feature

Мукиеле се збогува со РБ Лајпциг и потпиша за ПСЖ

24-годишниот француски дефанзивец Норди Мукиеле објави проштална порака за навивачите на германскиот РБ Лајпциг пред комплетирањето на неговата преселба во Пари Сен Жермен.

„Почитувано семејство на РБ Лајпциг!

Сакав да ти се заблагодарам за се што направи за мене. Ме натеравте да се чувствувам како дома уште од првиот ден од моето доаѓање и денес си заминувам со тешко срце. Сакам да им се заблагодарам на сите вработени во клубот кои секојдневно ни помагаа да ги оствариме нашите цели. Историјата што ја изградивме е и ваша. Браќа мои во клубот, да го одржиме ова наследство живо! Тренери и персонал што ги имав во овие четири сезони – Ви благодарам! Со тебе ја покажав мојата најдобра страна. Не само што се подобрив како играч, туку и како личност, успеав да исполнам некои од моите лични желби и благодарение на тебе. Благодарам на сите! Твојот Џокер, Норди“, гласи објавата на Мукиеле на една од социјалните мрежи.


Мертенс заминува од Наполи по девет години

Екипите на Лацио и на Интер ќе направат обид да дојдат до потписот на белгискиот фудбалер Дрис Мертенс кој дефинитивно ќе си замине од тимот на Наполи, објавија медиумите на „Чизмата“.

Најдобриот стрелец во историјата на Наполи ќе го напушти стадионот – „Диего Марадона“ по цели девет години откако не пронајде заеднички јазик со управата за продолжување на договорот.  

Мертенс за Наполи има одиграно 309 мечеви и постигнато 121 гол.


Њукасл ќе испрати понуда за Барнс од Лестер

Богатите сопственици на Њукасл, остануваат максимално активни на трансфер пазарот во обид да направат конкурентен состав за висок пласман во новата сезона во Премиер- лигата.

Англиските медиуми денеска објавија дека нова трансферна цел на Њукасл е Харви Барнс од екипата на Лестер. 24-годишниот фудбалер беше вистински лидер на популарните „лисици“ и еден од најдбрите на теренот.

Се претпоставува дека Лестер ќе се раздели со Барн под услов да добие најмалку 50 милиони фунти.


Манчестер Јунајтед го губи трпението со Де Јонг и се насочува кон Сергеј Милинковиќ-Савиќ

Италијанскиот Калчомеркато пренесува дека фудбалерот на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, би можел својата кариера да ја продолжи во Манчестер Јунајтед, ако Френки де Јонг нема намера да пристигне на Олд Трафорд.

Италијанските медиуми потсетуваат дека Барселона веќе го договори износот на обештетување за холандскиот фудбалер, но Де Јонг го стопира трансферот бидејќи не сака да игра за Јунајтед кој наредната сезона нема да настапува во ЛШ.

Калчомеркато тврди дека Милинковиќ-Савиќ е прва алтернатива за Де Јонг, бидејќи челниците на клубот од Олд Трафорд го губат трпението и сакаат да доведат засилување во екипата пред стартот на сезоната во Премиер лигата.

Обештетувањето за српскиот фудбалер сега изнесува околу 70 милиони евра.


Алегри бара резервен шпиц: Мората, Марсиал, Фирмино…

Во центарот на вниманието на Јувентус е доаѓањето на Алваро Мората трајно во Торино. Шпанецот претходните две сезони ги мина во „старата дама“ како позајмен играч од Атлетико Мадрид.

Сега Јуве се обидува да го откупи договорот на Мората, „јорганџиите“ не се подготвени да го продадат напаѓачот со кој имаат договор до 2024 година. Јуве се надева дека ќе му угоди на Симеоне и ќе успее да го откупи договорот на Мората за 18.000.000 евра, но тоа е тешко.

Италијанските медиуми пишуваат дека алтернативни решенија се резервните играчи на Ливерпул и Манчестер Јунајтед – Роберто Фирмино и Антони Марсијал.

