feature

Левандовски: Сакав подолго да останам на Мундијалот, но Полска ја исполни целта

Капитенот на Полска, Роберт Левандовски, по елиминацијата од Франција на Светското фудбалско првенство во Катар, вели дека противникот сосема заслужено продолжил понатаму. 

„Одигравме навистина тежок натпревар. Се боревме, можеби ако први дадевме гол ќе се сменеше текот на мечот. За жал, примивме еден во финишот на полувремето. Ја исполнивме целта со пласманот во нокаут фазата но, сакав да останам подолго на Мундијалот. Физички не се плашам од настап на уште едно Светско првенство“, вели Левандовски.


Стерлинг го напушти Катар и се врати во Англија

Англискиот фудбалски репрезентативец, Рахим Стерлинг, го напушти Светското првенство и се врати во Англија откако вооружени разбојници извршија грабеж во неговата семејна куќа.

Како што пренесе ББЦ, вооружените разбојници влегле во домот на Стерлинг, додека во него било неговото семејство, и фудбалерот загрижен за нивната безбедност одлучи да се врати од Катар во Англија.

 Претходно Фудбалската асоцијација на Англија соопшти дека Стерлинг се вратил дома поради семејни причини. Стерлинг ќе се врати во репрезентацијата во зависност од околностите.


Бразилецот Жезус ќе мора на операција на коленото

Брзилските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Арсенал и репрезентативец на Бразил, Габриел Жезус, ќе отсуствува од фудбалските терени најмалку три месеци поради операција на коленото.

Жезус се здоби со повреда на коленото на натпреварот со Камерун, во третото коло на групата Г од СП во Катар. Тој за Бразил има одиграно 59 натпревари и постигнал 19 голови.

Во летниот преоден рок Жезус направи трансфер од Манчестер Сити во Арсенал, каде пристигна за сума од 52 милиони евра.


Жиру е најдобриот стрелец во историјата на Франција

Францускиот фудбалски репрезентативец, Оливије Жиру, стана најдобриот стрелец во историјата на националниот тим.

36-годишниот Жиру се запиша во листата на стрелци во осминафиналето на СП во Катар и победата над Полска со 3:1. Голгетерот на Франција беше стрелец на голот во 43.минута од натпреварот, и тоа беше негов 52.гол за француската репрезентација.

Жиру за триколорите дебитира во 2011 година, и  има одиграно вкупно 116 натпревари.


„Шумарите“„ дотоворија засилување од Палмеирас

Нотингем форест изминатото лето беше во очите на јавноста поради големиот број на фудбалери кои ги купи во еден преоден рок, преку 20. Но, англискиот клуб очигледно тогаш не заврши со купување, па сега во јануари ќе докупи.

Фабрицио Романо вели дека денес Густаво Скарпа ќе пристигне во Англија да ги комплетира медицинските тестови и да потпише договор со Нотингем форест.

Скарпа ќе стави потпис на три ипол годишен договор. Тој доаѓа како слободен играч од Палмеирас.


Флик останува селектор, Германците максимално му веруваат

Ханси Флик нема да добие отказ од германската репрезентација. И Федерацијата и играчите веруваат во него, па затоа нема да има тренерска смена кај Германците до ЕП 2024 година.

Според германските медиуми, прашањето за оставката на 57-годишниот стручњак не се ни дискутира и покрај елиминацијата на германската репрезентација во првата фаза на Светското првенство. Членовите на извршниот комитет на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) се уште му веруваат на Флик. Селекторот е високо ценет од многу играчи на германската репрезентација.

Претседателот на ДФБ, Бернд Нојендорф, очекува Флик што е можно поскоро да го анализира настапот на Германија на Светското првенство во 2022 година и да предложи можни решенија за проблемите во подготовките за домашното Европско првенство во 2024 година.


Челзи нема да го врати Лукаку следното лето

Челзи и менаџерот Грем Потер немаат желба да го вратат Лукаку на „Стемфорд Бриџ“ на крајот на сезоната. Лукаку минатото лето се врати во Интер на едногодишна позајмица, откако претходно влезе во конфликт со тренерот Томас Тухел.

Меѓутоа, Челзи нема намера да го враќа напаѓачот, а од Интер почнале преговори за продолжување на позајмицата.

„Нероаѕурите“ сакаат да ја продолжат позајмицата на уште една година, а и самиот Лукаку сака да остане во Милано.


Реал преговара со Баер Леверкузен за Џереми Фримпонг

Реал Мадрид е заинтересиран за дефанзивецот на Баер Леверкузен, Џереми Фримпонг, пренесуваат шпаските медиуми. Анчелоти сака да ја засили десната бековска позиција и во јануари е спремен да испрати понуда за 21-годишниот Фримпонг.

Фримпонг пристигна во Леверкузен во јануари од Селтик за 11 милиони евра и има договор со „фармацевтите“ до 2025 година.

Играчот е продукт на школата на Манчестер Сити, но не успеа да се наметне кај „граѓаните“, па беше продаден во 2019 година.

Тој во Леверкузен игра одлично и го привлече вниманието на многу европски гиганти, а покрај Реал силен интерес за него покажува и Манчестер Јунајтед. Имено, Фримпонг е голема желба на тренерот на „црвените ѓаволи“, Ерик тен Хаг.


Лејкерси и Чикаго подготвуваат спектакуларна трампа

Лос Анџелес Лејкерс не се откажува од своите амбиции. ЕСПН јавува дека менаџментот планира трејд со кој тимот дополнително ќе се засили во периодот кој следува, веројатно пред Ол стар викендот. Партнер во оваа размена на играчи ќе биде Чикаго Булс од каде Лејкерс сакаат да донесат двајца извонредни кошаркари.

Станува збор за Демар Дерозан и Никола Вучевиќ за кои Булс ќе го добијат Расел Вестбрук и два пика во првата рунда од драфтовите во 2027 и 2029 година. Дерозан и претходно се поврзуваше со Лејкерс, но ниеднаш не успеа да се договори со франшизата од Калифорнија, а Вестбрук долго време е во немилост на навивачите бидејќи не игра на нивото од претходните екипи во кои настапуваше.


Драган Стојковиќ ќе остане селектор на српската репрезентација

Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ, најави дека останува на должноста и покрај неуспехот да го однесе тимот во нокаут фазата на Светското првенство во Катар.

Србија го заврши настапот на Мундијалот со пораз синоќа од Швајцарија (2-3) со само еден бод зад Бразил, Швајцарија (4) и Камерун (4) во групата Г.

Сигурно дека ова не е резултат на кој се надевавме, но имајќи ги предвид сите проблеми кои ги имавме од доаѓањето на турнирот со повредени играчи и недоволна физичка подготвеност, очигледно тоа беа преголеми проблеми за нас. Играчите се бореа колку што можеа, дадоа сè уште од себе, но за ова ниво на натпреварување тоа не е доволно, изјави Стојковиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање дали останува на селекторската клупа, Стојковиќ беше дециден дека не размислува за оставка.

Секако дека останувам, во март ги почнуваме квалификациите за Европското првенство. Сакаме да се најдеме на тоа натпреварување по пауза од 24 години. Ќе бидам далеку по задоволен доколку сите мои играчи бидат здрави, рече Стојковиќ.