feature

Барселона уште не ги има регистрирано новите играчи во екипата

Германскиот весник Билд тврди дека новиот фудбалер на Барселона, Роберт Левандовски, уште не е регистриран како играч на каталонскиот клуб, па поради тоа тој нема право на играње на официјални натпревари.

За информација, професионалната шпанска фудбалска лига има строги правила во врска со регистрација на играчите. Шпанските клубови не смеат неконтролирано да купуваат нови фудбалери.

Според Билд, Барселона засега ги нема регистрирано ни Рафиња, Кеси и Кристенсен, па така новите фудбалери можат да играат само на пријателски натпревари.

Барселона мора прво да продаде неколку играчи за да ги реши проблемите со финансиите и платите на фудбалерите, и затоа каталонскиот клуб планира да се раздели со Френки де Јонг и Мемфис Депај. Барселона има долг поголем од милијарда евра, а примањата на фудбалерите во минатата сезона ги намали од 347 на 97 милиони евра.


Павард заминува од Баерн по доаѓањето на Де Лихт

Дефанзивецот на Баерн, Бенџамин Павард е предмет на интерес на неколку европски гиганти.. Иднината на 26-годишниот Французин е прилично неизвесна откако Германците потпишаа договор со Матијас де Лихт од Јувентус. Се погласно се зборува дека може да биде продаден, а кандидати за неговиот потпис не недостасуваат.

Според информациите, Јувентус, Челси, Атлетико Мадрид и Манчестер Јунајтед будно ја следат ситуацијата околу дефанзивецот и се подготвени да влезат во битка за неговиот потпис. И самиот фудбалер е свесен за интересот за себе и сериозно размислува за својата иднина.

Павард беше донесен во Баерн од Штутгарт во 2019 година за 35 милиони евра. Досега за Баварците има 119 настапи, 5 гола и 11 асистенции. Покрај тоа, тој е француски интернационалец со 45 натпревари и два гола, а со „петлите“ ја освои светската титула во 2018 година.


Вест Хем испрати понуда за Филип Костиќ

Медиумите од Англија објавуваат дека клубот Вест Хем испратил понуда до Ајнтрахт Франкфурт за ангажман на фудбалерот Филип Костиќ.

Српскиот фудбалер веќе подолго време се поврзува со заминување од Бундеслигата, а досега како најсериозен кандидат за негов трансфер се споменуваше Јувентус, кој очигледно се откажа од оваа намера.

Премиерлигашот Вест Хем во Костиќ гледа идеален кандидат за засилување на левата бековска линија на екипата. Минатата сезона Костиќ со Ајнтрахт беше освојувач на трофејот во Лига Европа, откако во финалето славеше над Глазгов Ренџерс. 


Миовски пристигна во Абердин

Македонскиот фудбалски репрезентативец Бојан Миовски и официјално пристигна во својот нов клуб Абердин.

Миовски ја заврши процедурата околу добивањето на работна дозвола за Велика Британија, и му се стави на располагање на стручниот штаб на шкотскиот клуб.

Претходно македонскиот напаѓач ги одработи припремите со своите соиграчи кои се одржаа во Шпанија, по што чекаше завршување на постапката околу добивањето на виза.

Своето деби во Абердин, Миовски ќе го има во недела  на куп натпреварот против Реит Роверс.


Германија втор полуфиналист на женскиот Европски шампионат

Фудбалерките на Германија се пласираа во полуфиналето на Европскот првенство во женска конкуренција кое се игра во Англија, откако синоќа ја совладаа во четвртфиналето Австрија со 2-0 (1-0).

Головите за Германија ги постигнаа Лина Магул во 25. минута и Александра Поп (89). Германија во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Франција и Холандија.

Во средата пласман меѓу четирите најдобри репрезентации на Европското првенство избори и домаќинот Англија со триумфот од 2-1 над Шпанија, и во полуфиналето ќе игра против победникот од четвртфиналната пресметка меѓу Шведска и Белгија.


Дани Алвес ќе игра за клуб од Мексико

Поранешниот фудбалер на Барселона, Бразилецот Дани Алвес во наредната сезона ќе игра во мексиканскиот клуб Пумас.

39-годишниот искусен дефанзивец во Пумас ќе пристигне како слободен играч, откако си замина од Барселона која не му понуди продолжување на договорот.

Алвес во својата кариера има настапувано за голем број клубови и освои 38 трофеи.


Рома пред ангажман на Вајналдум

Фудбалскиот клуб Рома најавува дека е во завршни преговори со ПСЖ за ангажман на Џини Вајналдум.

Тимот предводен од Жозе Мурињо е на добар пат во период од само неколку дена да добие двајца екстра играчи. Во Рома претходно стигна и Аргентинецот Пауло Дибала.

31-годишниот Вајналдум пред само една година го напушти Ливерпул и се пресели во ПСЖ, каде не доби скоро никаква шанса за редовни настапи со тимот. Неговиот договор со клубот од Париз е до 2024 година, а најверојатно тој во Рома ќе пристигне како позајмен играч.


Харден доби условен договор во Филаделфија

Кошаркарот, Џејмс Харден, прифати нов двегодишен договор со Филаделфија кој треба да му донесе 68,6 милиони долари.

Десеткратниот Ол-стар играч во регуларниот дел од претходната сезона имаше просек од 21 поен, 7,1 скок и 10,5 асистенции.

32-годишниот ветеран кој играше за Оклахома и Хјустон, во изминатите 13 сезони има 942 натпревари во НБА лигата.


Тајсон: Се гледам во огледало и мислам дека ми се ближи крајот

Мајк Тајсон не само што е еден од најдобрите боксери на сите времиња, туку и еден од најдобрите маркетинг експерти во спортот. Тоа беше главно негативен публицитет, но никогаш не ги напушти очите на јавноста. Сега кога си ја отвори душата, се чини дека му е доста од се.

„Челичниот Мајк“ забележа 50 победи во кариерата, од кои 44 со нокаут и ги помести границите на боксот.

Меѓутоа, одвреме-навреме се случува целосно да се отвори и да зборува за работи за кои досега не сме слушнале да размислува.

Тој има 56 години и сега неговиот живот доби нова перспектива. На неговиот подкаст „Hotboxin’ with Mike Tyson“, тој беше домаќин на терапевтот Шон Мекфарланд, кој предизвика некои мрачни мисли од боксерот.

„Сите ќе умреме еден ден. Во последно време често се гледам во огледало и гледам некои точки на лицето што ги немам видено досега. Си велам дека сум при крај, дека многу брзо ќе умрам “, изјави легендарниот Тајсон.


Брајтон одби 30 милиони фунти за Кукуреља

Англискиот премиерлигаш Брајтон, ја одби понудата од Манчестер Сити за шпанскиот фудбалер Марк Кукуреља, вредна 30 милиони фунти.

Според медиумските информации, челниците на Брајтон бараат дури 50 милиони фунти за својот фудбалер.

23-годишниот Кукуреља е играч на Брајтон од минатата година кога за 15 милиони фунти пристигна од Хетафе. Неговиот договор со актуелниот клуб истекува во јуни 2026 година.