Фирмино минатата сезона го загуби местото во тимот на Јирген Клоп, ситуацијата за Бразилецот може само да се влоши со доаѓањето на Дарвин Нуњез од Бенфика. Се чини дека на „црвените“ не би им пречело да се разделат со Фирмино, а доволна причина за нив би биле 20.000.000 евра.
Што се однесува до Марсијал, Французинот се надева на нов почеток под водство на Ерик тен Хаг, максимално искористувајќи го отсуството на Кристијано Роналдо од тренинзите и постигнувајќи три гола на неговите први четири пријателски натпревари.


Андреј Магдевски се врати во МЗТ Скопје

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Магдевски по едногодишниот настап во Романија, повторно ќе го носи дресот на МЗТ Скопје.

Магдевски во минатото беше еден од најдобрите играчи на клубот од Скопје, со кој ги освои титулите во 2019 и 2021 година. Претходно македонскиот кошаркар има играно за белградски Партизан, а има настапувано и за младинските категории на Реал Мадрид.


Ги продава двата шампионски прстени за помош на Украина

Поранешниот украински кошаркар Слава Медведенко одлучи да ги продаде своите два шампионски прстени во НБА лигата, кои ги освои како член на Лос Анџелес Лејкерс во 2001 и 2002 година, а сите пари од продажбата ќе бидат наменети за помош на неговата земја, разурната од војна.

Целта на Фондацијата Медведенко е да ги поддржи украинските деца со обновување на спортската инфраструктура во училиштата и започнување мрежа на социјални спортски клубови.

„Сакаме да ги обновиме салите и просториите за обука бидејќи руската армија бомбардираше повеќе од 100 училишта. На нашата земја и требаат многу пари за обнова на училиштата, а спортските сали ќе бидат последни во редот за поправка. Во Украина во текот на зимата децата мора да си играат во затворени простории“, изјави Медведенко.

Аукцијата за прстените на Медведенко ќе трае од среда, 27 јули до петок, 5 август, а се проценува дека ќе достигне цена од најмалку 100.000 долари.


Јувентус со понуда до Ливерпул за Фирмињо

Според објавата на некои англиски медиуми, италијанскиот гигант Јувентус испрати понуда до Ливерпул за ангажман на Роберто Фирмињо во вредност од 23 милиони евра.

Јувентус очигледно не престанува со плановите за засилувања на екипата ова лето. Понудата за Фирмињо, доаѓа после пристигнувањето на Погба, Ди Марија и Бремер.

Бразилскиот фудбалер во последно време не е во прв план кај тренерот Јирген Клоп поради големата конкуренција во нападот. Тој се наоѓа во последната година од договорот со Ливерпул и постои можност клбот од Енфилд да ја прифати понудата со цел да заработи на играчот.

Фирмињо е играч на Ливерпул од 2015 година кога пристигна од германскиот клуб Хофенхајм.


Мусети е освојувач на АТП турнирот во Хамбург

Италијанскиот тенисер Лоренцо Мусети е победник на тенискиот турнир во Хамбург, Германија. Тој во возбудливиот финален дуел со 2:1 во сетови беше подобар од шестиот играч на светот, Шпанецот Карлос Алкараз.

Титулата во Хамбург е прва АТП титула за 20-годишниот Мусети. Турнирот припаѓа во АТП серијата 500 и се игра на земјена подлога.


Дибала го сруши рекордот на Роналдо

Пауло Дибала премина во Рома како слободен играч, и веќе првите денови покажуваат дека неговиот ангажман е полн погодок.

Кориере дело Спорт наведува дека навивачите на Рома целосно полудеа за новиот фудбалер и дека продажбата на дресовите од Дибала во еден ден го надмина рекордот на Кристијано Роналдо од 2018 година кога тој пристигна во Јувентус.

 Аргентинецот ја заслужи и големата доверба од навивачите бидејќи од почит кон легендата на Рома , Тоти, го одби дресот со број 10.