feature

Њукасл сака двајца фудбалери на Челзи

Њукасл сака да ангажира двајца играчи на Челзи пред затворањето на преодниот рок. Менаџерот Еди Хау сака да го засили средниот ред и нападот на „страчките“ и се насочи кон Конор Галагер и Армандо Броја од тимот на лондончани.

Галагер имаше силна сезона како позајмен во Кристал Палас минатата сезона и се очекуваше да добие шанса да се докаже на Стемфорд Бриџ. Во оваа фаза, сепак, Томас Тухел сè уште не се обложува на него меѓу стартерите, а доколку клубот се засили со Френки де Јонг, тоа дополнително ќе ги ограничи шансите за настап на 22-годишниот фудбалер. Затоа, не би било изненадување доколку Галагер повторно биде позајмен, овој пат во Њукасл, каде што сигурно ќе игра многу поредовно.

Со Броја ситуацијата е сосема слична. И имаше добра сезона на позајмица во Саутемптон, но летото се врати на Стемфорд Бриџ со надеж дека ќе се избори за место во стартниот тим на Тухел. Сепак, клубот моментално е во потрага по нов напаѓач, па доколку пристигне, најверојатно Броја повторно ќе биде испратен на позајмица.


Чави е статистички најлошиот тренер на Барселона во последните 20 години

Чави Ернандез според статистичите податоци е најлошиот тренер на Барселона во последните 20 години. Актуелниот тренер има само 52,36 проценти на остварени победи, односно на 38 натпревари тој забележа 20 победи, 10 нерешени натпревари и осум порази.

Подобар од него е Роналд Куман, кого го наследи на клупата на Барса, со процент на победи од 58,21. Кике Сетијен за кого се говореше дека е најлошиот тренер на Барселона во последните две децении, славел вкупно на 64 посто од натпреварите кои ги водел од клупата.

Според статистиката најуспешен тренер е Луис Енрике со 76,26 % на победи.


Тило Керер е најновото засилување на Вест Хем

Премиерлигашот Вест Хем Јунајтед објави дека го заврши трансферот со кој германскиот дефанзивец Тило Керер стана нов играч на клубот.

Керер во Вест Хем доаѓа од Париз Сен Жермен и со клубот од Лондон потпиша договор на четири години со опција за продолжување на уште две. 

Германскиот фудбалер во дресот на ПСЖ запиша 128 настапи за четири години кога пристигна од Шалке.


Суспензии за двајца допинг-позитивни во мундијалските квалификации

ФИФА ги суспендираше двајцата фудбалери кои беа позитивни на допинг тест за време на квалификациите за Светското првенство во Катар.

Напаѓачот Ерик Ривера од Ел Салвадор беше позитивен на забранетиот анаболичен стероид клостебол по мечот со Канада на 8 септември 2021 година додека играчот од средниот ред Сабри Али Мохамед од Џибути беше позитивен на тестостерон по поразот од Алжир на 12 ноември во изминатата година.

Двајцата фудбалери добија забрана за настап најмалку до 2026 година.


Ди Марија десетина дена надвор од терените

Јувентус ја потврди повредата на новото засилување Анхел Ди Марија.

Клубот соопшти дека по денешните лекарски прегледи на Аргентинецот, јасно е дека тој има повреда на адукторот на левата нока, а неговата состојба ќе биде повторно проценета за 10 дена.

Тоа значи дека Ди Марија сигурно ќе го пропушти натпреварот од второто коло во Серија „А“ против Сампдорија следниот понеделник.

Тој имаше одлично деби за „бјанконерите“ со гол и асистенција при победата од 3-0 на гости кај Сасуоло, но беше заменет во 65. минута токму поради повредата.


Асенсио посакува заминување од Реал Мадрид

Репрезентативецот на Шпанија Марко Асенсио изгледа дека до крајот на летниот трансфер период ќе го напушти Реал Мадрид.

Асенсио и на почетокот од новата сезона не добива шанса за настап за кралскиот клуб па веројатно ќе бара нова средина каде би бил стандарден првотимец. Тој посакува подобрување на својата форма со цел да добие повик од селекторот на Шпанија Луис Енрике за настап на Мундијалот во Катар.

Договорот на Асенсио со Реал истекува следното лето, и се чини дека клубот ќе прифати понуда која би била прифатлива за двете страни.


Манчестер Јунајтед го засилува нападот со играч на Челзи

Тренерот на Манчестер Јунајтед Ерик Тен Хаг мора да ја засили екипата во финишот на летниот преоден рок, бидејќи уште од самиот старт на новата сезона во Премиер лигата тимот претрпи два порази.

Како еден од потенцијално новите фудбалери се споменува Кристијан Пулишиќ од Челзи. Од Јунајтед ја разгледуваат опцијата за позајмица на 23-годишниот Американец, кој е незадоволен од својата минутажа во тимот од Стенфорд Бриџ.

Пулишиќ не би имал ништо против да заигра на Олд Трафорд што сигурно ќе му помогне во задржување на својата форма пред настапите за американската репрезентација на СП во Катар.


Нуњез се извини за црвениот картон против Кристал Палас

Напаѓачот на Ливерпул, Дарвин Нуњез го прекрши молкот и призна дека покажал грдо однесување поради што доби црвен картон на „Енфилд“ против Кристал Палас (1-1). Тој исто така вети дека тоа нема да се повтори.

„Свесен сум за грдото однесување што го имав. Тука сум да учам од моите грешки и тоа нема да се повтори“, напиша Нуњез на Твитер.

Набргу потоа, уругвајскиот интернационалец објави и фотографија на која го напушта теренот со наведната глава по црвениот картон.

„Се извинувам на сите во Ливерпул. Ќе се вратам“, додаде тој како коментар.

Поради исклучувањето, новото засилување на „црвените“ ќе го пропушти дербито против Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ во понеделник.


Марсијал се враќа за дербито со Ливерпул

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Антони Марсијал, се очекува да му се стави на располагање на тренерот Тен Хаг за големото дерби од Премиер лигата против Ливерпул.

Марсијал поради повреда не настапи на првите два натпревари на Манчестер Јунајтед кој беше поразен од Брајтон и Брентфорд. 

Според информациите, офанзивецот на Јунајтед веќе започнал со поинтензивни тренинзи со екипата и се надева дека ќе биде потполно подготвен до понеделник за кога е закажан натпреварот со ривалот од Ливерпул.


Манчестер Јунајтед посакува ангажман на Каземиро од Реал

Манчестер Јунајтед веќе подолг период се обидува да доведе играч со кој ќе го засили средниот ред на екипата. 

После проблемите околу посакуваниот трансфер на Де Јонг од Барселона, челниците на Јунајтед се фокусираа на доведување на Адриен Рабио од Јувентус. Но по се изгледа дека ангажманот на Французинот нема да се случи бидејќи во текот на преговорите двете страни не се договориле околу високата плата која ја бара актуелниот играч на Јувентус.

Според најновите информации, Манчестер Јунајтед подготвува понуда за играчот од средниот ред на европскиот првак Реал Мадрид, Бразилецот Каземиро. Останува да се види дали евентуалната понуда ќе биде примамлива за Каземиро за тој да го напушти Мадрид и да се пресели во Манчестер.