскијците на 30 јуни, па како што најави на прес-конференција, нема намера да ја продолжи соработката.

Марселино беше на чело на Атлетик од јануари 2021 година и му помогна на тимот да го освои Суперкупот на Шпанија.


Дејан Станковиќ останува тренер на Црвена Звезда до 2025 година

Фудбалскиот шампион на Србија, Црвена Звезда, го продолжи договорот со тренерот Дејан Станковиќ до 2025 година. 

Иако имаше доста информации дека 43-годишниот Станковиќ, на крајот од сезоната ќе го напушти клубот од Белград и ќе прифати понуда за тренерска работа во Италија, тој сепак се одлучи да остане на клупата на „црвено-белите“ и во наредните три години.

Откако ја освои шампионската титула за оваа сезона, Станковиќ ќе има шанса за двојна круна, бидејќи следува финалето во Купот на Србија, каде Звезда за противник го има вечниот ривал Партизан.


Елнени го продолжи договорот со Арсенал

Играчот од средниот ред на Арсенал, Мохамед Елнени, го продолжи договорот за уште една сезона.

29-годишниот фудбалер пристигна во Северен Лондон во 2016-та од тимот на Базел.  За шест сезони одигра 147 натпревари со ефект од пет голови и 10 асистенции.

„Го сакам клубот и го чувствувам како дел од семејството. Сакам да продолжам да играм и многу сум возбуден за иднината“, – изјави Елнени за клупската веб-страница.


Филип Миркуловски станува помошник тренер во Вецлар

Ракометарот Филип Миркуловски на крајот од сезонава ќе добие нова улога во својот клуб Вецлар. Имено тој ќе биде асистент на главниот тренер на екипата, со што и официјално ќе започне со својата тренерска кариера.

„Среќен сум што ќе започнам со тренерската работа во Вецлар. Му благодарам на клубот за дадената шанса. Со нетрпение го очекувам стартот на новата сезона и соработката со стручниот штаб и играчите“, изјави Миркуловски.


Депај не сака да замине од Барселона

Еден од играчите на Барселона кој треба да биде на продажба – Мемфис Депај покажа дека не планира да го менува клубот. Медиумите се убедени дека со добра понуда холандскиот напаѓач би можел да биде продаден, бидејќи од една страна на Каталонците им требаат средства, од друга не успеа да блесне минатата сезона.

Денес, сепак, Депај на својот Твитер профил го напиша следново:

„Мојата прва сезона не беше онаква каква што замислував. Мора да продолжиме да работиме и да станеме посилни за да ги постигнеме нашите цели во следната сезона, Само Барса“.

Овој фудбалер ја заврши сезоната со 13 гола и две асистенции во 38 натпревари во дресот на Барселона во сите натпреварувања.


Пулишиќ добива нов договор на „Стемфорд бриџ“

Фудбалерот на Челзи, Кристијан Пулишиќ, во наредните недели ќе се сретне со менаџерот на лондончани, Томас Тухел.

23-годишниот игрча забележа 22 настапи во Премиер лигата во кои постигна 6 гола и 2 асистенции. Тренерот, на крајот на сезоната го пофали Американецот.

„Кристијан Пулишиќ беше во иста ситуација како Каи Хаверц. Тие заслужуваат да бидат наградени бидејќи работат напорно и тоа се гледа на теренот“, изјави германскиот тренер.


Куни Моралес го продолжи договорот со Вардар 1961

Кубанецот Куни Моралес, кој настапува на позицијата десен бек, го продолжи договорот со ракометниот клуб Вардар 1961, и ќе остане во тимот и наредната сезона.

Моралес со своите одлични игри во црвено-црниот дрес како во Лигата на шампионите така и во домашното првенство, ги задоволи критериумите на раководството на клубот од Скопје кое се одлучи да го задржи во тимот уште една година.