feature

Чалханоглу добива нов договор во Интер

Интер ќе потпише нов договор со играчот од средниот ред Хакан Чалханоглу, пренесува новинарот  Фабрицио Романо.

Новиот договор на 29-годишниот фудбалер со Интер ќе биде до крајот на сезоната 2026/27. Актуелниот договор на Чалханоглу со Интер истекува следната година. За тимот тој настапува од 2021 година кога дојде од големиот градски ривал Милан.

Во актуелната сезона, Хакан Чалханоглу има 36 настапи за Интер во сите натпреварувања, постигнувајќи 3 гола и 6 асистенции. Клубот моментално преговара со дефанзивецот Алесандро Бастони, чиј договор со „нероаѕурите“ истекува во јуни 2024 година.


Дортмунд му нуди нов договор на Белингем

Германските медиуми објавуваат дека челниците на Борусија Дортмунд му понудиле на Џуд Белингем продолжување на неговиот договор до 30.јуни 2026.година со годишна плата од 15 милиони евра.

Во објавите се вели дека раководството на германскиот клуб во наредните неколку денови ќе разговара со англискиот фудбалер и дека Борусија сака да го задржи во своите редови. Новата понуда е со износ кој е четири пати повисок од сумата која Белингем ја добива во моментот.

Доколку фудбалерот ја одбие понудата од Борусија Дортмунд, тогаш клубот одлучил дека висината на обештетувањето за него ќе изнесува 150 милиони евра.

19-годишниот Белингем има договор со бундеслигашот до 30.јуни 2025.година. Во редовите на клубот од Дортмунд пристигна во 2020.година од Бирмингем.


Тотенхем ќе му исплати 4 милиони фунти на Конте

Антонио Конте ќе добие обештетување од 4 милиони фунти откако беше отпуштен од Тотенхем пред да му истече договорот на крајот на сезоната, пренесува весникот „Мирор“.

Двете страни решија да се разделат по променливите резултати на Тотенхем во последно време и особено по изјавите на Италијанецот по последното реми против Саутемптон, кога ги обвини играчите за недостаток на желба за победа, но и големи критики за раководството на лондончани и особено за претседателот Даниел Леви. Тотенхем моментално е четврти на табелата со 49 бодови, но Њукасл е петти со само два бода помалку, но и со два меча помалку.

Клубот до крајот на сезоната ќе го водат помошниците на Конте, Кристијан Стелини и Рајан Мејсон. Интересно е и тоа што Конте само по отказите од Челзи, Интер и Тотенхем  доби отштета од 37 милиони фунти.


Де Врај добива нов договор со Интер

Стефан де Врај е блиску до потпишување на нов договор со „нероаѕурите“.

Договорот на Де Вриј со Интер истекува, па иако се очекуваше да си замине како слободен агент, сепак ќе остане на „Џузепе Меаца“.

После сигурното заминување на Скриниар, Интер не сакаше да остане без уште еден стандарден дефанзивец, па почна преговори со Де Врај.

Италијанските медиуми пренесуваат дека двете страни постигнале договор и наскоро Холанѓанецот ќе стави потпис на нов договор. Де Врај ќе потпише двегодишен договор според кој ќе заработува 4 милиони евра по сезона.


Нето добива нов договор во Борнмут

Бразилскиот голман, Нето, го продолжи договорот со англискиот клуб. „Црешите“ ќе го задржат капитенот до летото во 2026 година.

Тој во сезонава одигра 18 мечеви а на четири од нив не прими гол. 33-годишниот искусен голман играше и за Валенсија, Јувентус и Фиорентина.

Неговиот тим се наоѓа на претпоследното место на табелата и до крајот на сезоната ќе се бори да обезбеди опстанок во Премиер лигата.


Обамејанг посакува враќање во Барселона

Англиските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Челзи и поранешниот репрезентативец на Габон, Пјер Емерик Обамејанг, е подготвен да се врати во Барселона.

33-годишниот Обамејанг им порачал на челниците на каталонскиот клуб дека бил подготвен на максимално намалување на својата плата за повторно да заигра на „Камп Ноу“.

Претседателот на Челзи, Тод Боели не е задоволен од однесувањето на Обамејанг, кој е доста приврзан за Барселона. Тој неодамна беше забележан како ја прославува победата со играчите на Барса после дербито со Реал Мадрид.

Обамејанг пристигна во Челзи минатата година од Барселона, а претходно меѓу другите играше за Арсенал, Дортмунд, Сент Етјен. Оваа сезона одигра 18 натпревари и постигна три гола.


Почетино е прва опција на Флорентино ако Анчелоти си замине

Шпанските медиуми пренесуваат дека Реал Мадрид ќе се раздели со Карло Анчелоти на крајот на сезоната и веќе ја започнал потрагата по негов наследник.

Прв избор е Маурисио Почетино, кој е слободен после отказот кој го доби во ПСЖ и преферира да седне на кормилото на „кралскиот“ клуб.

Реал сака да побрза да постигне договор со Аргентинецот, бидејќи интерес за него покажуваат и други клубови, особено од Премиер лигата.

Покетино во Шпанија со голем успех го предводеше Еспањол од 2009 до 2012 година после што се пресели во Премиер лигата каде што беше дел од Саутемптон и Тотенхем.


Расмус Хојлунд е замената за Влаховиќ во Јуве

Душан Влаховиќ може да го напушти Јуветус на крајот на сезоната, а раководството на „старата дама“ веќе почна да бара негова замена.

Српскиот напаѓач не се снаоѓа баш најдобро во Јувентус, наводно играта на тимот воопшто не му одговара и е спремен да ја промени средината. Јувентус исто така е спремен да слушне понуди бидејќи е во финансиски проблеми после големиот скандал и казната, па најверојатно ќе остане без пласман во Лигата на шампиони.

Италијанските медиуми пренесуваат дека „бјанконерите“ веќе ја нашле замената, а тоа е Расмус Хојлунд од Аталанта. Хојлунд е вистинско откритие оваа сезона во Серија А, има само 19 години и му се предвидува голема кариера.

За репрезентацијата на Данска постигна 5 гола на два меча изминатите денови, па Јувентус сака да ја победи конкуренцијата.

Наводно италијанскиот гигант веќе стапил во контакт со неговиот агент и е спремен да понуди 40 милиони евра плус бонуси.


Емерсон Ројал се повреди на гостувањето во Мароко

Тотенхем синоќа официјално остана без тренер после заминувањето на Антонио Конте, а денес доби нов удар.

Имено, Тотенхем до крајот на сезоната ќе остане без Емерсон Ројал. Десниот бек заработи тешка повреда на коленото во судиското продолжение од пријателскиот натпревар помеѓу Бразил и Мароко.

Ројал мора да замине на операција на коленото и ќе паузира околу два месеци, што значи дека сезоната за него е завршена.

Ова е голем удар за Тотенхем бидејќи Бразилецот беше многу важен дел од тимот и оваа сезонанастапи на 22 натпревари.


Нагелсман чека понуди од Премиер лигата

Англиските фудбалски состави, Челзи и Тотенхем, може да испратат понуда до германскиот тренер  Јулијан Нагелсман, кој неодамна доби отказ од кормилото на Баерн Минхен.

Имено, „сините“ имаат намера да се разделат со Грем Потер додека „спарси“ деновиве  ја прекинаа соработката со Антонио Конте.

Нагелсман од 2021 година  беше на клупата на Баерн Минхен.